Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Цените на становите нема да се намалат поради скапите материјали за градба

Последните години има енормна експанзија на новоградби, кои, според укажувањата на градежниците и на агенциите за недвижности, се трошат како алва. Цените на становите во земјава континуирано растат, а познавачите велат дека нема можности да се намалат поради високите трошоци, пред сѐ, за материјали и за работна рака.

Во Македонија, иако сме мала и послабо економски развиена земја, цените на недвижностите во последниве години имаат вртоглав раст. По наглиот пораст, кој се случи по ковид-пандемијата, и годинава се регистрираат повисоки цени кај недвижностите.

Во третиот квартал цените на недвижностите се зголемиле за осум проценти, што е пониско во споредба со вториот квартал кога цените на имотите пораснаа за 11 проценти, во согласност со податоците на Народната банка.

Па така покрај новите станови кои во зависност од локацијата достигнуваат и цена од 1.200 до 4.000 и повеќе евра за метар квадратен, високи цени држат и старите станови.

Сепак, и покрај растот на цените на становите, инволвираните велат дека интересот за купување не стивнува, особено на помали станови меѓу 50 и 60 квадратни метри. Иако пописот на населението од пред две години покажа дека од вкупно 839.174 стана, 531.987 или 63,4 отсто се населени, а 307.187 или 36,6 отсто се ненаселени, ова не е пречка луѓето и понатаму да купуваат станови со несмален интензитет.


Професорот Борче Треновски неодамна објасни дека ковид-кризата и периодот по неа предизвика зголемен интерес за инвестиции во недвижности, кои важат за сигурен пласман на парите на граѓаните.

– Иницијалните сигнали за пораст на цените на недвижностите почнаа од крајот на 2021. Период кога беа ниски приносите на штедењето (каматите), а пристапот до кредити беше можност да се задолжиме полесно и поевтино, поради што и луѓето ги гледаа недвижностите како поволна инвестициска алтернатива. Ковид-пандемијата дополнително ја зголеми побарувачка за недвижности. За време на пандемијата, граѓаните се воздржуваа од трошење, што доведе до пораст на нивните заштеди, па често со одложен ефект се бараа алтернативи за инвестирање, една е недвижниот имот. Енергетската криза и војната во Украина влијаеја на инфлација и во услови кога паричните средства ја губат својата вредност додадоа масло на огнот и значајно стимулираше побарувачката за недвижности во нашата земја – укажува Треновски.


Професорот појасни дека секој што имаше определена заштеда во периодот по кризите почна да размислува за вложување во недвижност, а оние што немаа доволно ги комбинираа своите заштеди со станбени кредити. Кон ова придонеле и инвестиции на одредени субјекти што купуваат станови за изнајмување, но и поради купувањето на становите од страна на странски граѓани.

Новиот раст на цените низ Европа создава недостиг од станбен простор

Состојбите не се поразлични ниту кај нашите соседи. Цените на недвижностите се во континуиран раст, а би се рекло дека најголем подем имаат во Белград. Таму цените на недвижностите на најатрактивните локации достигнаа и до 9.000 евра за квадратен метар. Од друга страна, според српските медиуми, на периферијата на градот може да се купи недвижен имот по цена и од околу 1.000 евра. Раст на цените има и во соседна Албанија и Косово, иако и овие земји се соочуваат со масовно иселување и празни станови.

Слична ситуација се забележува и низ европските земји. Деновиве сме сведоци на протестите што се одржуваа низ Шпанија поради, како што посочуваа самите организатори, енормниот раст на цените на недвижностите, но и на цените за изнајмување на станови, што, според нив, се должи на масовниот туризам. Но проблемот не е забележан само во Шпанија, напротив, голем дел од земјите, како Франција, Англија, Германија, се соочуваат со недостиг од станбен простор.

Граѓаните се соочуваат со тешкотии да најдат соодветен „дом“. Дел од нив се соочуваат со превисоки цени за купување на недвижностите, додека друг дел со превисоки кирии.

Последните статистики од Евростат покажуваат дека во вториот квартал од 2024 година, цените на куќите, мерени со индексот на цените на куќите, се зголемиле за 1,3 процент во еврозоната и за 2,9 отсто во ЕУ во споредба со истиот квартал од претходната година.

– Меѓу земјите членки, шест покажаа намалување на цените на куќите во вториот квартал од 2024 година, а дваесет забележаа годишен пораст. Најголеми падови се регистрирани во Луксембург со намалување од 8,3 отсто, Финска со пад на цените за 4,8 проценти и Франција каде што куќите поевтиниле за 4,6 отсто. Од друга страна, најголем пораст е забележан во Полска, каде што домовите поскапеле за 17,7 проценти, потоа Бугарија, каде што зголемувањето е за 15,1 отсто. Голем раст е регистриран и во Литванија, каде што има пораст на цените за 10,4 проценти и Хрватска, каде што поскапувањето е точно 10 отсто – соопшти неодамна Евростат.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново