Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дерала на Форумот за мир и дијалог: Медиумите се главните дистрибутери на националистичките наративи

Претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала, во рамките на тридневната школа за млади лидери при Форумот за мир и дијалог (Peace Forum Dialogue) пред учесниците одржа предавање на тема „Медиумите во политиката и пропагандата“.

Дерала сподели голем број примери за тоа како медиумите се поврзани со политиката и пропагандата.

„Медиумите се превозни средства за политиката, како и за пропагандата креирана од домашни и странски центри на моќта. Често, тие имаат исти или блиски финансиски извори. Дел од финансиерите, пак, го зголемија своето богатство во бизниси токму со Русија. Затоа, не треба да зачудува што големите медиумски куќи кои се во сопственост на македонските олигарси, имаат многу пропустлив филтер за руската пропаганда“, истакна Дерала пред учесниците.

Тој исткана дека медиумите се оружје за масовна измама.

„Медиумите се главните дистрибутери на националистичките наративи што ги создаваат центрите на моќта и политичките структури, во и надвор од земјата. Тие наративи не се секогаш очигледни. Такви примери се наративите што стојат зад случаите ЕВН и Слупчане, а порано и Арачиново. Понатаму, пропагандните центри постојано креираат наративи дека токму Албанците и нивните политички претставници се корумпирани“, нагласи меѓу другото Дерала во своето предавање. 

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците годинава по втор пат ја организира Школата за млади лидери при Форумот за мир и дијалог, кој се одржува по повод одбележувањето на 22-годишнината од Охридскиот договор.

Школата се одржа од 11 до 13 август во Маврово, а предавачи беа од различни академски и политички профили. Меѓу најпознатите имиња на предавачите на Форумот беа поранешната министерка за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и националниот координатор за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски. Меѓу предавачите беше и поранешниот пратеник и потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев, како и универзитетските професори Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет, Мерсим Максути од Правниот факултет на Тетовскиот универзитет, Лидија Георгиева од Филозофскиот факултет, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, и други истакнати имиња.

Програмата на овогодишниот форум заврши со видео обраќања на поранешниот генсек на НАТО, Џорџ Робертсон и поранешниот амбасадор на Франција, Ален Ле Роа, како и со предавањата од Џабир Дерала од ЦИВИЛ и Кларис Пастори од ОБСЕ.

На тридевната школа за млади лидери беа третирани низа големи теми поврзани со политичките процеси, лидерството, меѓуетничките односи, безбедносните и други прашања на домашно и меѓународно ниво.

Дестан Јонузи

Зачлени се на нашиот е-билтен