Неколку часа по обидот за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо, информациите почнаа да се користат во извртен контекст.
„Веќе во првите минути, откако во локалните, а потоа и во светските агенции се појави веста за обидот за атентат, почнаа да се шират дезинформациски наративи, обединети главно околу три теми: опозицијата, медиумите во земјата и антиглобалистичката позиција на Фицо“, вели експертот за безбедносни истражувања во Лабораторијата за дигитални истраги на Атлантскиот совет, Руслан Трад.
Тврдење: Дел од операција на НАТО?
Јавните личности и коментаторите ширум Европа почнаа да шпекулираат за мотивите зад обидот за атентат. Во публикациите на социјалните мрежи во Бугарија дури имаше коментари кои го дефинираа обидот за атентат како „евроатлантски терор“, а политички личности провокативно на своите онлајн профили прашуваа „кој е заинтересиран за смртта на словачкиот политичар“ и „кој ќе биде следен“.
Позицијата на Фицо за војната во Украина веднаш беше искористена и за ширење дезинформации.
„Официјални лица поврзани со руската влада побрзаа да вметнат наводна украинска врска околу напаѓачот“, објаснува Руслан Трад. „Од друга страна, руските канали во Телеграм ја обвинуваат Велика Британија за организирање на обидот за атентат“.
Обвинувањата се насочени и кон НАТО – на пример, во руските државни канали како што е „Спутник“, каде што поранешниот американски воен преставник Скот Бенет рече дека обидот за атентат може да биде „дел од операциите на НАТО насочени кон лидерите кои се противат на војната во Украина“. Тој дури направи аналогија со атентатот на американскиот претседател Џон Кенеди.
Скот Бенет е фигура која прокремљските медиуми често ја користат за анализа, каде што е претставен како „западен воен експерт“. Во 2011 година американскиот суд го осуди на три години затвор под обвинение за нелегално поседување поголем број оружје, нелегално претставување на полициски претставник и ширење лажни информации за американската војска. И во Бугарија активно се дистрибуираат исечоци од говорите на Скот Бенет пред руските медиуми.
Во својот профил на социјалната мрежа Х, популарниот инфлуенсер, кој е обвинет за трговија со луѓе, организирање криминална група и силување, Ендрју Тејт индиректно го обвини Западот за атентатот на словачкиот премиер. Тој напиша дека „непријателите на вистината повеќе не ги кријат своите намери“, објаснувајќи дека Фицо е противник на мерките за заштита од Ковид-19, СЗО и за ставање крај на војната во Украина (со преговори и отстапување територии на Русија).
Кој ги шири дезинформациите?
„Активноста на руските канали, провладините новинари и функционерите кои ги користат социјалните мрежи за да промовираат точки за поддршка е видлива“, вели Руслан Трад. Поделбата во Словачка, која беше забележана уште пред обидот за атентат врз премиерот, и сега е јасно видлива, коментира експертот.
„Иако некои од министрите на Фицо се обидоа да испратат порака за единство и ладнокрвност, тоа досега немаше голем ефект“.
Словачкиот министер за внатрешни работи, Матуш Есток Сутаи, го обвини „говорот на омраза“ за нападот врз Фицо и повика на „одговор на омразата со омраза“. Според Руслан Трад, либералната опозиција не може да прифати такви напади, „со оглед на тоа што целата кампања на Фицо се заснова на директни напади врз противниците“. Претставниците на националистичките партии во Словачка ги обвинија прозападните медиуми кои ја критикуваат владата. Претседателот на Словачката национална партија, која е дел од владејачката коалиција, се закани дека „ќе започне политичка војна“. Во исто време, напади врз новинари од независни медиуми во земјата се појавија и во провладините унгарски медиуми.
Што се знае за сторителот?
Словачкиот министер за внатрешни работи го потврди идентитетот на напаѓачот, кој е уапсен на местото на настанот. Само неколку часа откако Фицо беше пренесен во болница со прострелни рани, на социјалните мрежи почнаа да се појавуваат информации за насилникот. Тоа е 71-годишниот Јурај Цинтула, кој во различни публикации на бугарските социјални мрежи беше опишан како „психодесничарски либерал“ и „активист на опозициската Прогресивна Словачка“.
„Познато е дека има контрадикторни позиции“, објаснува Руслан Трад. „Поранешен чувар со лично оружје за кое има дозвола. Една од неговите книги е расистичка и насочена против Ромите во Словачка. Потврдено е и дека е вмешан во круговите околу проруската паравоена организација „Словачка гарда“ и барем до 2016 година споделуваше фотографии со членовите на формацијата .Познато е и дека отворено го критикуваше Фицо“, вели експертот. (Дневник.бг / Независен)