Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Аналитичари: Национализмот ќе ги загуби изборите, ќе добие силен удар од проевропските и проамериканските сили

„Meѓуетничките тензии се најлошиот и најопасниот начин во развојот на едно општество кое тежнее да организира демократска и безбедна држава. Минатото ни кажува дека честопати меѓуетничките тензии доведуваат до конфликтни ситуации со трагични последици. Ако сакаме да учиме од минатото, кај нас и во бившите југословенски републики, тогаш неразумно и опасна авантура е да се печалат изборни резултати со национализам и омраза кон другиот кој има различна етничка и политичка припадност“.

Ова е заклучокот на политичките аналитичари, анализирајќи ја изборната реторика на политичките партии, со посебен акцент на националистичкиот наратив на опозициските партии.

Исмет Рамадани

– За жал, ВМРО-ДПМНЕ и на овие избори настапува со истата реторика, национализмот кој во главно е вперен кон Албанците со додавање и криење под плаштот на ДУИ. Тие во континуитет, секое барање на Албанците за активно учество и во највисоките функции во државата во насока за преземање на одговорност го карактеризираат како нешто што ја загрозува истата,по нивно со задни намери за македонскиот народ. Ваквите ставови посебно ги нагласуваат кога се во опозиција, интензивно пред избори, и ако ја освојат власта тогаш со тие Албанци во коалиција градат братски матни деловни односи. Така беше во минатото, а истото може да продолжи и во иднина – со забавување на европските интеграции и мирување односно ставање под тепих на национализмот кој се активира во дадена ситуација, изјави за „Фронтлајн“ Исмет Рамадани од Евроатланскиот совет на Северна Македонија.

Според него, овој начин на дејствување на ВМРО-ДПМНЕ веќе е препознатлив и нема да им помине со Албанците кои денес се на многу повисок ниво на политичка, културна и образовна позиција.

– Тие мора да разберат дека нивниот национализам и антизападен однос се смета како наивен и примитивен начин на политичко дејствување. Не можам да го разберам фактот, како нивните поддржувачи, особено тие кои поседуваат интелектуална мисла, не им укажуваат дека национализмот насочен кон Албанците денес е беспредметен и ништовен. Веќе е скоро сигурно дека политичките субјекти и другите општествени чинители кои се спремни да соработуваат врз основа на добри меѓуетнички односи ќе градат здрава и хармонична иднина на државата. ВМРО и другите политички чинители треба да разберат дека немаат толку негативен капацитет за да ја загрозуваат евроатланската перспектива на државата, нагласи тој.

Сигурно, вели Рамадани, е дека ќе бидат поразени, ако продолжат со ваков наратив.

– Најискрено им порачувам на ВМРО и на сите политички субјекти, без разлика на нивната етничка и партиска припадност да не го употребат национализмот во меѓуетничките односи за некакви ситни опасни предизборни поени. Залудно е, на крајот губиме сите, потенцира тој.

Петрит Сарачини

Петрит Сарачини, истражувач и претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, вели дека за жал, стана вообичаено во земјава пред избори да има обиди за зголемување на меѓуетничките тензии.

– Од самостојноста на Македонија па наваму, најчесто тоа го правела партијата ВМРО-ДПМНЕ кај македонскиот политички кампус, а во последно време гледаме уште позасилена таква реторика и кај партијата Левица но и кај други, претежно десни или радикални политички партии и движења. Но, и кај албанскиот политички кампус низ годиниве сме забележале заострена етничка реторика кај неколку политички опции. Веројатно овие партии сметаат дека национализмот и етничките прашања и антагонизирање на гласачите може да им донесат повеќе гласови на изборите. Тоа е многу погрешно, затоа што на сметка на тесните партиски интереси се загрозува државниот интерес, јавниот интерес и стабилноста на земјата, изјави Сарачини за „Фронтлајн“.

Овој пристап, додава тој, му припаѓа на минатото и не носи никому ништо добро, без оглед на припадноста.

– Наместо ваква реторика, партиите треба да се фокусираат на решенија кои ќе бидат во полза на сите граѓани. Само така земјава има шанси за подобра иднина, подвлече Сарачини.

Политикологот Благојче Атанасоски смета дека реториката на ВМРО-ДПМНЕ како десноцентристичка партија, честопати навлегувала во национализам, кои тие го претставуваат како своевиден автентичен македонски патриотизам.

Благојче Атанасоски

– Веројатно сметаат дека ќе им донесе тоа дополнително политички поени предизборно. Сепак во држава која е мултиетничко општество, е многу ризично вие да калкулирате со добивање на предизборни политички поени врз база на разгорување на меѓуетничките односи, бидејќи долгорочно тоа може да предизвика нестабилност во целото општество и да се рефлектира создавајќи политичка, но и меѓуетничка криза, изјави Атанасоски за „Фронтлајн“.

Во 1990 година тогашната Социјалистичка Република Македонија ги одржа првите слободни повеќепартиски избори. Наместо од една партија, како претходно, граѓаните можеа да избираат меѓу 18 политички партии. Три децении подоцна, во земјава има 65 политички партии со најмалку 400.000 партиски членови. Според официјалните податоците во Северна Македонија постојат 65 политички партии.

Дестан Јонузи (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира