Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Изборите во Бугарија, пресвртница или „бизнис како и обично“

Од Софија, со кус осврт на собраниските избори, една седмица пред нивното одржување.

Тони ПОПОВСКИ

Согласно со јавно достапните наоди од неколку последни истражувања на јавното мислење, се прогнозира дека предизборната коалиција на Партијата на промените – ПП и Демократска Бугарија – ДБ (лоцирани во центарот и центар – десно) ќе освои околу 26% од гласовите, следени од предизборната коалиција ГЕРБ – СДС (десница) со околу 25%. Разликата е многу тесна и според анкетите изнесува од половина до еден процентен поен во полза на ПП – ДБ. На третото место се позиционира ДПС (либерална партија за која мнозински се изјаснува турската етничка заедница) со околу 13.5% поддршка, следена од нагласено популистичката и радикална партија – Вазраждане (Преродба) со поддршка од 12.5%, и како последна партија со сигурен влез во бугарското Собрание се издвојува Бугарската Социјалистичка Партија – БСП (левица) со околу 8% поддршка. Преостанатите околу 15% политичка поддршка се распределени помеѓу неколку политички партии и групации, соочени со предизвик да го достигнат изборниот праг од 4% и други помали партии кои нема да го поминат прагот. Притоа, најблиску до прагот е  новата предизборна Коалиција на Левицата со поддршка од 3.5 – 4%, и донекаде партијата Бугарски Подем (наклонета лево) и популистичката „Има Таков Народ“ – ИТН со поддршка од 3 – 3.5%.

Споредено со изборите кои се одржаа во октомври, минатата година, може да се забележи зголемена поддршка само за радикалите од Вазраждане (Преродба) за околу 2% и пад на рејтингот на БСП од над 1%. Другите партии кои се очекува да го состават Собранието, бележат сосема мал пад на поддршката. Новина за овие избори е појавата на Коалицијата на Левицата чиј почетен рејтинг е создаден пред се на сметка на лево ориентираните БСП и Бугарски Подем. ВМРО БНД после неуспешни обиди да воспостави соработка со други партии донесе одлука да ги бојкотира изборите, и да води активна кампања насловена „Не поддржуваме никого“.

Излезноста се проценува на малку над 40% од избирачите, безмалку идентично со претходните избори. Со овој процент на излезност, генерална оценка е дека мотивацијата за учество на граѓаните на изборите е сеуште слаба. Бугарските аналитичари ја атрибуираат ниската излезност на фрагментираната политичка понуда, нејзиниот „квалитет“ и големата политичка поларизација па дури и за стратешки теми и прашања како што се политичкиот систем и правосудните реформи, борбата против корупцијата, односот кон војната во Украина, воведување на еврото, борбата со високата инфлација, темпото на социо-економска обнова и сл.  Од таа причина на престојните избори се гледа првенствено како на политичка битка на страсни и посветени членови и симпатизери на партиите. 

Од своја страна, на зголемена излезност и повидлива позитивна промена на поддршката се надеваат сите партии и политички коалиции.  ПП и ДБ се надеваат на одлука на помладите избирачи да ја дадат нивната поддршка во за ним својствените „пет минути до 12“, а сите други партии дека излезноста но и поддршката за нив ќе се зголеми поради промената на начинот на гласање, сега на хартија во комбинација со машинско гласање, во споредба со претходното само машинско гласање, како промена која наводно повеќе им одговара на повозрасните и највозрасните избирачи.

Доколку нема поголеми отстапувања во конечниот резултат на изборите, според аналитичарите во Бугарија, има две опции пред секоја од двете водечки и силно спротивставени формации. Првата, да се обидат да ги привлечат дел од другите помали партии во идна владина коалиција предводена од нив, но во моментов пречка се нагласените разлики за стратешки прашања, или втората, да се создаде некаков облик на широка влада, политичка или експертска. Се спомнува и опција со малцинска поддршка за редовна влада.  Притоа од анкетите произлегува дека само 5% од членовите и симпатизерите на двете спротивставени водечки коалиции, категорично поддржуваат широка политичка влада, но сепак зависно од анкетното прашање, близу 45% би поддржале компромис, но под одредени услови. Кон компромис се повеќе наклонети членовите и симпатизерите на ГЕРБ – СДС. Од друга страна, половина од испитаниците во анкетите не би поддржале широка политичка влада. Со ваков цврст став повеќе се издвојуваат членови и симпатизери на БСП и Вазраждане (Преродба). Поддршката за формирање на експертска влада е истотака половична.  

Од овие наоди и анализи поизвесно е дека и петтиот по ред собраниски состав нема да успее да обезбеди поддршка за формирање на влада со стабилно мнозинство. Притоа, Бугарија ќе продолжи да биде раководена од техничка Влада именувана од претседателот Румен Радев, се до наредните собраниски избори, најрано во периодот по одржувањето на локалните избори, зажани за наесен. Многумина од аналитичарите, сметаат дека токму локалните избори можат да придонесат за појасен изборен резултат, од причина што прв пат на локален терен ќе се соочат ПП (на кои ова би бил прв излез на локални избори) со ДБ наспроти ГЕРБ – СДС.

До овој момент темата „Македонија“ не се експлоатира како една од приоритетните теми во натпреварот помеѓу најсилните групации. Коалицијата ПП – ДБ под слоганот „Има како (Има начин)“ е фокусирана на теми поврзани со владеење на правото, правосудните реформи и борбата против корупцијата, на зголемување на конкурентноста на бугарската економија преку иновации и осовременување,  со јасна определба за трансформација на Бугарија во современа европска држава,  додека ГЕРБ – СДС како главен политички слоган ја има „Стабилна Бугарија – одново“  во смисла на барање на посилна доверба за да прекине политичката криза, да се избере редовна влада, да се стабилизираат јавните финансии, инфлацијата и должничката спирала но и да се спроведува надворешна политика во заштита на бугарскиот национален интерес.  

Зачлени се на нашиот е-билтен