Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Црквата Свети Ѓорѓи во Струга важен споменик на уметноста

Најстариот христијански верски објект во Струга, црквата „Свети Ѓорѓи“, датира од средината на 13 век и претставува круцијален споменик на уметноста во Струшкиот регион. Таа е едно од најстарите духовни светилишта на Балканот и во Европа.

Денешната црква, според историските записи, е обновена во 1835 година врз темели на постарата средновековна црква, за која постојат сочувани стари ракописи.

Историчарот на уметност, член на МАНУ и одличен познавач на културното наследство во црквите во Западна Македонија, професор доктор Сашо Цветковски за МИА информира дека најстарата историја на црквата ја следат со иконата на Свети Ѓорѓи од 13 век. Оваа икона пак, е меѓу петте најстари во државата, датира од 1267 година. Пред седум-осум години во црковното депо беше пронајден фрагмент на фреска од Свети Ѓорѓи, што го потврдува податокот дека ова е најстар христијански верски објект во Струга, кој датира од средината на 13 век.

Денешниот храм, посочува Цветковски, е изграден за само два месеци, во 1835 година, на местото каде имало многу помала црква.

– Додека траела градбата бил даван поткуп, големи материјални средства на турските власти во Струга, во Охрид, па дури и во Скадар како административен центар на овој дел од територијата на Османлиската империја. Тоа било голем предизвик и напор на нашите претци, кои ова го отпочнале во средината на 19 век, вели Цветковски.

Иконостас од мермер и дрвена резба

Интересен во оваа црква е иконостасот, кој е составен од два дела. Долниот е мермерен, парапетите се со убави мермерни плочи кои се резбани, а горниот дел е со убава дебарско мијачка резба – копаница, резбана од нашите најдобри копаничари на 19 век, дебарските мајстори.

– Иконостасот бил поставен 1849-та година, дрвениот резбан дел. Иконите се сликани 1850-1851 година, дело на зографи, припадници на Пелагониската зографска традиција, од работилницата во Магарево. Живописот ќе биде завршен 1874 година и тогаш е комплетирана целата декорација за внатрешното уредување на православните храмови. од поставување на иконостасот до поставување на иконите и фрескоживописот, раскажува историчарот на уметност.

Анализирајќи ги фазите на внатрешното уредување, вредноста на архитектурата и просторната концепција, црквата Свети Ѓорѓи, е силен објект од архитектонска гледна точка.

– Однадвор изгледа како базилика, но внатре има пет скриени куполи, просторот е многу расчленет и многу интересен. Тоа овозможило и внатре да се наслика голема, обемна и богата програма со извонредни иконографски решенија. Зографите – браќата Макариеви од Галичник, направиле вистинско ремек дело. Тоа е нивно најуспешно и најобемно сликано остварување, додава Цветковски.

Галерија со икони и дела од богатата културна историја во црквата „Свети Ѓорѓи“

Во 90-тите години од минатиот век, во кровот на црквата „Свети Ѓорѓи“ откриени се 50-тина икони, што било мотив да се оформи и галерија.

– Иконите беа пронајдени, скриени во кровот на црквата, потоа следеше нивна конзервација, чистење, реставрирање и во 2010 година оформивме галерија на икони каде баа изложени. Покрај најстарата на Свети Ѓорѓи од втората половина на 13 век, тука има икони од 15, 16 и 17 век. Во иконописот на Свети Ѓорѓи доминира поствизантискиот период, појаснува Цветковски.

Тоа, според него, се икони кои припаѓале на црквата „Свети Ѓорѓи“, но и икони кои се носени од струшките цркви, во периоди кога имало реална опасност од воени судири, кои до средината на 19 век постојано се одвивале на овие предели.

– Скриени во горните парти на црквата, било еден начин да се сочуваат тие икони, да се заштитат. Таа бројка од околу 50 вредни, значајни икони е дел од нашата уметност од пост византискиот период, вели Цветковски.

Дел од богатата културна историја во црквата Свети Ѓорѓи се и 10-тината ракописи од периодот на 15, 16 и 17-тиот век.

Годинава навршуваат 170 години од завршување на живописот внатре во црквата, а по повод јубилејот тимот на професорот Цветковски подготвува монографија, односно студија, која ќе ги содржи фазите на настанувањето на фрескоживописот, иконостасот, резбата на иконостасот, иконите, вредноста на архтектурата и просторната концепција на црквата.

Зачлени се на нашиот е-билтен