Блинкен ќе дојде на неформалната вечера на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен ќе дојде на неформалната вечера на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, потврди денеска министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи.

Османи, кој одржа брифинг со новинарите околу подготовките на Советот, не можеше да прецизира дали на неформалната вечера ќе присуствуваат и рускиот и украинскиот министер за надворешни работи. Како што рече, агендите на сите министри се различни, па не мора да значи дека секој од нив ќе биде присутен на конференцијата сите три дена.

На 28 ноември, информира Османи, ќе почнат да пристигнуваат гостите, а неформалната вечера е предвидена за 29 ноември со поголемиот број министри. На вечерата се очекува да бидат изнесени ставовите на државите во однос на иднината на ОБСЕ, но тема, како што рече Османи, ќе биде и агресијата во Украина.

– За неформалната вечера го очекуваме државниот секретар Блинкен. Во кој дел од трите дена ќе биде министерот за надворешни работи на Руската федерација, Сергеј Лавров, тоа сега не можам да кажам. Не треба да очекуваме дека во сите три дена, сите ќе останат три дена. Сепак, тоа се важни луѓе кои ќе дојдат на одреден дел од настанот и ќе си заминат. Дали ќе се поклопуваат термините на нивните престој, тоа се уште не можам да го кажам. Ги утврдуваме тие детали. Ќе дојдат сите делегации, прашањата се дали ќе бидат министрите или нивните заменици, рече Османи.

На  Министерскиот совет е предвидено одржување и повеќе други, т.н. странични настани, за кои се планирани неколку теми: Украина, климатски промени, млади и цивилно општество и други. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира