Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На кого му одговараше пожарот во Расадник?

Соња ТАНЕСКА

Земјава неколку месеци се бори со пожари, изгубивме драгоцени зелени површини, а Скопје пак еден од најзагадените градови во светот, има сѐ помалку кислород, сѐ помалку дрвја, сѐ повеќе згради, исушени и запуштени паркови, голема негрижа од надлежните, оставен сам на себе и запуштен, па не е ни чудно што дозволи да изгори дел од Расадникот во Општина Кисела Вода.

За среќа нема повредени лица, но за дел од граѓаните овој пожар е еден од начините инвеститорите кои имаат купено приватни парцели во овој дел да ги притиснат властите за побрзо донесување на Деталниот урбанистички план и започнување со градба.

Во таквиот вртлог од политички оправдувања, нашата свесност за ургентноста е ставена на тест. Скопје не поседува повеќе слободни површини коишто ќе понудат современи концепти на домување, градски парк, вистински квалитетни јавни простори, а она што најмногу му недостасува му недостасува е чекор со времето, и граѓанска дрскост која нема да отстапи пред невкусот на политичките одлуки за просторот.

Расадникот е последниот слободен простор во Општината Кисела Вода. Изминатите 5 години се реактуелизира неговото урбанизирање, преку предлог-планови што предизвикуваат негодување и страв од урбанистичко фијаско за општината и за градот.

Некои од инвеститорите веќе имаат одобренија и градат според стари планови, а општината со години го ветува, но никако да го исполни. За претходниот ДУП најголемите забелешки беа за површините со зеленило, а последниот предлог пак иако има зелени површини сепак многу бавно се реализира.

Површината на неизградениот дел од Расадник е голема речиси колку површината на Градски Парк. Дел од забелешките на граѓаните се однесуваат и на фактот што наместо нов Градски Парк, кој би им го подобрил значително квалитетот на живот на голем број жители од Кисела Вода, Аеродром и Центар, на оваа локација се гледа само од призма на профит.

Интересен е фактот што конкретно во градска четврт „Расадник“ до 2021 година имало земјиште во сопственост на Република Македонија во износ од 40% и земјиште во приватна сопственост 60%.

Во ноември минатата година општината Кисела Вода одлучи новиот Детален урбанистички план за населбата „Расадник“ да се прави како комбинација од најдобрите решенија од наградените трудови добиени на меѓународниот конкурс. Концептот на новиот ДУП требаше да почне да се изготвува на почетокот на 2024 година, кога на тендер требаше да се избира и планерската куќа, но ништо од тоа не се случи или барем не е транспарентно објавено на страницата на општината Кисела Вода.

Каде се наоѓа Расадникот?

Расадникот е позициониран среде општината и претставува клучен простор за меѓусебно поврзување на урбаните делови на Кисела Вода.

На североисточната страна тој е распослан долж булеварот „Борис Трајковски“ , на југоисток допира до населбата Цементарница, на југ до маалото попознато како „Последна 24-ка“, додека веќе на запад границата ја дефинира истоимената населба Расадник.

Планскиот опфат за градска четврт Ј14 е многу поголем, но центарот на нашето внимание е слободниот простор за којшто треба да се избориме како општество.

Дејноста на овој простор, по земјотресното урбанизирање на Скопје, била планирана за градски парк на долг рок, а сѐ до пред 15-ина години функционираше како овоштарник. Во него се одгледуваа вишни, урми, шипинки, ореви итн. Некои од насадите беа отстранети, додека по процесот на денационализација настапува целосно запуштање на просторот и спонтан развој на флората.

Просторот на Расадникот е дел од „светиот триаголник“ на градски паркови во урбанистичките планови на Град Скопје сѐ до почетокот на 90-тите години на XX век.

По менувањето на општественото уредување во самостојна Република Македонија и движењето кон капитализмот, во 1998 година за првпат беше донесен Законот за денационализација, со којшто државата требаше да го врати имотот национализиран во текот на Поранешна Југославија. Покрај ова, како мерка се даваа и државни обврзници или, пак, одреден вид компензации, доколку постапката за враќање на конкретниот имот е невозможна од различни причини.

Со овие процеси, битката за Расадникот од страна на некогашните сопственици започна. Нема ништо спорно во враќањето на имотите, но желботеката наречена Детален урбанистички план брзо беше разбрана од потенцијалните нови корисници.

Со пропаѓањето на ваквиот тип расадници и нивното запоставување, како и со развојот на градот и неговите потреби, урбанизацијата на овие простори беше неминовна. Во меѓувреме, општеството се стекна со лоши навики и бајат менталитет во којшто процесите во развојот на просторот се препуштија на желбите на поединци, инвеститори, бизнисмени, политичари, додека професионалците имаа улога единствено на коментатори по весниците.

Меѓународен конкурс за идејно решение

Според општинарите од Кисела Вода во ноември 2023 година, два од вкупно пет пристигнати труда, освоија еднаков максимален број на поени и рамноправно го поделија првото место „како најдобар одговор на барањето на Општина Кисела Вода за обезбедување на хумано живеење во населбата Расадник“.

Рамноправниот првонаграден труд на меѓународниот конкурс за Расадник, на тимот на Цомпанакис од Грција.

„Се работи за проекти на проектантска куќа од Хрватска, AG PLANUM doo и од група архитекти од Грција, предводени од Алексиос Цомпанакис, за кои одлучуваше стручната меѓународна жири комисија. Третото место го освоија Team PUPA, Life over space, од Литванија, а беше откупен и еден труд од професори и студенти од Меѓународен Балкански Универзитет од Македонија“, соопштија од Кисела Вода.

Третонаградениот конкурсен труд за Расадник, на “Team PUPA, Life over space”

Конкурсот според нив финализира проект кој претставува своевидна револуција во урбанистичко-архитектонското делување во Македонија.

Сите пристигнати трудови од меѓународниот конкурс имаа над 100.000 м2 зелена површина односно Кисела вода и Скопје добиваат нов Градски парк со површина од над 100.000 м2.

Во однос на станбени објекти вкупната етажна површина за градење со намена домување во неизградениот дел од Расадникот изнесува максимално 192.400 м2.

Претседателот на жири комисијата и декан на Архитектонскиот факултет во Скопје, Огнен Марина, истакна дека Меѓународниот конкурс за Расадник е резултат на еден визионерски и одговорен процес на создавање подобра иднинa за граѓаните на Кисела Вода и Градот Скопје и дека соработката на Општина Кисела Вода со стручната јавност треба да биде добра пракса која треба да ја следат и другите општини. Потоа тој говореше за критериумите од кои се водела жири комисијата и ги објави имињата на наградените.

Првонаграден труд на хрватското студио AG PLANUM, за Расадник во Кисела Вода
Првонаграден труд на хрватското студио AG PLANUM, за Расадник во Кисела Вода

„Жири комисиjата одржа шест седници, на кои врз основа на извештајот за исполнетост на основните услови од објавата на конкурсот, како и исполнетост на проктната задача, со посебен осврт на квантитативните параметри, исполнетост на посебни услови (изводливост, етапност, економичност, конструкција, ускладеност со важечки прописи и други аспекти, донесе заедничка одлука која е афирмативна во процесот на организација и реализација на меѓународниот архитектонско-урбанистички конкурс и соодветна на квалитетот на пристигнатите проекти“, изјави Марина.

Општината не ги спречува градбите

За време на вчерашниот пожар, градоначалникот на општината Орце Ѓорѓиевски посочи дека тој нема да дозволи сомнителни пожари и непрописни градби и дека со новиот ДУП нема да се градат згради во Расадникот, но за жал реалноста е сосема поинаква.

Од општината не дадоа одговор на прашањата на Рацин.мк до каде е изработката на ДУП-от и кога ќе биде објавен тендер. Зошто молчи општината пред медиумските прашања е нејасно, но она што е вистина е и покрај бројните пречки за ДУП-от за Расадникот, сепак општината Кисела Вода во март годинава направила Јавна објава во која ги информира сопствениците на парцели кои граничат со 2777/16 и 2778/1 дека на ден 18.03.2024 година е издадено одобрение за градење на станбена зграда А„ на градежна парцела 1.6 од ДУП Расадник на инвеститори од фирмата ГЛИЦ од Кичево.

Што значи зборот Расадник?

Зборот расадник значи градина во која се одгледуваат растенија за расад. Истоимената локација во Општина Кисела Вода со децении се користеше и за оваа намена, се разбира не целата, но големи делови од Расадник беа токму тоа – плодна земја на која растеа и зимзелени и листопадни дрвца. Факт е дека просторот никогаш не беше уреден онака како што доликува за земјиште на 4 километри од центарот на градот.

Беше оставен, па таму стихијно можеше да се види сѐ и сешто. Освен расадите, на некои делови имаше и има складишта, продажба на дрва за огрев и слично. Ваквата ситуација не можеше да остане како што е. Беше јасно дека овој простор ќе треба да доживее некаков тип на урбанизација. Но, дали под урбанизација во Македонија се подразбира само згради и бетон?

Деталниот Урбанистички План кој беше предложен за парцелите во „Расадник“ во 2020 година предизвика бура од реакции кај граѓаните, а инвеститорите почнаа да купуваат од приватните парцели.

Тогаш предвидената површина за домување беше 943.771 метри квадратни, што е спротивно од Генералниот урбанистички план (ГУП), каде стои дека површината за домување треба да е 260.000 метри квадратни.

Ова го покажа анализата во 2020 година направена од стручни лица, архитекти, урбанисти и правници, пријатели и припадници на иницијативата „За Расадник на можности“, кои тогашниот Детален урбанистички план за Расадник го сметаат за штетен и мегаломански, а проблем било и што сите јавни објекти меѓу кои училиште, градинка, како и јавното зеленило се ставени под или во непосредна близина на постојните далноводи, што значи невозможност на нивна изградба во блиска иднина.

Во анализата на Иницијативата се вели дека согласно параметрите од ГУП-от за Ј14 Расадник, минималната површина под јавно зеленило е 1.56 хектари додека со деталниот план се предвидени 0,47 хектари што е под долната граница на ДУП-от за 1,09 хектари. Делот на Расадникот кој не е изграден е со вкупна површина од 32 хектари од кои 60% или 18.000 метри квадратни се во приватна сопственост додека 14.000 метри квадратни се во државна сопственост. Во ДУП-от има промени на намени, па наместо постоечки фабрики и други капацитети сега се предвидуваат десетици станбени згради. Сите јавни објекти меѓу кои училиште, градинка, како и јавното зеленило се ставени под или во непосредна близина на постојните далноводи, што значи невозможност на нивна изградба во блиска иднина.

Што точно му треба на Расадникот

Здружението на архитекти во својата анализа „Расадникот – последното упориште за борбата за Скопје“ ги посочуваат најзначајните работи кои се потребни за Расадникот во Кисела Вода:

-Градски парк со квалитетни содржини – најмалку 30 % од слободниот простор;
-Спортско-рекреативен центар за фудбал, тенис, кошарка, ракомет, одбојка;
-Пешачки авении, плоштади, пјацети;
-Поликлиника;
-Полиција;
-Пожарна:
-Образовни институции: градинки, училишта итн.;
-Трговско-деловни содржини;
-Квалитетно станбено домување во комплекси.


Зачлени се на нашиот е-билтен