Покрај претставниците од ЕУ, на средбата присуствувале и претставници од Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка како и други институции инволвирани во развој на транспортната мрежа во регионот и Европа. За да им биде јасно на поканетите дека не може туку така да си играат со парите на европските граѓани.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски ги избегна шамарите на Брисел, и ги испрати да ги примат неговиот државен секретар Стефан Волкановски и директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски.
Тоа е епилогот на неговата, и на премиерот, авантура да го „заобиколат“ Коридорот 8 и целиот свој фокус да го свртат на 10-ката зашто тоа е интересот на нивниот заемодавател Виктор Орбан.
Заемопримателите го примија соопштението од Брисел на знаење испорачано со јасни политички пораки.
„Комисијата го поздравува повторното потврдување на посветеноста на Бугарија и Северна Македонија на Коридорот 8, што ја покажува подготвеноста за регионална соработка која е од суштинско значење за иднината на двете земји. Источниот дел од Коридорот 8 ги поврзува Северна Македонија и Бугарија и е дел од Западен Балкан – европскиот коридор на Источен Медитеран и главен проект на Глобалната порта на ЕУ. Со финансиска помош од ЕУ за подготовка на проекти и инвестициско кофинансирање според Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, Северна Македонија и Албанија ги надградуваат постојните линии и ги градат алките што недостасуваат долж Коридорот“, стои во соопштението.
Брисел го истакнува значењето на Коридорот 8, посочувајќи дека станува збор за критична железничка врска за целиот регион и ЕУ, кој ќе донесе побрз пренос на стоки и патиници, како и зголемување на мобилноста, пристап на пазарот и конкуретноста на Западен Балкан.
И за тоа ЕУ определи сериозна количина пари кои нашиве итромани мислеа дека, како некои железнички скретничари, ќе ги насочат на Коридорот 10.
И уште ја искористија таа нивна амбиција да ги влошат односите со Бугарија откако вицепремиерот и министер за транспорт на земјава, Александар Николоски отворено се спротивстави на продолжувањето на изградбата на третата делница (Крива Паланка – Деве Баир), обвинувајќи ја Бугарија дека нема проект за Коридорот.
Од сите релевантни страни им стигнаа пораки дека тоа е невозможно, а минатата недела во Брисел, секако, му било кажано и на премиерот.
Ги потсетиле и на потписот на министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој заедно со неговите колеги од Италија, Албанија и Бугарија, на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули оваа година, потпишаа Писмо за намери за воспоставување усогласен коридор за воена мобилност во рамките на Паневропскиот Коридор VIII, за потребите на Алијансата.
Затоа беше организирана брза посета на Брисел за да се затвори прашањето за Коридорот 8, ама на средбата Николоски ги испрати државниот секретар и директорот на МЖ Инфраструктура. За да си ја зачува суеатата.
Покрај претставниците од ЕУ, на средбата присуствувале и претставници од Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка како и други институции инволвирани во развој на транспортната мрежа во регионот и Европа. За да им биде јасно на поканетите дека не може туку така да си играат со парите на европските граѓани.
Сега на Николоски не му останува ништо друго освен да копа тунел.
Ќе копаат тунел и од бугарската страна бидејќи и тие имаат путер на главата и ќе мора да си ја завршат домашната задача.
На состанокот од страна на претставниците од Бугарија е истакнато дека во овој момент нема проект на кој би работеле на доизградба на железницата до границата со Македонија и изградба на тунел, но е изразена подготвеност да започнат со изработка на проект кој би бил готов во 2026 година.
Се разбира дека ќе биде изразена и на средбата е заклучено двете страни да остварат уште една работна средба на крајот на овој месец со детали околу заедничката реализација на овој проект.
До крајот на овој месец, им рекле.
Ние сме единствена држава што од претпристапни фондови имаме добиено 50 отсто од парите за финансирање проекти, а за третата делница од пругата кон Бугарија, која е од Крива Паланка до граница, добивме 155 милиони евра од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, што е надополнување на претходните 61 милион грант од програмата ИПА 2, или вкупно 216 милиони евра за проект со проценета вредност од 405 милиони евра.
Изградба на првата фаза односно делницата од Куманово до Бељаковце во должина до 31 километар е во вредност од 40 милиони евра, додека пак од Куманово до Крива Паланка и во следна фаза до границата со Бугарија е инвестиција од преку 700 милиони евра.