На панелот на Зелен ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ) на тема „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“претседателот на Цивил, Џабир Дерала во одговор на прашањето дали македонската зелена агенда е реалност потврди дека е реална зелената агенда, дури и да не е реална, мора да се оствари таа зелена агенда за земјава, за да можеме понатаму да опстанеме како население.
„Бидејќи ние сме дел од тој глобален свет, би рекол дека таа зелена агенда, ако зборуваме за владината зелена агенда, може дури и да се проширува, и да добие нови компоненти. Меѓутоа, колку една агенда е реална, исто така зависи и од околностите во кои се наоѓа една држава. Ние се наоѓаме во подрачје во кое зелената култура е на многу ниско ниво, за среќа, можеме да кажеме дека има политичка волја, меѓутоа, остварувањето на политичката волја и остварувањето на агендите, секогаш зависи од тоа колку луѓето се вешти, и колку луѓето навистина се спремни да ги спроведат плановите, без да мислат на своите банкарски сметки.“
Дерала се осврна на проблемите со зелената агенда, на светско ниво, и ги посочи и актуелните воени состојби и безбедноста во светот, како удар за оваа агенда.
„Исто така, зелената агенда може да има големи проблеми, не само македонската, туку која било зелена агенда во светот, заради жестоките воени судири, пред се во Украина, а сега гледаме и со новата војна на Блискиот Исток, секоја зелена агенда, колку и да е богата државата, секогаш ќе трпи удар, поради ваквите состојби во светот. Безбедноста секако дека е фактор, кој не смее да се занемари. И државната, и регионалната и свеската безбедност се фактори кои влијаат на тоа дали една зелена агенда може, или не може да се оствари, или во кој размер ќе се оствари.“
Тој ја посочи и интеграцијата во ЕУ како итност за нашата земја, бидејќи, меѓу другото, во контекстот на зелената агенда, европските фондови би биле од клучно значење за одржливиот развој и зелената економија на земјата.
„Во таа смисла, зелената агенда е реална, и реалистична, и таа треба да се оствари, меѓутоа, не може да се оствари во целост, сигурно, и заради објективните причини. Се разбира, и заради недоволните ресурси во самата земја, како човечки, така и финансиски.
Што се однесува до Европските фондови, затоа ни треба што поскора интеграција, бидејќи таму не се штеди на зелената агенда. Меѓу другото, зелената агенда е и фактор на стабилност, и фактор на безбедност на една држава, а во случајов, и на целата Европска унија.“, порача Дерала