Законот за употреба на македонскиот јазик налага државните институции, медиумите и сите оние кои на каков било начин комуницираат со македонскиот јазик, да мора да имаат обезбедено лекторирање на тие текстови, посочи во интервју за Слободен печат главниот и одговорен уредник на порталот Рацин.мк Зоран Бојаровски.
„Сите тие комуникации ќе мора да имаат обезбедено лекторирање на македонскиот јазик, а онаму каде што ќе се покаже дека е неопходно, ќе треба да биде вработен и лектор по македонски јазик. И сето тоа придонесува да се зголеми интересот за студирање и изучување на македонскиот јазик и привлекување на младите да го студираат бидејќи сега ќе бидат потребни не само професори по македонски јазик, туку лектори. На крајот, и тие што сега студираат се покажуваат како недоволен број да ги заменат постоечките и оние што заминуваат во пензија и едноставно тој број на прфесионалци кои се стручни во македонскиот јазик ќе бидат вработени, затоа што ќе се отворат нови работни места а во јавната комуникација ќе се подобри квалитетот на македонскиот јазик“ истакна Бојаровски.
Бојаровски додаде дека Законот за употреба на македонскиот јазик предвидува поддршка на веќе псотоечките лекторати за изучување на македонски јазик но и отворање на нови лекторати во државите низ Европа и светот.
Зборувајќи за употребата на македонскиот јазик, неговата позиција во меѓунардони рамки, Бојаровски посочи дека во последните неколку години македонскиот јазик доживува силна меѓународна афирмација.
Бојаровски истакна дека преку преговарачката рамка, преку скриниг-процесот македонскиот јазик е целосно признанен од сите земји членки на ЕУ, а по пристапувањето на државата, тој ќе стане официјален и рамноправен со сите останати јазици на Унијата.
Дека позицијата на македонскиот јазик во светот е зајакната, Бојаровски го даде примерот со божиќното послание на македонски јазик на Цариградскиот партијарх.
„Падна уште еден бастион кој го негираше македонскиот јазик, бидејќи Цариградската патријаршија, низ историјата доминантно преку поглавари и политики што ги има утврдено, е водена од грчки свештеници и припаѓа на грчкиот круг на цркви. И таа црква годинава за првпат го објави божиќното послание на македонски јазик. Тоа е голем историски преседан. Знаете како, еден грчки свештеник, прв меѓу еднаквите во светот да го напише и да го потпише посланието на македонски јазик, тоа е она што го велам, пад на последниот бастион од тој тип на негирање на македонскиот јазик или неприфаќање за неговото постоење, падна и тој веќе не постои и тоа е еден голем пробив за афирмацијата на македонскиот јазик, дури и во тие црковни кругови“, заклучи Бојаровски.