Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бислимоски: Нема да има никаков ценовен шок

За електричната енергија, нема да има и нема да дозволиме никаков ценовен шок, потенцира во разговор со дописничката на МИА од Атина, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски и посочува дека следната седмица се очекува да ја информираат јавноста околу цената на струјата од 1 јануари 2024 година.

Бислимоски како претседател на Бордот на регулатори на Енергетска заедница присуствуваше на редовниот состанок во Атина на кој меѓу другото, требаше да се избере и нов претседател, но ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство, со што мандатот му се продолжи за уште шест месеци. 

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, претседателот на РКЕ говори за неговото четиригодишно искуство за време на двојниот мандат во Енергетската заедница, за разменетите искуства со колегите од другите земји, но и за она што најмногу ги засега граѓаните-цените на електричната енергија за следната година. 

-Цените на струјата секогаш сe актуелни, во изминатиот период повторно бевме соочени со разноразни црни сценарија, колку ќе значи поскапувањето, што ќе значи. Ние ги привршуваме цените во однос на делот за мрежарините, за пренос и за дистрибуција на електрична енергија. Понатака откако ќе ги усвоиме, универзалниот снабдувач треба да ги достави. Очекуваме во текот на следната недела да ја информираме јавноста. Секогаш имаме креативни решенија, нема да има никаков ценовен шок, сè ќе биде во рамките на тоа што може да се очекува, вели Бислимоски.

Објаснува дека треба да се земат предвид зголемувањето на набавната цена на ЕВН хоум, трошоците за загуби на електрична енергија кои се зголемија кај електродистрибуција, зголемените трошоци за материјали, зголемените плати во компаниите итн. 

-Нема да дозволиме никаков ценовен шок. Повторно разноразните експерти ќе ги разочараме, така што, во текот на следната недела ќе ја соопштиме конечната одлука, истакнува претседателот на РЕК. 

Бислимовски објаснува дека компаниите побарале 27 отсто зголемување на цената, но тој истакнува дека „апсолутно нема да го добијат тоа“. 

-Ги привршуваме анализите, имаме начин како да го спречиме тоа, ќе воведуваме и надоместок за пристап кон мрежа, којшто најодговорно тврдам дека ќе им помогне на сите потрошувачи во државата, имајќи предвид дека поради поставување на фотоволтаици на кровови и на индустриски капацитети и на домаќинства, потрошувачката ни падна за десетина проценти што прави дополнителен притисок врз цената. Значи, тоа има влијание и не може тие што не поставиле фотоволтаици да плаќаат за тие што поставиле фотоволтаици, вели Бислимоски. 

Објаснува дека има 130 илјади домаќинства кои минимално трошат електрична енергија, но трошоците за одржување на мрежите се фиксни секој месец и „не може да плаќаат само тие што трошат, туку има и фиксен трошок“. 

Во однос на воведените блок тарифи потенцира дека се покажа дека функционираат и ќе продолжат да функционираат. 

-Имавме сосема разбирлив притисок од Меѓународниот монетарен фонд, но на крајот се разбравме дека колку и да ги намалиме ние тарифите, толку повеќе ќе се зголемува приходот и со тоа ќе има други непотребни работи коишто треба да се случуваат. Блок тарифите ќе продолжат да функционираат и сега за сега даваат одлични резултати. Најбитно ни беше со блок тарифите да се намали потрошувачката на електрична енергија. Веќе испраќаме и сигнал, тие што се во четврти блок, многу влегуваат во четвртиот блок, можат да си одат на слободен пазар да си набават електрична енергија, објаснува Бислимоски за МИА. 

Заеднички документ на регулаторните тела од Енергетската заедница за нивната финансиска независност

На состанокот во Атина на претставниците на регулаторните тела од Енергетската заедница и сега се размениле искуства, но се споменале и проблемите кои се заеднички во сите земји, а Бислимоски вели дека овој пат се отворила широка дебата во однос на финансиската независност на сите регулаторни тела, како и за проблемите во однос на платите на вработените, на притисокот од енергетските компании итн. 

Како пример го спомена Косово, каде што, како што вели кадарот си заминува поради ниските плати.

-Се договоривме да изготвиме заеднички документ со јасни заклучоци и позиции на сите регулаторни тела од регионот за кој ќе бидеме целосно поддржани од Енергетската заедница и од Европската комисија и којшто ќе ни биде понатаму основа да си ги бараме своите права, особено во делот на вработувањата и зајакнувањата на капацитетот на регулаторните тела во регионот, рече претседателот на РЕК. 

Бислимоски, во декември 2019 година едногласно беше избран за претседател на Бордот на регулатори на Енергетската заедница на тогашниот редовен состанок, две години подоцна, во ноември 2021 година доби втор, двегодишен мандат, а сега требаше да биде избран неговиот наследник, но поради тоа што ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство, претседателот на РКЕ ќе продолжи да ја врши функцијата уште шест месеци.

Двата мандати во Енергетската заедница беа во период на неколку последователни кризи, за што самиот Бислимоски коментира дека било интересно и ново искуство. 

Во разговорот за МИА се потсетува дека кога станал претседател, тогашниот директор Јанез Копач му рекол дека е првиот вистински кадар на Енергетската задница кој ги води регулаторите бидејќи има поминато низа обуки. 

-Бев претседател во особено тежок период. Имавме ковид криза, имавме енергетска криза, имаме војна во Европа, руската агресија врз Украина. Во тој период земјите горе-долу сите се соочивме со еден ист проблем и можам да ги поделам во две групи, едните коишто увезуваат електрична енергија, како што се Македонија, Албанија, Косово и Србија во одреден период од годината, многу потешко ја пребродивме. Босна и Црна Гора беа порелаксирани бидејќи си имаат свое домашно производство на електрична енергија, а под најголем притисок во целиот овој период имаа Украина и Молдавија, пред сè поради постојаните закани, уште пред да започне војната, дека Русија ќе ги исклучи од природен гас итн. Така што, интересен период, но и период што ми донесе нови искуства, кои понатака се надевам дека ќе ги применувам, објасни претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.

Состаноците на енергетската заедница традиционално се одржуваат во Атина, освен Северна Македонија, земји-членки се и Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Молдавија, Грузија, Украина и Албанија.

Претходниот состанок во Атина се одржа на средината на април годинава. 

Сања Ристовска

Зачлени се на нашиот е-билтен