Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

120 години од книгата „За македонцките работи“ на Мисирков, борецот со мисла и перо

Во рамки на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои се одржуваат во светлината на јубилеите по повод 70 години од основањето на Институтот и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Мисирков денеска ќе се одржи VIII меѓународна научна конференција „Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања“.

– Крсте Мисирков е основоположникот на современиот македонски јазик и правопис. Тој е автор на првата македонска книга за македонски јазик и правопис, тој е борец со мисла и перо, тој е член на Македонскиот револуционерен комитет. Крсте Мисирков не е случаен човек. Се образувал на врвни универзитети. Тој е историчар кој ги постави темелите на современата македонска национална историја, човекот кој учествуваше во развојот на македонската национална свест, се зборовите на директорката на ИМЈ проф. д-р Еелна Јованова – Грујовска, искажани на промоцијата на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“на  публицистот, политиколог и новинар на Македонското радио – Радио Скопје, Свето Стаменов.

Како што потенцираше на промоцијата директорката на Институтот, книгата „За македонцките работи“ колку и да била забранувана, сепак на еден или на друг начин имала влијание и врз кодифицирањето на македонскиот јазик.

– Ќе кажеме дека Крсте Мисирков е етнограф и активен македонски политичар и дипломат и публицист. Крсте Мисирков е македонски интелектуалец кој е во служба на македонскиот народ. Мисирков се појавува во времето на најсилните пропаганди на соседите кои се обидуваат да го разнебидат македонскиот народ и македонската земја. Мисирков успева во тоа, а доказ за тоа е македонската држава и македонскиот стандарден јазик, истакна директорката на ИМЈ проф. д-р Еелна Јованова – Грујовска.

Крсте Петков Мисирков е основоположник и кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис и на автохтоноста на македонската национална свест, револуционер и бескомпромисен борец против туѓите пропаганди и за македонска национална афирмација.

– Крсте Петков Мисирков – филолог, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално – политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво, автор и издавач на првото списание на современ македонски јазик „Вардар” и на македонската „златна” книга „За македонцките работи” која, пред сè, е одраз на неговата бескомпромисна борба за самостојноста на македонскиот народ токму во времето на најжестоките пропаганди на соседните држави, но уште повеќе, дело од непроценлива вредност за македонскиот народ во неговата вековна борба за слобода и за создавање сопствена македонска држава и сопствен македонски литературен јазик. Но, и книга која претставува „македонска национална програма“, која е актуелна и денес, 120 години по нејзиното објавување, наведува авторот Стаменов во второто издание на неговата книга „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“.

На денешниот настан во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, се најавени и обраќања на претседателот на државата Стево Пендаровски, на директоркат на Институтот Елена Јованова-Грујовска и на претседателката на МОО Лидија Тантуровска.

Програмата на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска ја предвидува и промоцијата на Зборникот од VII мeѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“. Промотор ќе биде проф. д-р Лидија Аризанковска.

Треба да знаете
Moже да ве интересира