Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Анкета на ИРИ: Се намалува поддршката за ЕУ, се зголемува антизападното расположение

Пишува: Жарко ТРАЈАНОСКИ

Наспроти пораките во дел од медиумите за „Силна поддршка за ЕУ“ од 68%, резултатите од најновата анкета на ИРИ за Северна Македонија укажуваат дека поддршката за ЕУ во земјава е значително намалена во споредба со март 2006 (97%) или ноември 2021 (84%).

Во анкетата на ИРИ има и други показатели кои предупредуваат на намалена поддршка не само кон ЕУ, туку и кон Западот, односно за зголемено антизападно расположение во Северна Македонија.

Еден од индикаторите за зголемено антизападно расположение во Северна Македонија е и перцепцијата на Бугарија, земја членка на ЕУ и НАТО, како најголема закана, наспроти перцепцијата на Србија како најголем сојузник (каде што, според резултатите на анкетата, Путин ужива најголема поддршка од 80%, Русија се смета за најголем сојузник од 46%, а САД се сметаат за најголема закана од 36%).

Има ли „силна поддршка за ЕУ“ во анкетата на ИРИ?

Најновата анкета на ИРИ за земјите од Западен Балкан привлече поголемо медиумско внимание на 14 мај 2024 година, a истата беше и „тема на денот“ во вестите на ТВ Сител, каде што гостуваше претставничката на ИРИ, Илина Мангова.

Една од главните пораки во медиумските наслови беше „За членство во ЕУ се 68% од македонските граѓани“, проследена со пораки во други наслови за „Силна поддршка за ЕУ“.

Но, претставничката на ИРИ во гостувањето на ТВ Сител укажа на пад на поддршката за членство во ЕУ во земјава, во споредба со годините кога таа поддршка изнесувала многу повеќе, спомнувајќи дури и 90% поддршка од некои поранешни истражувања (на пример, во периодот од 2006-2009 поддршката за ЕУ во анкетите на ИРИ се движи од 92% до 97%).

Ако се погледне и графиконот со процентите на поддршка за членство ЕУ од 2010 до 2022, тогаш пораката за „Силна поддршка за ЕУ“ може да се протолкува како порака истргната од контекст – затоа што не го зема предвид забележителниот пад на поддршката, во споредба со март 2006 (97%) или ноември 2021 (84%).

Поддршката за членство во ЕУ во анкетите на ИРИ од 2010-2022

                        Поддршката за членство во ЕУ во анкетите на ИРИ од 2010-2022

Освен тоа, медиумските пораки и наслови за „Силна поддршка за ЕУ“ не го земаа предвид ниту изразениот сомнеж во однос на намерите на ЕУ, регистриран во одговорите на испитаниците на посебното прашање во анкетата на ИРИ – Дали ЕУ е сериозна во своите намери да им понуди членство на државите од Западен Балкан?

Од друга страна, овој јасно изразен сомнеж е земен предвид во пораките од насловот на ТВ Сител: „Македонците сакаат во ЕУ, но не веруваат дека Унијата ќе ги отвори вратите“, првичниот наслов на DW: „ИРИ: Северна Македонија сака во Европа, но не ѝ верува доволно на ЕУ“, и насловот на Слободен печат: „Анкета на ИРИ: Граѓаните поддржуваат влез во ЕУ, но сметаат дека Унијата не е сериозна во намерите да понуди членство“.

Впрочем, и од споредбата на сегашните одговори на прашањето дали ЕУ е сериозна во своите намери да им понуди членство на државите од Западен Балкан, со одговорите од 2022 година, може да се согледа пад од 8% на оние кои одговориле со „да“, и раст од 3% на оние кои одговориле со „не“.

Дека поддршката за ЕУ од 68% не е толку силна како во минатото, се потврдува и во насловот на Призма: „Анкета на ИРИ – мала доверба во политичарите, во институциите и во ЕУ“. А скептичноста во однос на ЕУ како приоритет е индикативно регистрирана во насловот на Сдк.мк: „Врвни приоритети на владата треба да бидат високите цени и корупцијата, ЕУ интеграциите на последно место, покажа анкета на ИРИ“, како и во прилогот на  ТВ Алфа: „Во однос на Европската унија и интеграцијата на Македонија, само еден отсто од граѓаните рекле дека тоа треба да биде приоритет.“ (ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИРИ: Врвни приоритети на Владата да бидат инфлацијата и корупцијата).

Има ли други показатели за антизападно расположение во анкетата на ИРИ?

Во анкетата на ИРИ можат да се наведат неколку интересни показатели за сериозни анти-ЕУ и антизападни влијанија во Северна Македонија:

  • Забележителен е падот од 10% на испитаниците (од 41% во 2022 на 31% во 2024 година), на тие што сметаат дека надворешната политика на нашата земја треба да биде само про-ЕУ и прозападна. Така, Северна Македонија е единствена земја покрај Србија во која прозападниот курс нема 50% поддршка (има само 43%, заедно со тие 12% што сметаат дека курсот треба да биде прозападен, со зачувување на односите со Русија).
  • Податоците од анкетата на ИРИ од септември-октомври 2022 укажуваат дека за исклучиво про-ЕУ и прозападен курс тогаш биле дури 47% од испитаниците, што значи дека падот е уште поголем. Односно, падот од септември-октомври 2022 до февруари-март 2024 е дури за 16% (од 47% на 31% за исклучиво про-ЕУ и Западен курс), односно од 73% на 43%, на збирниот прозападен курс.
  • Забележително е дека само во Србија и Северна Македонија има повеќе испитаници кои ја подржуваат Русија, отколку Украина (како страни во воениот конфликт).
  • Забележително е дека само во Србија и Северна Македонија повеќе испитаници сметаат дека Западот е најодговорен за воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, отколку што сметаат дека е најодговорна е Русија.

Сумирано, одговорите на овие три прашања од анкетата на ИРИ сугерираат дека по големиот пад кај нас, нема мнозинство за прозападен курс во надворешната политика, дека има малку поголема поддршка за Русија отколку за Украина, и дека речиси двојно повеќе испитаници сметаат дека Западот (27%) или Украина (6%) се најодговорни за конфликтот помеѓу Русија и Украина, отколку што сметаат дека најодговорна е Русија (17%).

Бугарија, земја-членка на ЕУ и НАТО се перципира како најголема закана, а Србија како најважен сојузник

Северна Македонија е единствената земја во Западен Балкан во која како најголема закана (23%) се смета Бугарија, која е земја членка на ЕУ и НАТО.

Убедливо најдобро мислење испитаниците од Северна Македонија (43%) имале за Србија која покажува проруски тенденции – каде што прорускиот курс (39%) во надворешната политика е поизразен отколку прозападниот (24%). Србија се смета за најважен сојузник од страна на 34% од испитаниците кај нас, а најважен сојузник за 46% од испитаниците во Србија е Русија, за која најголема закана е САД (36%).

Има ли појасен индикатор за зголемено антизападно расположение во Северна Македонија, од перцепцијата на земја членка на ЕУ и НАТО како најголема закана, а на антизападно и проруски ориентираната Србија како најголем сојузник – каде што, според анкетата на ИРИ, Путин ужива најголема поддршка од 80%, а Русија се смета за најголем сојузник од 46% од испитаниците?

Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА

Извор: ИМA.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен