Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
По првиот дел, во вториот дел од анализата, ќе ја согледаме поврзаноста на теориите на заговор за „бугаризација“, дезинформациите за македонскиот јазик, дезинформациите и медиумските манипулации за почетокот, отворањето и продолжувањето на преговорите со ЕУ, историските дезинформации и манипулации, како и етнонационалистичките наративи, митови, и теории за заговори за „Голема Бугарија“ и „Голема Албанија“ во контекст на уставните измени. Ќе ја согледаме и улогата на медиумите во некритичкото ширење на дезинформации, манипулации и теории на заговор, во врска со уставните измени.
2.1. Теориите на заговор за „бугаризација“ со уставните измени
Дезинформациските наративи кои содржат теории на заговор за „бугаризација“ беа пропагирани од лидерите на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ во контекст на „францускиот предлог“ и отворањето на преговорите со ЕУ.[i] Откако Собранието ги усвои заклучоците за „францускиот предлог“, Мицкоски обвини за „предавство чиј план е асимилација и бугаризација на македонскиот народ“.[ii] Опозицискиот дискурс против „бугаризацијата“ во контекст на „францускиот предлог“ беше зајакнуван и радикализиран и од проруски политичари.[iii]
Политичките наративи за „бугаризација“ беа пропагирани и во контекст на уставните измени во 2023 година, од најразлични актери, но многу помалку од претставници на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа наиде на критики од страна на премиерот Димитар Ковачевски, кој јавно укажа дека се променила „реториката на ВМРО-ДПМНЕ дека се прави бугаризација, асимилација…“.[iv]
Премиерот Ковачевски ја критикуваше и ланската „хистерија за наводна бугаризација“ која „веќе не постои во јавниот дискурс, освен од неколку платени руски ботови…“.[v]
Меѓутоа, како што ќе видиме, изразот „бугаризација“ беше и е составен дел од медиумскиот и јавниот дискурс во контекст на процесот на уставни измени, и покрај пропагандниот пресврт, што и поранешни министри на ВМРО-ДПМНЕ почнаа отворено да го разоткриваат митот за „бугаризација“.[vi]
На пример, емисијата „Детектор“ на ТВ Сител во мај 2023 акцентираше податок од анкета дека „62% од Македонците сметаат дека преговарачката рамка е вовед во бугаризација на Македонија“ (50,9% од анкетираните),[vii] која погрешно ја претставува преговарачката рамка на ЕУ, како „преговарачката рамка со Бугарија“. И емисијата 360 степени во мај 2023 го актуелизираше прашањето за „Бугаризација на Македонија“.[viii]
На поставеното прашање „дали на Македонија и се заканува бугаризација“, гостинот на „Детектор“ Ивица Боцевски реферираше на бугарските позиции како „бугаризација преку европеизација“ и изнесе непоткрепено тврдење дека „…целокупната рамковна позиција на бугарската влада, и декларација од народно собрание, се вклучени во преговарачката рамка“. Во гостување во емисија „Само вистина“ на ТВ Канал 5 во јули 2023, Боцевски продолжи да тврди дека „европеизација преку бугаризација нема да се спроведе“,[ix] што е надоврзување на неговите претходни тези за Македонија како „бугарска колонија“ и за евроинтеграциите како „бугаризација преку европеизација“.[x]
Дека и во јули 2023 беше медиумски актуелна тезата на ВМРО-ДПМНЕ „нема да дозволиме бугаризирање на Македонија“, сведочи и основачот и првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, кој ја деконструираше оваа теза во интервју за „Фокус“, обвинувајќи ја сегашната „најпросрпска партија“ за „србизирање на Македонија“.[xi] Претходно, и лидерот на ДПА, Мендух Тачи јавно ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека е „проруска и просрпска партија“ и за „асимилација на македонскиот народ“.[xii]
Политичките кампањи против „бугаризацијата“ продолжија и во контекст на уставните измени.
Проруската партија „Левица“, која во почетокот на 2023 организираше протести против бугаризацијата, почна да води кампања дека „Уставните измени се правна рамка за бугаризација на Македонија“.[xiii] Исто така, „Левица“ го дискредитираше договорот со Бугарија како официјално започнување на процесот на бугаризација на Македонија.[xiv] „Левица“ водеше црна кампања против „процесот на бугаризација на Македонија со внесување на бугарите во Уставот“ и ги дискредитираше членовите на работната група за предлог – иницијативата за промена на Уставот како „тимот за бугаризација“.[xv] Проруската партија „Левица“ го користеше терминот „бугаризација“ и за да води анти-западна кампања против ЕУ и САД.[xvi]
Лидерот на „Левица“, Димитар Апасиев продолжи да зборува против „францускиот предлог за бугаризација“,[xvii] да агитира „стоп за бугаризацијата, софиската платформа“ и да прогласува „неуспешен обид за бугаризација на Уставот“.[xviii] И други проруски политичари, како од партијата „Глас за Македонија“, пропагираа теории на заговор дека „уставните измени се пат кон целосна наша бугаризација“. И интелектуалци со проруски ставови во 2023 продолжија да пишуваат против „Макроновиот предлог за „бугаризација“ на Македонија“ и да обвинуваат „за наша бугаризација како измислен народ без историска меморија“.
Дополнителен показател за актуелноста на теориите на заговор за „бугаризација“ во контекст на иницијативата за уставни измени се и обидите на владините функционери за јавно дискредитирање и разобличување на тезите за „бугаризација“. На пример, во интервју за МИА, премиерот Ковачевски ги опиша како флоскули и невистини, тезите за „асимилација и бугаризација“ и за „бугарски диктат“.[xix] Министерот за надворешни работи Османи, пак, јавно ја разобличуваше тезата дека со „со споменување на Бугарите како посебно малцинство во Уставот се прави бугаризација на државата“, сугерирајќи дека тоа се прави „со земање пасоши каде што сами се пријавувате дека сте по потекло Бугари“.[xx] Слични аргументи, дека вадењето бугарски пасоши значи „бугаризација“, јавно образложуваше и потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев,[xxi] кој ги образложуваше и тезите дека „концептот на влез во ЕУ е концепт на македонизација“, а „концептот на изолација е концепт на бугаризација и принудување на нашите граѓани во очај да вадат бугарски пасош“.[xxii]
Наспроти ваквите тези, прорускиот аналитичар Ристо Никовски ширеше дезинформации дека со внесувањето на Бугарите во Уставот „сами ќе се согласиме дека не постоиме како народ и дека Софија е во право кога тоа го тврди.“[xxiii]
И провладината контра-кампања против тезите за „бугаризација“ сведочи за непоткрепеноста на изјавите на премиерот Ковачевски од август 2023 дека „бугаризација и асимилација не се користат како зборови, бидејќи не постојат“.[xxiv] Како што може да се види, изразот „бугаризација“ беше составен дел на дезинформациските кампањи против уставните измени, но и на контра-наративите на провладините колумнисти.[xxv]
Иако ВМРО-ДПМНЕ не го користеше толку изразот „бугаризација“ како во кампањата против „францускиот предлог“ од 2022 година, претставници на најголемата опозициска партија продолжија да водат кампања против уставните измени претставувани како „асимилација“ и „бугарски диктат“, па и „тивка бугаризација на македонскиот народ“.[xxvi] На пример, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски тврдеше дека „она што го бара Бугарија е еден вид на асимилација кон македонскиот народ“, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски предупредуваше на „целосна асимилација на Македонија и македонскиот народ“, власта беше обвинувана дека прифатила „услови за евроинтеграции кои значат или вечни преговори или асимилација“, а во партиски реакции се истакнуваше „замката на Бугарија во која или бесконечно ќе преговараме или асимилација“.
По предлогот на Мицкоски на лидерската средба во јуни 2023 „евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки“, во јавноста стана појасно дека „ВМРО-ДПМНЕ не е против Бугари во Уставот, како што не е против Хрвати во Уставот“.[xxvii] Иако подоцна Мицкоски на прес конференција (19.08.2023) испрати пораки на бескомпромисност во однос на уставните измени („нема цена по која би ги прифатиле овие уставни измени под бугарски диктат“),[xxviii] на истата прес-конференција тој укажа на неколку услови за вклучување на Бугарите во Уставот како „дел од бугарскиот народ којшто живее во Македонија“ кој „е дел од македонската нација“.[xxix] Ваквите ставови беа толкувани како спротивни на ставовите на Мицкоски од 2022 година – „додека јас сум претседател нема да се смени уставот за да бидат бугарските барања дел од него“. Токму затоа, одредени аналитичари заклучија дека „Мицкоски не го оспори влезот на Бугарите во Уставот, туку манипулираше со бугаризација, асимилација и бугарски диктат и со фактот дека власта нема двотретинско мнозинство за уставни измени.“[xxx]
2.2. Дезинформаторски наративи за македонскиот јазик во контекст на уставните измени
Во македонските медиуми во 2022 година се ширеа повеќе наративи со дезинформации и медиумски манипулации за македонскиот јазик во контекст на „францускиот предлог“: дека „македонскиот јазик го нема во предлогот“, дека е преименуван, дека „имало само една фуснота дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот“, дека „само за нас јазикот ќе биде македонски“, па дури и дека актуелната власт го преименувала македонскиот јазик во „мајчин јазик“.[xxxi] Опозицискиот лидер Мицкоски во 2022 година тврдеше дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле „браникот на македонскиот јазик и идентитет и нема да дозволат промена на Уставот“.
На 18.10.2022, во гостување на Првиот канал на јавниот сервис, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски погрешно тврдеше дека македонскиот јазик во ЕУ секогаш ќе има фуснота. Но, по потпишувањето на договорот Фронтекс помеѓу ЕУ и Северна Македонија на 26.10.2022, Урсула фон дер Лејен јасно истакна дека нема никаква фуснота: „…Ви ветив дека ќе биде потпишан договорот Фронтекс, преведен на македонски јазик, без фуснота, без ѕвездичка, на еднакво рамниште со сите 24 јазици на ЕУ…“, истакна Фон дер Лејен на прес-конференцијата во македонската Влада по потпишувањето на Договорот.[xxxii]
Иако Фон дер Лејен изјави „Длабоко сум убедена дека нема да чекаме предолго за да имаме 25 официјални јазици“,[xxxiii] a Борел укажа за Договорот со Фронтекс дека е „гаранција за македонскиот јазик како еден од официјалните јазици на Европската унија“, дезинформациите и манипулациите во врска со македонскиот јазик продолжија и во 2023 година, во врска со преговорите со ЕУ. На пример, во медиумите повторно беа објавувани непроверени тврдења за „фуснота“ за македонскиот јазик[xxxiv] во контекст на „Договорот со Фронтекс“. Евроамбасадорот Гир практично ги демантираше истакнувајќи дека неодамна ратификуваниот договор за статусот на Фронтекс бил „потпишан и преведен на македонски јазик, без фусноти и ѕвездичка, на еднаква основа со сите 24 јазици на Европската унија“.[xxxv] Иако евроамбасадорот Гир јавно укажуваше дека „македонскиот јазик веќе е во рамката за преговарања без никакви квалификации“[xxxvi], порталот Мкд.мк спроведе анкета со манипулативно прашање „Дали би ги поддржале уставните измени доколку ЕУ даде цврсти гаранции за зачувување на македонскиот јазик и идентитет?“.[xxxvii]
Во 2023 година продолжија да се објавуваат дезинформации и манипулации за непризнавање на македонскиот јазик во ЕУ, како и дека македонскиот јазик не бил македонски вон Македонија.[xxxviii] На пример, професорката Елка Јачева-Улчар тврдеше „Денес, за оние на југот македонскиот јазик не постои, оти таму некој се договорил дека нема луѓе што зборуваат македонски“,[xxxix] и покрај вестите од 2022 година дека „Грција го регистрираше Центарот за македонски јазик“. Само еден месец подоцна, Јачева-Улчар ќе се демантира себеси, тврдејќи дека „со постоењето на Центарот за македонски јазик, грчката држава практично ја легитимира реалната состојба дека егејските дијалекти му припаѓаат на македонскиот јазик“.[xl]
И предлог-законот за македонски јазик беше мета на дезинформации и манипулации, како таа дека говорителите на албански јазик во Македонија имале во практика поголеми јазични права од македонските говорители.[xli] Се пропагираше и дека секое негирање на историскиот континуитет на македонскиот јазик е „македонофобично“.[xlii]
И додека траеше расправата во Собранието за уставните измени на Комисијата за уставни прашања, се прошири дезинформација за наводно „суспендирање на македонскиот јазик од декларациите“ на одредени производи.[xliii] Од собраниска говорница, лидерот на „Левица“ Апасиев тврдеше дека „имаме унилатерална изјава за македонскиот јазик, званично архивирана во европски архиви, дека македонскиот јазик е ЗАПАДНОБУГАРСКИ ДИЈАЛЕКТ“, што е манипулација, затоа што во „едностраната декларација“ на Бугарија нема експлицитно таква теза, ниту се спомнува изразот „западнобугарски“. И други аналитичари манипулираа дека „со официјалното повикување на бугарската изјава, дека македонски јазик – нема, ЕУ го отвори патот за негово негирање“.[xliv]
Во написот „Нов предизвик за македонскиот јазик во ЕУ“ беше објавено непоткрепено тврдење дека „и понатаму е индикативно загрижувачки што европските претставници избегнуваат да го споменуваат македонскиот јазик, дури и кога доаѓаат во убедувачка мисија за Бугарите да бидат внесени во македонскиот устав“. Меѓутоа, главните претставници на ЕУ, Фон дер Лејен и Борел не само што го споменуваа македонскиот јазик, туку и објавуваа изјави на македонски јазик, и јасно укажуваа дека ќе биде еден од официјалните јазици на ЕУ.
Но, и покрај изјавите на нависоките челници на ЕУ, како и заклучоците на Советот на ЕУ, во кои стои дека преводот на документите ќе се врши на македонски јазик, и покрај тоа што скринингот се одвиваше на македонски јазик, одредени партии тврдеа дека „во ниту еден документ на ЕУ, не е дефинирано дека македонскиот јазик ќе биде официјален после приемот на Македонија во ЕУ.“[xlv]
2.3. Дезинформации и медиумски манипулации за почетокот, отворањето и продолжувањето на преговорите со ЕУ
Дезинформациите и медиумските манипулации во врска со почетокот на преговорите со ЕУ беа составен дел од опозициските и медиумските наративи против „францускиот предлог“.[xlvi] На пример, пред отворањето на преговорите со ЕУ (19 јули 2022), лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски погрешно тврдеше дека „ние нема да почнеме сега преговори“[xlvii] и дека „францускиот предлог“ не нуди почеток на македонската евроинтеграција.[xlviii]
Истиот ден кога медиумите и новинарите објавија за почетокот на преговорите со ЕУ, лидерот на „Левица“, Апасиев ги нападна новинарите дека известувале со нарачани наслови „почнаа преговорите со ЕУ“, тврдејќи притоа дека „преговорите ќе почнат на куково лето“.[xlix] Партијата „Левица“ тврдеше дека „Меѓувладината конференција не ги отвора преговорите за ЕУ“ и дека во Брисел „се создава лажна претстава за некаков си почеток на преговори со ЕУ“ („нема почеток на преговорите додека не се промени Уставот на Македонија по барање на Бугарија“).
