Во 1903 официјална Софија зборуваше за „македонско национално движење“ и се дистанцираше од Илинденското востание

Илинденското востание
Рачо Петров, премиер на Бугарија од 1903 до 1906 година, Извор на фотографијата: https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=34936754

Најинтересниот аспект од странското известување за Илинденското востание во 1903 година е пишувањето за однесувањето на тогашната бугарска држава.

Во домашниот бугарски политички и медиумски дискурс востанието најчесто било претставувано како востание на бугарското население во Македонија. Но, кога станувало збор за официјалната дипломатија, Софија настапувала многу повнимателно.

Причината била едноставна: директно признавање на вмешаност можело да биде сфатено како повод за судир со Османлиската империја и да предизвика сериозна криза меѓу двете земји, која имаше потенцијал да стане и меѓународна.

Токму затоа бугарската влада преку дипломатски канали испраќала пораки дека официјална Бугарија нема никаква врска со востанието.

Ова не е подоцнежна историска интерпретација, туку е забележано во тогашниот американски печат.

На 16 август 1903 година The New York Times, заедно со The Omaha Daily Bee, The Indianapolis Journal, The Montgomery Advertiser, The Salt Lake Herald, St. Louis Post-Dispatch и други американски весници, ја пренесуваат изјавата на бугарскиот премиер Рачо Петров дека:

„Бугарија нема никаква врска со востанието“, додавајќи дека станува збор за „исклучиво македонско национално движење, организирано од Македонскиот внатрешен комитет“.

Американските весници истовремено тогаш известуваа дека бугарската влада официјално се оградува од вооружените дејства за да избегне меѓудржавен конфликт со Османлиската империја.

Овие написи денес претставуваат важен историски документ затоа што покажуваат колку внимателно Софија ја балансирала својата јавна реторика и официјалната надворешна политика во екот на востанието.

Историјата запишала дека сосема поинаква била нејзината политика на индоктринација на терен и на мешање во работите на Македонската револуционерна организација.

Најчитано