Како што се чини, вчерашната одлука на амбасадорите на земјите членки на ЕУ Албанија да ги продолжи преговорите за полноправно членство во ЕУ со следната меѓувладина конференција за оваа земја на 15 октомври во Луксембург, кога е предвидено да се отвори првото поглавје – Темелни вредности, „Францускиот предлог плус“ стана голем минус, Албанија излезе, Македонија остана во чекалната.
Одлуката на амбасадорите во пракса значи одвојуање на Албанија од Северна Македонија во процесот на пристапни преговори со Европската Унија, откако двете држави во јули 2022 година ги одржаа првите меѓувладини конференции по што го почнаа процесот на скрининг.
Според тоа, „Француски предлог плус“ со кој македонската делегација замина во Брисел пред една недела за да бара согласност на ЕУ за одложено дејство на уставните измени – не помина.
Иако „Францускиот предлог плус“ во форма на документ за одложена примена уставните измени нема, за неговата содржина се разговарало со европските партнери на последната средба во Брисел.
Во изјава после средбите во ЕУ, Муцунски посочи дека со претставниците на ЕУ се дискутирало и за дел од овие прашања и дека дијалогот продолжува.
Дека Албанија излегува од пакетот со Северна Македонија најави еврокомесарот Вархеји кога на 9 септември рече дека „во октомври се очекува да се одржат меѓувладини конференции со Србија и Албанија и – можеби со Северна Македонија“.
Со оваа своја изјава Вархеји го навести она што одамна беше најавувано дека заради блокадата на постапката за уставни измени како услов за втората Меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ, Албанија ќе ги продолжи преговорите за членство надвор од пакетот сo Северна Македонија, како што досега беше вообичаено.
Во анализата на Рацин.мк за ова говореа и познавачите на овие процеси Симонида Кацарска од Институтот за Европски политики и Андреја Стојковски од Институтот Преспа.
Комесарот Вархеји, рекоа аналитичарите, очигледно ни го кажува она за кое што веќе подолго време зборуваат во некои од главните градови од државите-членки, а тоа е дека ако во Северна Македонија нема желба за напредок, тогаш парот кој до сега постоеше треба да се раздели за Албанија да не биде жртва на таквото заостанување.
Стојковски потсети дека согласно преговарачката рамка и т.н. „Француски предлог“, втората меѓувладина конференција и отворањето на првиот кластер на поглавја зависи од усвојувањето на уставни амандмани и внесувањето на Бугарската етничка заедница во преамбулата на Уставот на државата.
„Без уставни измени, условите нема да бидат исполнети. Оттаму, нема можност за свикување на конференцијата, но и за напредување на Северна Македонија во процесот. Ако се има предвид дека другите држави, во овој случај Албанија, се подготвени и можат да продолжат, Комисијата очигледно смета дека нема потреба од натамошно чекање на добра волја кај новата власт во Скопје“, вели Андреја Стојковски од Институтот Преспа.
На таа линија е Симонида Кацарска која вели дека „многу веројатно е дека Албанија ќе ја одржи втората меѓувладина конференција на есен и со тоа формално ќе се раздвоиме во процесот на пристапување“.
И од Министерството за европски прашања за Рацин.мк рекоа дека „доколку Албанија ги исполни нивните услови од Преговарачката рамка и ги пресретне одредниците за отворање на кластерот Фундаменти, процесот ќе го продолжат понатаму, согласно новата методологија од 2020 годона и Преговарачката рамка од 2022 година“.
За потсетување, од политички агол, извесен период за Северна Македонија и Албанија преовладувше став дека треба да одат пакет во евроинтергативниот процес. Во некои моменти ние бевме пред Албанија во имплементацијата на обврските, а во некои тие беа пред нас. Од јули 2022 година, кога имавме Меѓувладина конференција и тие и ние во ист ден, на 19 јули, Северна Македонија има своја Преговарачка рамка и услови за продолжување на преговорите, а Албанија имаме нивна Преговарачка рамка и услови за исполнување. Заедно ги отворивме преговорите и заедно поминавме низ скрининг процесот, објаснувачкиот и билатералниот.
До тука процесот одеше во пакет. Но, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го блокираше единствениот услов за продолжување на преговорите, уставните промени за внесување на бугарското малцинство во Уставот, на предводникот на таа блокада, а сега премиер Мицкоски, не му останува ништо друго освен во Брисел да ја проголта кнедлата „Албанија напред, Северна Македонија стоп“.