И по отворањето на преговорите на 19 јули 2022, Мицкоски јавно тврдеше дека нема преговори со ЕУ. На 20 јули 2022 Мицкоски изјави не само дека нема преговори, туку дека немало ни скрининг („Нити скрининг има, нити преговори има“),[l] најавувајќи референдум за „преговарачката рамка“. Неколку дена подоцна, Мицкоски повторно тврдеше дека „ние не ги почнуваме преговорите“, притоа дезинформирајќи за усвоената преговарачка рамка од страна на Советот на ЕУ: „Ние преговорите ќе ги почнеме и ќе ја усвоиме преговарачката рамка тогаш кога ќе го смениме Уставот“.[li]
Претходница на ваквите наративи со политички дезинформации за отворање на преговорите беа „експертските“ толкувања дека „Преговорите се отвораат по министерската конференција и по измената на Уставот“.[lii] Ваквите толкувања беа демантирани и во извештајот на ЕУ за Северна Македонија од 12.10.2022, кој потврди дека преговарачкиот процес и скринингот започнале по одобрувањето на преговарачката рамка од Советот на ЕУ.[liii]
Меѓутоа, и по објавувањето на извештајот на ЕК, кој потврди дека ЕУ го започнала преговарачкиот процес со Северна Македонија, Мицкоски продолжи да шири невистини дека „ние не сме ги почнале тие преговори“.[liv] Покрај Мицкоски, и други аналитичари и политиколози погрешно тврдеа дека преговорите не се почнати и дека „преговорите ќе почнат ако се смени уставот“. ИМА и тогаш укажа дека уставните измени не се услов за почеток на преговорите од страна на ЕУ, туку услов за довршување на „воведната фаза од пристапните преговори“.[lv]
И во 2023 година продолжија медиумските манипулации дека преговорите со ЕУ не се започнати и отворени,[lvi] па дури и дека Македонија сè уште не добила „датум за почеток на преговорите“.[lvii] Дезинформациските наративи дека преговорите со ЕУ не се започнати, или дека ќе започнеле дури по уставните измени, беа повторувани во многу наврати од различни претставници на опозицијата, аналитичари и медиуми. На пример, претставници од ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати изјавуваа дека „Македонија не почнува почеток на преговорите“, „се уште нема почнато преговори“, „до сега Македонија нема добиено датум за старт на преговорите“, „ние немаме датум за преговори со ЕУ“, „да бидат завршени уставните измени и да отпочне процесот на преговори“. итн.
Исто така, и во 2023 година продолжи трендот погрешно да се претставуваат уставните промени и „вградување на Бугарите во Уставот, како предуслов за започнување на преговорите со ЕУ“.
Во 2023 година имавме и непоткрепени обвинувања дека премиерот и претставниците на ЕУ дезинформирале дека Северна Македонија ги започнала преговорите со ЕУ. На пример, беше објавена анализа со непоткрепени тврдења дека премиерот во Брисел во јули 2022 имал „говор што емитува дезинформација дека почнаа преговорите“. И не само премиерот, туку и претседателката на Европската комисија беше обвинета без докази дека свесно го поддржала „лажниот наратив за почнатите преговори“ кога изјавила во Брисел на 19.07.2022 „Денеска Албанија и Северна Македонија ги започнуваат преговорите со Европската унија…“.[lviii]
Меѓутоа, ваквите обвинувања за дезинформации се неосновани, како и обвинувањата кон претседателката на ЕК за „лажен наратив“ за почеток на преговори со ЕУ, а и аналогното обвинување на ВМРО-ДПМНЕ „Ковачевски лажеше дека преговорите се почнати…“.
Според критериумите за проширување кои се објавени на страницата на ЕУ, „пристапните преговори формално започнуваат откако земјите членки ќе се согласат за преговарачката рамка“. Токму затоа, во официјалната информација на ЕУ за „Меѓувладина конференција за пристапување на Северна Македонија“ стои дека „На 19 јули 2022 година, ЕУ ја започна воведната фаза од пристапните преговори со Северна Македонија“.[lix]
Во блогот на „Республика“, изјавата на Маричиќ дека „датумот на почеток на преговорите“ е „19 јули 2022 година“, беше погрешно оценета како „дезинформацијата со која Владата ќе ја гради својата позиција до чинот на гласањето за уставните промени“. Но, оваа погрешна оценка се коси со одлуката на Советот на ЕУ, „Меѓувладина конференција за пристапување на Северна Македонија“, со скрининг процесот, а и експертите потврдија дека пристапните преговори започнаа.[lx]
Накусо, тврдењето дека 19 јули 2022 година е датумот на почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ не е никаква дезинформација од страна на министерот (или владата), туку официјална позиција и информација од страна на ЕУ.[lxi] Таа позиција беше истакната и по Меѓувладината конференција на министерско ниво за пристапување на Северна Македонија, кога претседавачот Јан Липавски истакна дека е лансиран процесот на пристапни преговори и дека „Почетокот на преговорите е од заемен бенефит и за Северна Македонија и за ЕУ“. Позицијата на ЕУ за отворање или започнување на преговорите со Северна Македонија беше повторена многу пати, не само на каналите на ЕУ, туку и од страна на нејзините официјални претставници.
2.4. Историски дезинформации и манипулации во контекст на уставните измени
Историските дезинформации и манипулации во македонско-бугарските односи и медиумски простори се тема која заслужува посебна и опстојна анализа. Во 2023 година наративи со историски дезинформации и манипулации беа забележливи при чествувањето на Мара Бунева, чествувањето на роденденот[lxii] и смртта на Гоце Делчев, при одбележувањето на депортацијата на Евреите од Македонија,[lxiii] но и при одбележувањето на други историски настани и личности, како што е Илинденското востание, кога исто така беа ширени лажни вести и дезинформации.[lxiv]
Едно од спорните прашања во 2022 година, кое продолжи медиумски да се дебатира и во 2023 година е дали и колку историјата е дел од преговарачката рамка со ЕУ.[lxv]
Тука само ќе нотираме дека трендот на медиумско ширење на наративи со дезинформации и манипулации за историјата[lxvi] и „историската комисија“ во контекст на „францускиот предлог“ продолжи и во контекст на „дебатата“ за уставните измени.
И во 2023 година продолжи трендот од 2022 година да се обвинува историската комисија за „бугаризација“. Партијата „Левица“, која во 2022 година ја обвини „Комисијата за бугаризација на македонскиот народ“ дека била во служба на „врховизмот“, и во 2023 година продолжи преку нејзини претставници да ја жигосува како „орган за бугаризација“. И во 2023 продолжи трендот на неосновани историски аналогии, со кои се промовираа пропагандни тези и теории на заговори за уставните измени и внесувањето на Бугарите во уставот.[lxvii] И во 2023 имаше обиди за кревање медиумска паника во врска со „бугаризацијата“ на македонската историја од страна на историчари.[lxviii]
Исто така, продолжи и трендот на исклучиви етно-националистички толкувања на изразот „заедничка историја“ (од двете страни на границата), и спротивставување на одредбата од Договорот со Бугарија за организирање „со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“. На пример, текстот „Македонија сама најдобро си ги слави историските личности и датуми“ заклучува дека „заедничкото чествување датуми и личности со Бугарија се покажува како контрапродуктивно“, а историчарот Чепреганов дава идеолошко објаснување зошто „нема потреба од заедничко чествување“: „Што ќе чествуваме заеднички со нив? Гоце Делчев се борел за санстефанска Бугарија? Не. Гоце Делчев се борел за македонска држава и самостојност. Како тие две работи ќе ги споиме на заедничко чествување? Тоа се две спротивни идеологии“.
И во текстот „Македонците и Бугарите не треба заеднички да го чествуваат Гоце Делчев“ се изложува исклучива интерпретација дека „револуционерната дејност на Гоце Делчев нема никакви допирни точки со бугарската историја, освен само понекогаш неговото физичко присуство во Софија и во некои помали градови во Бугарија.“
Во текстот Заедничката историја како чекор до заедничка држава (Нова Македонија, 01.02.2023) повторно се акцентира изјава на историчарот Чепреганов дека „заедничкото чествување е ставено во договорот со единствена цел, да се покаже дека имаме заедничка историја и дека сме еден народ.“
И пред чествувањето на Илинден, Чепреганов пророчки предвидуваше дека „ЕУ ќе побара ние, Македонците, да се откажеме од Илинден во име на нашиот пат кон ЕУ, а тоа да биде подржано од мултидисциплинарната комисија за историски и образовни прашања и се во име на „заедничката историја“.[lxix]
И овие неколку примери покажуваат дека продолжи трендот на медиумска злоупотреба на историјата, историските личности и на историчарите за политички цели.[lxx]
2.5. Етнонационалистички наративи, митови, и теории за заговори за „Голема Бугарија“ и „Голема Албанија“ во контекст на уставните измени
Етнонационалистички наративи за „Голема Бугарија“ беа забележливи при чествувањето на атентатот на Мара Бунева во јануари 2023,[lxxi] по што европратеникот Ангел Џамбазки на својата Фејсбук страница истакна „да живее обединетата и неделива бугарска нација, од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море“ и „Да живее бугарска Македонија“.[lxxii] Иако Џамбазки е член на партија која не успеа да обезбеди влез во бугарското Собрание, ваквите „големобугарски“ провокации[lxxiii] предизвикаа општествена поларизација и жестоки партиски реакции, а проруската партија „Левица“ побара забрана на влез на шест „непријатели“ на македонскиот народ, поврзани со „фашистичките клубови низ Македонија, а кои се користат за агресивна анти-македонска пропаганда“.[lxxiv]
Неколку дена подоцна, беше физички нападнат секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, а против еден од неговите напаѓачи беше поднесено обвинение за нанесување на тешки телесни повреди од омраза поради неговата националната и етничката припадност.[lxxv] Бугарија реагираше заради „сериозната ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите во земјата“, иако жртвата не беше бугарски државјанин.[lxxvi]
Ваквиот исполаризиран контекст беше дополнително вжештен по медиумските наслови, кои се повикуваа на официјалните тврдења дека „руската разузнавачка служба стои зад структурите во Бугарија кои вршат антидржавна кампања кон Северна Македонија“ и за „Русија како трет фактор во македонско-бугарски конфликт“.[lxxvii] И официјалните реакции од Бугарија – спомнувањето на „вето“ од Радев и инсинуациите и историски дезинформации за Гоце Делчев од Јотова – укажуваа на сериозно влошување на односите.[lxxviii]
Во ваков поларизирачки контекст, историчарката и политичарка Наташа Котлар Трајкова, потписничка на отвореното писмо до Путин од „Македонски манифест“, објави колумна Два соседни мита и нашите „уставни измени“, во која обвини дека митовите за „Голема Бугарија“ и „Голема Албанија“ „се чини дека ја имаат поддршката на ЕУ и НАТО!“[lxxix]
Официјалната честитка на министерот за надворешни работи, Бујар Османи за националниот празник на Бугарија 3 март, беше медиумски искористена за воскреснување на „Санстефанска Бугарија“ и медиумско претставување на Османи на иста линија со „негатори на Македонскиот народ и држава“ и бугарски „иредентисти“.[lxxx] Како и во минатите години, беа медиумски искористувани ултра-националистички изјави и објави на мапи на „Голема Бугарија“ за подгревање на националистички страсти.[lxxxi]
За дополнително влошување на македонско-бугарските односи сведочи острата реакција на Бугарија по негативното мислење за употреба на името Иван Михајлов како назив на бугарскиот културен клуб во Битола.[lxxxii] Има бројни индикатори за влошувања на македонско-бугарските односи и во наредните месеци, што кулминираше со изјавата на премиерот Ковачевски во Советот на Европа, каде што го спореди дискурсот на Бугарија со дискурсот на Русија кон Украина.[lxxxiii]
За „загрижувачка сличност меѓу историските аргументи на Русија кон Украина, и на Бугарија кон Северна Македонија“ предупредуваа и познати европски историчари,[lxxxiv] а таквата сличност дојде уште повеќе до израз по „симболичките конфликти“ во Бугарија за „заедничката историја“ со Русија, и тезите на руските пропагандисти дека Бугарија „се претвора во Украина 2.0“ или „втора Украина“.[lxxxv]
Додека во бугарската дебата за „уставни измени“ историчари тврдеа дека „Санстефанска Бугарија“ реално како држава „не постоела ниту еден ден“, духот на „Санстефанска Бугарија“ беше привикан и во „дебатата“ за уставни измени во Македонија – пратеникот и лидер на „Левица“, Апасиев заплашуваше дека „Со уставни измени ќе ја славиме Санстефанска Бугарија кај нас во Македонија“, „во која е инкорпориран дел од Македонија, со Охрид како столица“.
Непосредно пред „дебатата“ за уставни измени во Македонија, беше привикан и пропагандниот дух на „Голема Албанија“, уште една омилена пропагандна тема, не само на „Левица“, туку и на српската и руската анти-западна пропаганда на Балканот.
Пуштањето на улицата „Адем Демачи“ во Чаир, беше максимално искористено за етно-националистичка пропагандна мобилизација – не само од локалните организатори и од нивниот гостин – премиерот на Косово Албин Курти, туку и од партијата „Левица“ и од (про)руската пропаганда во Македонија и Србија. Ден пред свеченото пуштање на улицата, политичките активисти на проруската партија „Левица“ го оцрнуваа Адем Демачи како „сепаратист од Југославија и борец за Голема Албанија и независност на Косово“,[lxxxvi] а од друга страна тврдеа дека се брише споменот на борците од „Втора македонска бригада“ – „оние кои го дадоа животот во борба со фашистичкиот бугарски окупатор“. Наспроти политичките и медиумски обвинувања дека се бришел споменот на борците од „Втора македонска бригада“ во Скопје, реагираше поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, „Улицата “Втора Македонска бригада”, никогаш не беше (била) избришана во Скопје… Поранешната ул. “Ловќенска 9”, се вика улица Втора Македонска бригада.“
Руската пропаганда во Србија максимално ја искористи посетата на Албин Курти за зајакнување на стариот пропаганден затрашувачки наратив за „Голема Албанија“ и за таргетирање на „колективниот запад“. Од ден на ден, на руските канали РТ и Спутник на српски јазик се редеа анти-западни пропагандни написи против Курти и Голема Албанија.[lxxxvii] На пример, во написот Курти ја промовираше Голема Албанија и себе си како лидер на сите Албанци на планетата (Спутник Србија, 13.08.2023) се тврдеше дека „колективниот Запад“ стои зад албанскиот радикален шовинизам, „кој не подразбира само исцртување на нови граници, туку и етничко чистење или, да бидам попрецизен, геноцид над оние кои не припаѓаат на албанскиот народ“.[lxxxviii]
Додека (про)руските пропагандисти во Србија ширеа анти-албански, анти-западни и исламофобични[lxxxix] застрашувачки наративи, „Левица“ ширеше антифашистички, антиалбански и антибугарски наративи со дезинформации и манипулации. Од една страна, обидот за пропагандно оцрнување на Адем Демачи како „колаборационист на фашистичко движење“ претставува историска манипулација и дезинформација.[xc] Од друга страна, и претставувањето на борците од „Втора македонска бригада“ како „оние кои го дадоа животот во борба со фашистичкиот бугарски окупатор“ претставува историска манипулација, имајќи го предвид премолчувањето на бугарскиот баталјон Христо Ботев (кој бил при основањето во состав на „Втора македонска бригада“), а бил командуван од бугарскиот антифашист Дичо Петров, по кого е именувана една улица во Скопје.
Дел од „антифашистичките“ и антибугарски пропагандни наративи на „Левица“ воопшто не кријат дека нивната цел е да го спречат влезот на Северна Македонија во Европската унија. На пример, откако ЕКРИ во својот извештај за Северна Македонија укажа на типичниот анти-бугарски стереотип и етикетирањето на Бугарите како „фашисти“, пропагандистка од Левица во руско-пропаганден стил ја нападна ЕКРИ како комисија на ЕУ за „рехабилитација на фашизмот и нацизмот“, иако станува збор за тело на Советот на Европа.[xci]
Посетата на Курти беше искористена во пресрет на уставните измени не само за етно-националистичка мобилизација од сите политички „заинтересирани“ страни,[xcii] туку и за обид дискредитирање на процесот на уставни измени. На пример, во гостување на телевизија Танјуг, лидерот на ДПСМ и пратеник во Собранието на Македонија, Иван Стоилковиќ тврдеше дека уставните измени „после посетата на Албин Курти ја изгубија смислата“ и дека Курти „ги погреба уставните измени“.[xciii]
Наспроти пројавената желба на српско-руските пропагандисти за „погребување“ на уставните измени во август 2023, изразите „уставни измени“, „бугарски диктат“, „бугаризација“, „асимилација на македонскиот народ“, се сè уште актуелни во македонскиот медиумско-политички простор и на крајот на септември 2023 – како и дезинформациите и медиумските манипулации, содржани во пропагандните наративи.
3. Наместо заклучок: Медиумите и дезинформациите, теориите на заговор и манипулациите за предложените уставни измени
Во оваа анализа видовме како дел од медиумите не ја исполнија својата основна улога на проверувачи на факти, ставајќи се свесно во улога на пропагандни канали за ширење наративи со дезинформации и теории на заговор кои потпалуваа етно-националистички страсти и поттикнуваа дискриминација и говор на омраза.
Во првиот дел од анализата видовме како медиумите помогнаа во дисеминирањето на дезинформациите и теории на заговори за „геноцид“ и „етноцид“ на македонскиот народ во контекст на предложените уставни измени во 2023 година. За жал, повеќе македонски медиуми покажаа мал капацитет за препознавање и дебанкирање на политички и историски дезинформации и теории на заговори и повторно беа злоупотребени за политичко-пропагандни цели и во „дебатата“ за уставни измени.
Некритичкиот однос на медиумите кон теориите на заговор за „бугаризација“ и кон дезинформациските наративи за македонскиот народ и јазик, за историјата и идентитетот, придонесе за зголемување на општествената поларизација и за јакнење на малигното влијание на странски актери во македонскиот медиумски простор. Некритичкиот однос на медиумите кон дезинформациските кампањи во врска со предложените уставни измени, непрепознавањето на главните дезинформациски наративи и актери, и овозможи и на (про)руската пропаганда да го зајакне влијанието на антизападните и анти-ЕУ наративи во македонскиот медиумски простор.
(Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА)
—
Референци
[i] Така, во 2022 лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски јавно ја пропагираше лажната дилема „бугаризација или нема ЕУ“, експлицитно нагласувајќи дека не сака влез во ЕУ, „ако предлогот е да не асимилираат и бидеме Бугари“. Видете Мицкоски: Францускиот предлог значи или бугаризација или нема ЕУ, Фокус, 16.06.2022 и Мицкоски: Ако предлогот е да не асимилираат и бидеме Бугари, тогаш така не сакам влез во Европската Унија, Курир, 16.06.2022.
[ii] Собранието со 68 гласа „ЗА“ ги усвои новите предлог заклучоци за францускиот предлог, VOA, 16.07.2022.
[iii] Како, на пример, Јанко Бачев, Иван Стоиљковиќ и лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски кој предлагаше „смрт со бесење за предавникот кој со еден потег ќе ја легитимира оваа нечесна игра за бугаризација на Македонија“. Видете „Предлагам смрт со бесење за предавникот кој со еден потег ќе ја легитимира оваа нечесна игра за бугаризација на Македонија!“, Infomax, 05.09.2022.
[iv] Ковачевски: Братски отстапуваме пет министерства од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ, 360степени, 9.06.2023.
[v] Видете Ковачевски: Нарачана хистерија за наводна бугаризација, DW, 28.07.2023: „Се работи за техничка измена на Уставот во која што покрај постојните делови од народи кои се дел од нашата Преамбула се додаваат делови од други народи кои досега не биле дел од Преамбулата, меѓутоа биле наведени под „други“ во самата Преамбула и со тоа практично се демантираат сите оние невистини, лаги, хистерија кои се ширеа во текот на изминатата година во однос на тоа дека во Македонија ќе се случела бугаризација, асимилација итн. Гледате дека тоа веќе не постои во јавниот дискурс, освен од неколку платени руски ботови, т.н. аналитичари па и некои политичари, коишто заради финансиски средства мораат да така да зборуваат“.
[vi] Видете, на пример, Никола Тодоров, Македонски инает, DW, 19.07.2023: „Бугаризација на Македонија е невозможна. Таа можност е нула, за разлика од можноста од србизација или албанизација на пример, кои се далеку повеќе возможни. Но, сепак верувајте дека ни бугаризација, ниту србизација или албанизација на Македонија ќе се случи. Она што многу е веројатно да се случи е депопулација.“
[vii] Детектор: Две третини од Македонците сметаат дека преговарачката рамка е вовед во бугаризација на Македонија, Сител 14.05.2023.
[viii] Видете Ново издание на 360°: „Бугаризација на Македонија“ – интервју со Весела Чернева, 360 степени, 20.05.2023.
[ix] Боцевски: Нема да поминат уставните измени, европеизација преку бугаризација нема да се спроведе, Курир, 24.07.2023.
[x] Видете и Боцевски: „Нема да успее налудничавата ‘бугаризација преку европеизација’ на Македонците!“, expres.mk, 16.07.2022: „Македонија, со благослов на ЕУ, станува бугарска колонија, а македонскиот евроинтегративен процес се претвора во „бугаризација преку европеизација“.“
[xi] Видете (ИНТЕРВЈУ) Георгиевски: ВМРО-ДПМНЕ е украдена идеологија, не разбирам како стана најпросрпска партија!, Фокус, 10.07.2023: „ВМРО-ДПМНЕ денес оди со теза нема да дозволиме бугаризирање на Македонија. Во што сме ние бугаризирани? Со тоа што имаме еден канал на телевизија што никој не го гледа? За жал, ВМРО-ДПМНЕ уште од времето на Груевски е носител на една перфидна политика за наводна одбрана на идентитетот, додека во суштина ја србизираат Македонија. Се борат против бугаризирање, додека гледаме врв на србизирање на Македонија. Гледаме србизирање во сите сфери – културата, уметноста, спортот… Кога играат македонска и српска екипа, се навива за српската екипа.“
[xii] Видете Тачи за ВМРО-ДПМНЕ: Про-руска и про-српска партија, ова ќе донесе асимилација на македонскиот народ, ТВ21, 17.04.2023.
[xiii] Левицата: Уставните измени се правна рамка за бугаризација на Македонија, Макфакс, 01.06.2023.
[xiv] Левица: Шест години „Договор за добрососедство‘‘ – Шест години бугаризација на Македонија, Антропол, 01.08.2023. Договорот со Бугарија и протоколот продолжија да бидат мета на дезинформациски напади и од претставници на ВМРО-ДПМНЕ (Имам најмалку 2 милиона причини, кои се против уставните измени и поради кои гласам против, вели Мизрахи, Макфакс, 18.08.2023: „А тој договор и протокол не само што не отвора врата кон ЕУ, туку не брише сите.“
[xv] Левица: Тимот за бугаризација на Македонија составен од владини мегафони и апологети на предавства, Антропол, 25.04.2023.
[xvi] Видете ЕУ и САД против демократијата во Македонија ја поддржуваат бугаризацијата, Антропол, 29.05.2023.
[xvii] Видете „Апасиев ги отфрли уставните измени, за него предлагачите се одродена политичка елита“, 360степени, 25.07.2023.
[xviii] Левица: Уставни измени нема, прекин на преговорите со Бугарија, a1on.mk, 18.08.2023.
[xix] Ковачевски за МИА: Потребен е национален консензус за постигнување на стратешката цел – членство во ЕУ, МИА, 6.08.2023: „Не треба да се замајуваат граѓаните со флоскули или со невистини. Прво беше „асимилација и бугаризација“. Откако се виде дека нема ништо од тоа сега е „бугарски диктат“. Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку.“ Видете и Ковачевски: Еве по една година се уверивме дека нема бугаризација и асимилација, јас си останав Македонец!, ТВ21, 25.08.2023.
[xx] Видете: Бугаризација се прави преку пасошизација, а не со споменување на Бугарите во уставот, вели Османи, sdk.mk, 29.07.2023: „Овој процес на пасошизација е најголемата платформа за бугаризација“.
[xxi] Видете Кој работи за бугаризација, а кој за македонизација?!, Вечер, 09.08.2023: „Бугаризација беше додека 11 години ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, зошто, затоа што во тие 11 години се извадени рекорден број бугарски пасоши за македонски граѓани.“
[xxii] Македонизација или бугаризација – што ќе значи внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав?!, Вечер, 20.08.2023.
[xxiii] Видете Кој работи за бугаризација, а кој за македонизација?!, Вечер, 09.08.2023.
[xxiv] Во „Тема на денот“ на телевизијата Сител на 20.08.2023. Видете и Ковачевски: Оставка ќе дадам дента кога ќе се изгласаат уставни измени, mkd.mk, 20.08.2023.
[xxv] Видете Ѓорѓи Спасов, Што спречува ВМРО-ДПМНЕ: бугаризација или европеизација,
Независен, 04.09.2023: „Нивната главна цел не е спречување на некаква „бугаризација“, туку политичка одмазда и пресметка со „предавниците“ на македонскиот народ, кој „само тие го бранат и заштитуваат“. Видете и
Мерсел Биљали, „Кој работи за Радев?!“, Либертас, 07.08.2023, каде што колумнистот ја критикува опозицијата дека е „закопана во глупавата дупка на лажната „бугаризација“ или „бугарскиот диктат“.
[xxvi] Видете, на пример, Петрушевски за ТВ 24: Ваквата преговарачка рамка што ја прифати власта значи тивка бугаризација на македонскиот народ, 19.09.2023.
[xxvii] Член на ИК: ВМРО-ДПМНЕ не е против Бугари во Уставот, Антропол, 14.07.2023.
[xxviii] Видете и Мицкоски – Да не се троши ни секунда на уставни измени, решението е избори, РСЕ, 19.08.2023: „Влезот во ЕУ е нашиот единствен пат. Но не по цена на себе одрекнување, не по цена на диктат кој е Пандорината кутија за идентитетско обезличување и отворање на портата за многу други барања“.
[xxix] „Ако вие навистина сакате Бугарите да ги видите во Преамбулата, внимавам што зборувам – во Преамбулата – дел од бугарскиот народ којшто живее во Македонија е дел од македонската нација, во Преамбулата, оние 762 коишто рекле дека бугарскиот им е мајчин јазик, тогаш најмалку што можете е барем три од оние 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права да побарате од Бугарија да ги имплементира коишто се задолжителни и имаат краен рок оваа есен да бидат имплементирани.“ Видете и Мицкоски: Изборите се единствено решение, нашите црвени линии во односите со Бугарија се јасни, Сител, 19.08.2023.
[xxx] Ерол Ризаов, Кој му ги испраќа најопасните закани на Мицкоски, DW, 19.09.2023.
[xxxi] За подетална анализа, видете Жарко Трајаноски, Наративи со дезинформации и медиумски манипулации за македонскиот јазик, ima.mk, 22.09.2022.
[xxxii] Видете Полиграф: Дезинформација е дека македонскиот јазик во ЕУ ќе има фуснота и дека е кодифициран во 1977 година, ima.mk, 02.11.2022.
[xxxiii] Видете Изјава на Претседателката Фон дер Лејен по повод нејзината официјална посета на Северна Македонија, www.eeas.europa.eu, 27.10.2022.
[xxxiv] Македонскиот идентитет меѓу ѕвездички и фусноти?!, Нова Македонија, 27.03.2023.
[xxxv] Интервју со Гир: Партиите кои се за влез на С.Македонија во ЕУ да преземат политичка одговорност и да постапат соодветно, Локално, 24.04.2023.
[xxxvi] Гир: Не треба да се очекуваат нови гаранции за во ЕУ, DW, 15.06.2023.
[xxxvii] Видете „Анкета: Половина од македонските граѓани не веруваат дека Македонија ќе стане членка на ЕУ“, mkd.mk, 26.06.2023: „Во случај на добивање на цврсти гаранции од ЕУ за зачувување на македонскиот јазик и идентитет, 45,1% од македонските граѓани би поддржале уставни измени“.
[xxxviii] Видете, на пример, коментар на водителот на Што не е јасно, ТВ Алфа, 16.01.2023: „Грците велат дека само во Македонија се зборува македонски, ако излезам јас надвор, во Германија на пример, мојот јазик не е македонски…“.
[xxxix] Видете Елка Јачева-Улчар: Мојот мајчин јазик ги живее најдраматичните и најкритичните моменти од своето постоење, Нетпрес, 21.02.2023.
[xl] Видете Пресуда во ЕУ со која статусот на македонскиот јазик формалноправно се стави како еден од рамноправните јазици во Унијата, Нова Македонија, 21.03.2023.
[xli] Видете Катица Ќулавкова, За македонскиот јазик и за новиот предлог на Законот за македонскиот јазик, Нова Македонија, 10.02.2023: „Еден говорител на јазик на популација од 20 отсто има поголеми јазични права во практиката од уставното право на македонските говорители.“
[xlii] „Секое негирање на постоењето просторен и временски континуитет на македонскиот народ и македонскиот јазик е македонофобично“, Нова Македонија, 21.07.2023.
[xliii] Дезинформација е дека германската фирма ДМ го суспендира македонскиот јазик од своите продавници во Македонија, civilmedia.mk, 26.07.2023.
[xliv] Ристо Никовски, Преговарачката рамка, историски пораз на Македонија, +инфо, 19.09.2023.
[xlv] ДС: Во ниту еден документ не е дефинирано дека македонскиот јазик ќе биде официјален во ЕУ, Фокус, 26.08.2023.
[xlvi] Видете Жарко Трајаноски, „Дезинформации, медиумски манипулации и теории на заговор за „францускиот предлог““, во „Францускиот предлог“: говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации (медиумски анализи), Институт за медиуми и аналитика ИМА Скопје, 2022.
[xlvii] Ние ова го потпишуваме за Албанија да почне преговори, а не Македонија, вели Мицкоски за францускиот предлог, Нова Македонија, 04.07.2022: „Ние нема да почнеме сега преговори, тоа мора граѓаните да го знаат. Албанија ќе почне, не ние. Ние ќе треба да го смениме Уставот. Ние ова го потпишуваме за Албанија да почне преговори, не Македонија.“
[xlviii] Мицковски за „Политика“: Францускиот предлог не нуди почеток на македонската евроинтеграција, Канал 5, 11.07.2022.
[xlix] Видете Апасиев продолжува со брутални напади врз новинарите и ширење дезинформации, ИМА, 20.07.2022.
[l] Мицкоски за референдумот: Се фокусираме на преговарачката рамка, 360 степени, 20.07.2022.
[li] Видете ИНТЕРВЈУ, ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ: ДУИ влезе во пакт со Бугарија и го предаде македонскиот народ, Вечер, 22.07.2022.
[lii] Видете Малинка Ристевска Јорданова, НЕ ТРЕБА ДА ОСТАНЕ НЕ, https://respublica.edu.mk/, 02.07.22.
[liii] „По одобрувањето на Рамката за преговори од Советот, на 19 јули 2022 година се одржа првата Меѓувладина конференција за пристапни преговори со Северна Македонија. Комисијата веднаш започна со процесот на аналитички преглед на (скрининг) на правото на ЕУ, што претставува прв чекор од преговарачкиот процес“, се вели во извештајот.
[liv] Видете Полиграф: Невистина е дека преговорите со ЕУ и скринингот не започнале, ima.mk, 26.10.2022.
[lv] Видете ПОЛИГРАФ: Кој шири дезинформации дека не се започнати преговорите со ЕУ?, ima.mk, 29.11.2022.
[lvi] На пример, во колумната „Преговарачката рамка, историски пораз на Македонија“ Ристо Никовски изведува погрешен заклучок дека „преговорите не се отворени“.
[lvii] Ваквата дезинформација беше проширена и по изјавата на српската премиерка во Блед. Видете, на пример, Македонија го смени името и сè уште има потешкотии да добие датум за почеток на преговорите, порача српската премиерка од Блед, еМАГАЗИН, 29.08.2023.
[lviii] Соња Крамарска, Македонија и ЕУ: преговарачката рамка претесна за (дез)информациите, respublica.edu.mk, 12.04.2023.
[lix] Формулацијата дека преговорите се во „воведна фаза“, не значи дека преговорите не се започнати, затоа што веќе се случи „одобрувањето на Преговарачката рамка за преговорите со Северна Македонија од страна на Советот на 18 јули 2022“. Согласно критериумите на ЕУ, „скрининг процесот е првиот чекор во пристапните преговори“, а на страницата на ЕК за Северна Македонија (исто како и за Албанија) официјално стои дека скрининг процесот е започнат во јули 2022, веднаш по ICG (меѓувладина конференција за пристапување).
[lx] Во блогот на Республика, има и погрешно пренесена изјава од колумна, наводно, дека авторот Драган Тилев, државен советник за европски прашања, го напишал следново: „Дали пристапните преговори започнаа? Да, од формално правен аспект пристапните преговори меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија официјално започнаа на 19 јули 2022 година“, напиша тој во колумна. „Но тие вистински ќе почнат дури откако ќе бидат спроведени уставните измени“, додава Тилев.“ Вториот дел од наводната изјава на Тилев – „Но тие вистински ќе почнат дури откако ќе бидат спроведени уставните измени“, го нема во објавениот текст на Тилев.
[lxi] Видете Маричиќ: Повеќе гласници за процесот на европски интеграции, помалку простор за дезинформациите, ima.mk, 1.04.2023, каде што Маричиќ укажува: „Она што е добро, е што Европската Унија го сфати тоа како неопходност, како нешто што мора да го прави постојано, да повторува дека преговорите се започнати.“
[lxii] Видете, на пример Полиграф: Пендаровски не изјавил дека „не смеело да им се дозволи на луѓето од Бугарија да ја преминат границата за да одат да се поклонат на гробот на Гоце Делчев“, ima.mk, 01.02.2023.
„Полиграф“: Кој дезинформираше за присуство на бугарската полиција при чествувањето на роденденот на Гоце Делчев во Скопје?, ima.mk, 15.02.2023.
[lxiii] Видете, на пример, Полиграф: Кој дезинформира за депортацијата на Евреите од Македонија?, ima.mk, 22.03.2023.
[lxiv] Видете Лажна е веста дека по предлог на партијата на Петков бугарскиот парламент ќе гласа декларација за Илинден, 360 степени, 23.07.2023.
[lxv] Наспроти тезите на вицепремиерот Маричиќ дека „Во преговарачката рамка нема ниту едно прашање поврзано со историјата и Протоколот“ (историјата и протоколот не се дел од преговарачката рамка), претставници на ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека протоколот е дел од преговарачката рамка, и укажуваа дека историјата не смее да биде предмет во преговарачката рамка. Исто така, беше истакнувано дека во преговарачката рамка се спомнува член 12 од Договорот за добрососедство од каде што „произлегуваат обврските за заеднички комисии за услогласување на историјата“, па затоа се бараше ревидирање на „Договорот со Бугарија“.
[lxvi] Видете и Зоран Бојаровски, Дезинформации се дека се укинува предметот историја и дека наставниците по историја ќе останат без работа, racin.mk, 26.04.2023.
[lxvii] Видете, на пример, Внесувањето на Бугарите во Уставот е за да се инсталира Бугарија повторно како окупатор во Македонија како и во 1941-1944, expres.mk, 19.02.2023; ЧЕПРЕГАНОВ ВО АНАЛИЗА НА Н. МАКЕДОНИЈА: Албанците и Бугарите работат за разнебитување и поделба на Македонија како во 1941-ва, Infomax, 1.03.2023.
[lxviii] Видете на пример, Александар Литовски, „Делчевизмот е македонизам“, apla.mk, 03.02.2023: „Кој ја бугаризира македонската историја преку идејно-национално плагијаторство од бугарската историографија? Кој ја бугаризира македонската национална свест? Кој нè бугаризира како народ? Кој ја бугаризира македонската иднина?“
[lxix] Чепреганов: Ако се откажеме од Илинденското востание, заради ЕУ и договорот за (не)пријателство со Бугарија, ќе завршиме на буништето на историјата!, expres.mk, 01.08.2023.
[lxx] За уште еден пример видете и Жарко Трајаноски, Историски дезинформации, политички манипулации и нова поларизација околу „Ќосето“ – симбол на поделби, закани, говор на омраза и екстремизам, ima.mk, 22.08.2023.
[lxxi] Со повици „Мизија, Тракија, Македонија“, како алузии на „трите географски области кои според националистичките бугарски кругови ја сочинуваат „Голема Бугарија“. На видеото на Фејсбук од ова дефиле, Џамбаски напиша „Еден народ! Две држави!““ (ФОТО+ВИДЕО) Чествувањето на Мара Бунева помина без инциденти, но не и без провокативни скандирања и реторика, 360степени, 14.01.2023.
[lxxii] Повеќе македонски медиуми погрешно пренесоа дека Џамбазки ги изнел овие тези во говорот во Скопје.
[lxxiii] Видете Бугарските провокации имаат цел да не се направи промена на Уставот: Интервју со Ѓорѓи Спасов, Независен, 27.01.2023.
[lxxiv] Левица бара проглас на персона нон грата за шест Бугарски државјани-непријатели на Македонскиот народ, Антропол, 16.01.2023.
[lxxv] Видете Напаѓачот на Пендиков обвинет за нанесување тешка телесна повреда од омраза, 360степени, 8.02.2023.
[lxxvi] Бугарски пратеник тврди: Пендиков не е бугарски државјанин, туку еден од напаѓачите, Фокус, 30.01.2023.
[lxxvii] Видете Зоран Бојаровски, Од „љубовта“ на Москва и кон Делчев и санстефанска Бугарија настрадаа македонско-бугарските односи, civilmedia.mk, 06.02.2023.
[lxxviii] Румен Радев го враќа во игра ветото за С. Македонија, DW, 09.02.2023: „Во моментов сме во состојба на вето за членството на РС Македонија во ЕУ, бидејќи Бугарите кај нашиот западен сосед сè уште не се вклучени во неговиот Устав“ (Радев);
„Самата власт во Македонија треба многу јасно да застане против јазикот на омразата, кој води до сквернавење на споменот на Гоце Делчев – бугарски револуционер кој сакаше да ја види својата татковина обединета“ (Јотова).
[lxxix] Видете Два соседни мита и нашите „уставни измени“, Скопско ехо, 28.02.2023, каде што Наташа Котлар Трајкова тврди дека „инсистирањето на „уставни измени“ во сегашните прилики е лоша намера со уште полоши последици по државотворноста и идентитетот на македонскиот народ“.
[lxxx] „Бујар Османи со честитка за празникот посветен на Санстефанска Бугарија“, Алфа ТВ, 03.03.2023
[lxxxi] Видете, на пример, И македонската храна да ти била бугарска, Софија промовира „Јазик на бугарската кујна“, ТВ Алфа, 26.05.2023: „Ова не е првпат од бугарска страна да се објавуваат карти со голема Бугарија каде влегува и Македонија. Но, властите кај нас не реагираат. Македонските власти молчеа и кога бугарскиот министер Каракачанов по повод 8 март пред две години објави карта на Голема Бугарија.“
[lxxxii] Видете и Софија загрижена за судбината на бугарските клубови, DW, 17.03.2023; Бугарија остро реагира за бришење на клубот „Иван Михајлов“, DW, 23.03.2023.
[lxxxiii] На обвинувањата на Јотова за „систематското газење на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“ Ковачевски одговори дека „дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот кој Руската федерација го користи кон Украина“ ((ВИДЕО) Ковачевски од Рејкјавик: Дискурсот на Бугарија кон С Македонија е сличен со оној на Русија кон Украина, 360 степени, 17.05.2023).
[lxxxiv] Видете Во Бугарија се големи фантомските болки за Македонија“ DW, 7.03.2023.
[lxxxv] Видете Жарко Трајаноски, Историски дезинформации и „патриотски“ говор на омраза: Зошто во Бугарија нема „заедничка историја“ за „3 март“?, ima.mk, 29.08.2023.
[lxxxvi] Се разбира, (про)руските пропагандисти воопшто не информираа дека Адем Демачи е добитник на „Сахаровата награда за слобода на мислата“, највисока почест на ЕУ, која минатата година ја доби храбриот народ на Украина, а претходно ја имаат добиено Алексеј Навални, Нелсон Мендела, Кофи Анан, и др. Кога Адем Демачи ја добива оваа висока награда од Европскиот парламент во 1991, тој секако не е опишан како борец за „Голема Албанија“, туку како „Мендела на Балканот“ и посветен промотор на толеранцијата и етничкото помирување на Косово – со цитатите „Косово им припаѓа на сите“ и „ние сакаме слободно, демократско и мулти-етничко Косово“. Дури и Сашо Клековски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, објави личен став дека „Адем Демачи, како добитник на наградата „Сахаров“ од Европскиот парламент во 1991 година, заслужува одредена почит“.
[lxxxvii] За врската меѓу пропагандните наративи на Белград и Москва, по посетата на Курти, видете Џабир Дерала, ПРОПАГАНДНИ НАРАТИВИ: Српска „братска одбрана“ на Македонците од Албанците, закани со „судбината на Украина“ и ѕвецкање со оружје, civilmedia.mk, 22.08.2023.
[lxxxviii] Изјава на историчарот д-р Милош Ковиќ, кој беше цитиран и во вестите на Спутник Србија од 14.08.2023, каде како прва тема се обработуваше прашањето, „Каква порака испрати Курти од Тетово до Атина, Скопје, Белград и Подгорица?“: „Кога еднаш ќе се откажете од виталните национални интереси, а нема ништо потемелно од тоа од името на земјата и од јазикот, тогаш нема крај. И се плашам дека токму овој вид исполнување на сите барања што ѝ се поставуваат на Северна Македонија води кон поништување прво на македонската држава, а потоа и на македонскиот национален идентитет“, изјави Ковиќ во вестите на Спутник Србија.
[lxxxix] Вечерта на 14.08.2023 Спутник Србија објави застрашувачки конспирациски наратив Како Голема Албанија се вклопува во Зелената трансверзала.
[xc] Исмаил: Втора македонска бригада ја преименувавте по колаборационисти на фашистичкото движење – Адем Демачи, Антропол, 16.09.2023.
[xci] Видете Мојсоска: Влез во европска заедница заглавена во својата декаденција – ФАЛА, НЕ!, Опсервер, 22.09.2023: „Европската унија која е длабоко навлезена во рехабилитација на фашизмот и нацизмот, очигледно дека е АКТИВЕН поддржувач на врховистичка Софија.“
[xcii] За „профитите“ од „двете страни од етнополитичките тараби“ по посетата на Курти видете Џабир Дерала, „Добредојдовте на приватна забава“, civilmedia.mk, 14.08.2023.
[xciii] Видете „Деновите на Албин Курти во Македонија, Уставни измени и брзи вонредни избори“, Вечер, 14.08.2023: „Дали Курти со оваа провокативна посета, смислено (по налог) или случајно (од лудост) во овој момент ги погреба уставните промени, веројатно никогаш нема да дознаеме.“ (СМК)