Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дерала: Поларизацијата во општеството е овозможена преку агресивна експлоатација на најмоќното оружје без барутно полнење – медиумите

Перцепцијата за „различните“ или „другите“, што и да подразбираат тие поими, во несигурен и поларизиран свет во кој се води голема војна во Европа, неизбежно и се повеќе е заснована на омаловажување и недоверба. Центрите на моќта кои се во војна за уништување на вредностите што се подразбираат под демократија и човекови права и слободи, долго време ја водат таа војна за уништување на тие вредности. 

Последица на тоа се општества кои се поларизирани и во кои перцепцијата за другите е пропорционална со нивото и интензитетот на поларизација и контаминација со длабоко вкоренети предрасуди и стереотипи, кои лесно прераснуваат во презир, нетрпеливост, омраза и отворено насилство. 

Да видиме како се однесуваат две, условно кажано, општествени групи. 

Жртви

Другите не се вредни (дури ни истиот воздух да го дишат со нас), но затоа сакаат да го грабнат и уништат тоа што е наше. А тоа што е наше е свето, највредно од сите, ни припаѓа само нам. Сме го стекнале низ вековите со страдалничка борба и крвави жртви. 

Другите не можат да бидат наши соседи и партнери, бидејќи секогаш, колку и да не изгледа така, длабоко во нив тлее желбата да нѐ уништат и да го земат тоа што е наше. Иако се прости и безвредни битија, без оглед на тоа дали се или не се помалубројни, тие поседуваат способност да коваат заговори против нас и да ни ги преземат главните лостови на моќта и постојано се обидуваат да завладеат со нас. 

Едноставно, ние секогаш сме жртви на другите. 

Тоа е таа постојана епска разиграност на горчината, самосожалувањето и презирот. Која секогаш е на границата да се претвори во милитантна омраза. 

Прогресивни

Дури и кога сме прогресивни, па решаваме да ги прифатиме различните од нас, ние тоа го правиме затоа што сме благородни, сомилосни и големи, секако и повредни од нив, различните. Па кога би биле исто толку вредни како нас, не би биле различни, зарем не? Но ние сме модерни и прогресивни, затоа ги прифаќаме различните. Треба еднаквоста да се негува, да им се помогне на другите да се приближат до нашите небесни височини, да им се даде шанса. Да им се подари еднаквоста, толку колку што заслужуваат. 

Сепак, сѐ има свои граници. Секогаш ни е на располагање правото да се разочараме и да им се придружиме на оние што не се толку прогресивни како нас, па да кажеме – „Навистина, во право се радикалите, овие не ја заслужуваат нашата доверба и добрина!“

Причини 

Кога зборуваме за причините за толку широко распространетата нетрпеливост меѓу заедниците, етнички, верски и расни, како и други облици на заедници, сѐ можеме да сведеме на еден збор: СТРАВ.

Страв од непознатото, страв за сопствениот идентитет, безбедност, благосостојба. Страв за сопствениот опстанок! 

Фактори

Главен фактор за влошување на односите меѓу заедниците се политичките партии. Тоа е најевтиниот, најефикасниот и воедно најдеструктивниот начин да се дојде до гласови, популарност и мандати. Поларизација, ширење страв и ветување дека тие ќе ги спасат луѓето од другите, различните. 

Се разбира, тоа би било невозможно без експертската помош од интелектуалците, образовните институции и дел од граѓанското општествоѓ а да не заборавиме и на тивкиот длабоко зачмаен, политизиран/партизиран и конзервативен клиент – администрацијата.

Воено-разузнавачките, политичките и финансиските структури во антидемократские земји во директна или индиректна спрега со домашните „трагачи по богатство“ учествуваат во фрагментацијата и поларизацијата на општеството, а потоа и во деструкцијата на институциите, безбедноста и стабилноста на државата. 

Сето тоа е овозможено преку агресивна експлоатација на најмоќното оружје без барутно полнење – медиумите. 

Итни чекори

Најитно се потребни решителни и сеопфатни чекори во повеќе критични области и тоа во образованието, културата и медиумите. Тие чекори мора да бидат придружени со јасно изразена политичка волја, да бидат недвосмислени и бескомпромисни. 

Владеењето на правото подразбира и решително спроведување на законите за заштита на човековите права и слободи, наспроти ширењето на етничка, верска и расна нетрпеливост, и военохушкачка пропаганда. 

Институциите и прогресивните општествени и политички структури мораат да работат на понатамошна секуларизација на државата, а не да кокетираат со верските поглавари и да преземаат популистички чекори за да ги одбранат своите политички позиции и рејтинзи. Таквото однесување е штетно и за општеството, и за државата, а на подолги патеки и за самите нив. 

Препораки

Препорака на ЦИВИЛ до граѓанските организации, особено до неколкуте мрежи кои ги адресираат дискриминацијата и човековите права и слободи, е да вложат повеќе напори во генерирање на конкретни активности и настани со кои ќе се промовира концептот и Стратегијата за мултикултурализам, претходно позната како „Едно општество за сите“.

Препорака и до медиумите и граѓанските организации и мрежи поврзани со медиумските прашања е да ги постават активностите и содржините на тема мултикултурализам како приоритетни.

Понатаму, препорака до Владата и институциите е:

  • да преземат мерки за превенција, односно санкционирање на говорот на омраза и ширењето на етничка верска и расна нетрпеливост, кои се кривични дела и 
  • да продолжат со добрите практики на креирање позитивен амбиент за развој на мултикултурализмот во земјата.

ЦИВИЛ ја препознава важноста и улогата на носителите на овие процеси, пред сè, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и Националниот координатор за интеркултурализам при Владата на Република Северна Македонија, но и другите надлежни институции.

Препорака на ЦИВИЛ е тие во наредниот период да се фокусираат уште повеќе на доследно и уште подинамично спроведување на Акцискиот план на Стратегијата и креирање на новата Стратегија 2023-2025 година, со посебен акцент на образовните институции.

Врз основа на долгогодишната работа во повеќе области директно и индиректно поврзани со односите меѓу заедниците, почитувањето на човековите права и слободи, како и со безбедноста и стабилноста на државата, ЦИВИЛ констатира дека Стратегијата за развој на мултикултурализмот има клучна улога во развојот на македонската демократија и исполнувањето на националните интереси. Негувањето на вредностите и решителното започнување и водење на процесите за јакнење на интеркултурализмот и мултикултурализмот во земјата е клучно и за безбедноста и стабилноста на Република Северна Македонија. (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен