Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Албанија напред, Северна Македонија стоп?

Зоран БОЈАРОВСКИ

На почетокот на оваа недела Министерството за надворешни работи и за надворешна трговија (МНРиНТ) на Северна Македонија организираше брифинг за новинарите за да ги запознае со агендата и целите на посетата на премиерот, Христијан Мицкоски, на шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски и на министерот за европски прашања Орхан Муртезани на Брисел, на 18 и 19 септември за да разговараат за уставните измени и правното толкување на заклучоците на Европскиот совет во кои се наведува дека Македонија нема да продллжи во втората фаза од преговорите за членство без уставни измени за впушување на Бугарите во него.

Според тоа што било кажано на брифингот, македонската делегација заминува за Брисел со нешто што тие го нарекуваат „Француски предлог плус“ со кој ќе се бара согласност на ЕУ за одложено дејство на уставните измени.

Но, ова е многу интересно: „Француски предлог плус“ во форма на документ за одложена примена уставните измени нема да има, ама за неговата содржина веќе се разговарало со европските партнери и досега предлогот ниту е прифатен, ниту отфрлен.

Зошто нема документ со наслов „Француски предлог плус“, не објаснуваат, но многу веројатно е тоа така бидејќи таков предлог плус во Брисел нема да помине па зошто да се троши хартија кога во ЕУ имаат политика на нехартиена комуникација за заштитат на природата.

Симонида Кацарска од Институтот за Европски политики

Освен тоа,во моментот на посетата на нашата делегација клучното прашање во Брисел на агендата ќе биде дискусијата за новиот состав на Европската Комисија кој го предложи Урсула Вон дер Лајен, вели за Рацин.мк Симонида Кацарска од Институтот за Европски политики, што укажува дека ЕУ си има свои грижи во моментот.

Она што е, вусшност, суштинската причина за посетата на Брисел е повикот на еврокомесарот за проширување Вархеји земјите кандидати за членство да реферираат до каде се со реформите и обврските преземени во процесот за евроинтеграција. Од тоа ќе биде јасно за кои од нив ќе биде организирана  Меѓувладина конференција која се свикува после секоја фаза од преговорите кога тоа што е „штиклирано“ како усогласено со преговарачките рамки за секоја земја, влегува во Договорот за пристапување како завршена работа и се договараат обверските што треба да бидат исполнети во наредната фаза.  

Кога Вархеји ја соопшти оваа своја намера на 9 септември рече дека „во октомври се очкеува да се одржат меѓувладини конференции со Србија и Албанија и – можеби со Северна Македонија“.

Со оваа своја изјава Вархеји го навести она што одамна беше најавувано дека заради блокадата на постапката за уставни измени како услов за втората Меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ, Албанија ќе ги продолжи преговорите за членство надвор од пакетот сo Северна Македонија, како што досега беше вообичаено.

Може ли Македонија да ја одмине кнедлата „Албанија напред, Северна Македонија стоп“?

За познавачите на овие процеси како што се Симонида Кацарска и Андреја Стојковски од Институтот Преспа, комесарот Вархеји очигледно ни го кажува она за кое што веќе подолго време зборуваат во некои од главните градови од државите-членки, а тоа е дека ако во Северна Македонија нема желба за напредок, тогаш парот кој до сега постоеше треба да се раздели за Албанија да не биде жртва на таквото заостанување.

Стојковски потсетува дека согласно преговарачката рамка и т.н. „Француски предлог“, втората меѓувладина конференција и отворањето на првиот кластер на поглавја зависи од усвојувањето на уставни амандмани и внесувањето на Бугарската етничка заедница во преамбулата на Уставот на државата.

Андреја Стојковски / Фото: Слободен печат - Драган Митрески
Андреја Стојковски, Институт Преспа

„Без уставни измени, условите нема да бидат исполнети. Оттаму, нема можност за свикување на конференцијата, но и за напредување на Северна Македонија во процесот. Ако се има предвид дека другите држави, во овој случај Албанија, се подготвени и можат да продолжат, Комисијата очигледно смета дека нема потреба од натамошно чекање на добра волја кај новата власт во Скопје“, вели Андреја Стојковски од Институтот Преспа.

На таа линија е Симонида  Кацарска која вели дека „многу веројатно е дека Албанија ќе ја одржи втората меѓувладина конференција на есен и со тоа формално ќе се раздвоиме во процесот на пристапување“.

Оттаму сосема реална е и одговорот на Министерството за европски прашања од каде што за Рацин.мк рекоа дека „доколку Албанија ги исполни нивните услови од Преговарачката рамка и ги пресретне одредниците за отворање на кластерот Фундаменти, процесот ќе го продолжат понатаму, согласно новата методологија од 2020 годона и Преговарачката рамка од 2022 година“.

За потсетување, од политички агол, извесен период за Северна Македонија и Албанија преовладувше став дека треба да одат пакет во евроинтергативниот процес. Во некои моменти ние бевме пред Албанија во имплементацијата на обврските, а во некои тие беа пред нас. Од јули 2022 година, кога имавме Меѓувладина конференција и тие и ние во ист ден, на 19 јули, Северна Македонија има своја Преговарачка рамка и услови за продолжување на преговорите, а Албанија имаме нивна Преговарачка рамка и услови за исполнување. Заедно ги отворивме преговорите и заедно поминавме низ скрининг процесот, објаснувачкиот и билатералниот.

До тука процесот одеше во пакет. Но, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го блокираше единствениот услов за продолжување на преговорите, уставните промени за внесување на бугарското малцинство во Уставот, на предводникот на таа блокада, а сега премиер Мицкоски, не му останува ништо друго освен во Брисел да ја проголта кнедлата „Албанија напред, Северна Македонија стоп“.

Плус или минус, домашната задача мора да си ја завршиме

Навистина, има ли шанси оваа „кнедла“ да биде избегната. Нашите соговорници велат: Ако не си ги завршиме обврските – невозможно.

„Францускиот предлог плус“ е креиран со таа цел, но ние немаме многу информации за концептот на Владата кој деновиве се нарекува француски предлог+, вели за Рацин.мк Симонида Кацарска од Институтот за европски политики.

„Покрај тоа што се предлага одредена форма на одложено дејство на уставните измени, повторно се става на маса прашањето за гаранции околу билатералните прашања. Иако во ЕУ ги признаваат билатералните спорови како предизвик во процесот, истовремено методологијата од 2020 година им овозможи на државите членки зголемена улога во преговорите. Покрај тоа што секако е добро нашата Влада да биде присутна во Брисел, тешко ми е да го видам сценариото во кое Бугарија набргу прави отстапка за да може да се одржи меѓувладина конференција и со Скопје“, посочува Кацарска.

Андреја Стојковски е уште покатегоричен и вели „нема таква можност и имам повеќе причини за овој став“.

„Првата, условот за нашето напредување е содржан во Преговарачката рамка која ја усвои Советот на ЕУ со консензус. Промената на Рамката подразбира повторно консензус. Со други зборови за да ја промените преговарачката рамка ќе биде потребно да се согласат сите држави-членки, како и да не истакнат нови услови кои ќе станат дел од рамката. Преговараме со 27 држави, што процесот го усложнува“, предупредува Стојковски од Институтот Преспа.

Дополнително, вели Стојковски, заостануваме во реформите и убедувањето на државите-членки да прифатат измена на рамката ќе биде многу потешко, ако истовремено не покажеме напредок во процесот и во потребните реформи. Дополнително, после 2 години од првата меѓувладина конференција и 4 од отворањето на преговорите државата и натаму нема структура за водење на преговорите, во која е вклучено граѓанското општество и која го гарантира процесот на градење на општествен консензус за потребните реформи.

Како трета причина Андреја Стојковски ги наведува односите со соседите.

„Покрај спорот или проблемот со Бугарија, Владата го оживеа и оној со Грција, за кој сметавме дека сме го затвориле со Преспанскиот договор. Згора на тоа, пропуст или слабост на институциите да се справат со задачите направи кратко спој и во односите со Косово. Додека, последната изјава на претседателот на Уставниот суд за Законот за јазиците може да ни отвори уште еден спор со Албанија. Добрососедските односи се клучни за натамошно напредување и можат лесно да се најдат како нов услов кој не мислам дека ни треба“, предупредува Стојковски.

Апсурдно е Владата да очекува државите-членки да прифатат измена на преговарачката рамка, а Собранието сѐ уште ја нема ниту прифатено потребата за изменување на уставот, посочува Стојковски.

„Станува збор за преговори во кои ние нема да можеме да бидеме жртва на соседите, туку ќе мораме да понудиме нешто за возврат. Притоа, усвојувањето на уставните амандмани кои ќе важат по одреден број на години, можеби некому му се чини прифатливо и доволна жртва, но како што стојат работите, не мислам дека ќе биде доволна за сите 27 држави членки. Најмалку што може Собранието и оваа Влада да сторат е да го прифатат предлогот за измена на уставот, пред воопшто да се појават на преговори“, укажува Андреја Стојковски од Институтот Преспа.

Од Министерството за европски прашања во одговорите за Рацин.мк оставаат можност за искра надеж којашто ја поврзуваат со унгарското претседавање со ЕУ.

„Доколку до декември оваа година, за време на Унгарското претседавање има напредок во нашиот процес кој би обезбедил услови за отворање на кластерот Фундаменти, во тој случај би се создале услови и за Меѓувладина конференција“, велат од МЕП.

Што ќе се случи ако Брисел го одбие барањето на Мицкоски?

Соговорниците на Рацин.мк на оваа тема велат дека во манирот на европската дипломатија, во Европската комисија во Брисел ќе ја сослушаат македонската делегација и нивниот предлог плус. Тоа е во согласност и со изјавите на некои од лидерите од кругот земји членки на ЕУ што припаѓаат на Европската народна партија или што политички блиски на десно-центристичките идеологии како што Унгарија, Италија и можеби Хрватска. Некои владини претставници на овие земји рекоа „прво да го видиме предлогот на македонската страна“, како што рече министерот за надворешни работи на Италија Тајани.

Но, нашите брифери велат дека тоа ќе остане на тоа и ништо повеќе. Приказни за мали деца се дека Бугарија и Грција ќе го сменат својот став за ова прашање, како што е приказна за мали деца и замислата дека лидерите на овие две земји, кога ќе дојде време за гласање, ќе оделе да пијат кафе во бифето во зградата на Европската комисија.

Суровата реалност е дека на 19 септември на делегацијата на Владата на Северна Македонија ќе ѝ биде кажано да се вратат дома и да си ја завршат „домашната работа“ и, во најдобар случај, до крајот на годината да се вратат назад со спроведени уставни измени. Во меѓувреме да гледаат да не ги продлабочат разликите со соседите, особено со Бугарија и Грција.

„Ќе има огромен број на наши граѓани кои ќе бидат колатерална штета на политиката на жртва и на тоа што живеат во некаков паралелен универзум во кој ги сместија или не сместија нашите политички лидери. Тоа ќе придонесе за многу поголемо продлабочување на поделбите во општеството и секако за пад на довербата во ЕУ, како и за дополнително јакнење на некои други ‘мрачни’ сили“, вели за Рацин.мк Андреја Стојковски од Институтот Преспа.

Мицкоски за Брисел заминува со Програма Плус, а ќе се врати со голем минус. А погледот надвор од ЕУ е навистина загрижувачки и затоа е подобро, колку што може поскоро, да ја затвориме таа врата зад нас.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново