Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дујовски: Руското влијание во Македонија е присутно но се чувствува многу помалку отколку во Бугарија и Србија

Кај нас, можеби најмалку од сите држави на Балканот се чувствува руското влијание, го има, присутно е, но не е доминантно во оваа фаза, за разлика од Бугарија, земја членка на ЕУ и на НАТО и за разлика од Србија, порача во Студиото на Слободен печат деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски.

„Останува да се види како ќе се постават руските интереси во однос на нашите избори и дали може да се влијае на изборите по една таква линија. Ако се сеќавате, по завршувањето на претходните локални избори, тогашниот премиер Заев кажа дека има доминантно странско влијание преку дезинформации и лажни вести и тие директно влијаеле на исходот на локалните избори во 2021 година“, посочи тој.

Дујовски смета дека последните интензивни средби со американски политичари и државни претставници се на некој начин превентива од идно можно руско влијание.

„Во таа насока се и последните раздвижувања што се случија деновиве. Пред неколку недели министерот Спасовски имаше средби во Вашингтон со многу врвни луѓе и од обвинителството и од администрацијата на претседателот Бајден, меѓу нив и со О’Брајан кој меѓудругото завчера ја посети Македонија и даде многу јасни пораки за тоа во која насока треба да оди државата“, рече Дујовски.

Деканот на Факултетот за безбедност направи споредба на односите што Македонија ги има со САД и ЕУ и односите со Руската Федерација

„Доколку направиме еден сублимат на односите, ние 30 години соработуваме со САД и со ЕУ, прашање е колку од тоа сме успеале да искористиме, но факт е дека ние немаме речиси никакви односи со Руската федерација во овие 30 години. Освен протоколарните средби на амбасадорите, други конкретни активности не сме имале. Некои конкретни проекти не сме работеле. Во нашата армија и полиција немаме инвестирано речиси ништо што доаѓа или е поврзано со руската култура, руската традиција, со нивното уредување на нивните безбедносни служби и слично. Македонските безбедносни служби се градени по теркот на европските безбедносни служби. Ние сме членка на НАТО, разменуваме информации со Алинајсата на дневна основа и тоа се стотици информации добар дел од нив се и касифицирани“, посочи Дујовски.

„Освен интернет просторот и некои суптилни влијанија можеби преку некои помали политички партии, нема друго присуство на Русија кај нас. За разлика од кај нас, во Србија доминираат темите со Русија. Таму во секојдневните политички емисии не можете да видите ништо друго освен силна наклонетост кон Русија“ посочи Дујовски.

Тој потенцираше дека Русија конвенционално ја нападна Украина, но неконвенционално ја нападна цела Европа, преку дезинформациите, со хибридните напади што се случуваа не само овде.

„Ние не бевме ексклузивитет, тоа се случуваше и во Франција, дури и француската министерка за одбрана во претходниот состав јасно кажа дека има јасни сознанија дека сето тоа е подготвено во Москва“, посочи Дујовски.

Според него се уште е отворено прашањето кога и како таа агресија ќе заврши, но и што ќе се случува потоа пред се на европско тло.

„Прашањето што сега доминира е дали таа војна ќе остане само на територија на Украина, дали ќе се најде некаков мировен договор.што би бил прифатлив и за двете страни или и двете страни ќе одат до исцрпување и веднаш потоа да се започне со план за обнова и тој план за обнова ќе не седне сите на маса и веројатно ќе ги исцрта сите контури на односите помеѓу Европа и тоа што во тој момент ќе значи Русија“ заклучи Дујовски.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново