Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Единство и посветеност: Како француската левичарска коалиција го возврати ударот

Да не се лажеме, ова обединување доаѓа по долг период на распаѓање на левицата или, да бидам поблаг, фрагментација на левиот политички блок во Франција (и не само таму)

Пишува: Џабир ДЕРАЛА

Историски избори во Франција. За првпат по владеењето на марионетската влада за време на нацистичката окупација во Втората светска војна, предвремените парламентарни избори во Франција на 30 јуни донесоа победник од крајната десница. Национален собир (Rassemblement National, RN) на Марин Ле Пен освои најмногу гласови (34%) на изборите со извонредно висока излезност од 66%.

Но ова не е текст за победата на крајната десница во Франција.

Новиот народен фронт (Nouveau Front populaire, NFP) изби на второто место со 28,5%. Коалицијата Заедно (Ensemble Citoyens) на актуелниот претседател Емануел Макрон, доби 20%.

Коалицијата што стана главен фактор за спротивставување на походот на француските ултрадесничари кон власта во втората најголема економија во Европа и нуклеарна сила е формирана само 20 дена пред да се отворат гласачките места во Франција.

Нов народен фронт е коалиција од левичарски и зелени партии, како што се Франција бунтовна (La France Insoumise), Социјалистичка партија (Parti socialiste, PS), Екологистите (Les Écologistes, LE), Комунистичката партија (Parti communiste français, PCF) и други помали партии, сојузи и иницијативи од центар лево до крајно лево на политичката палета.

Соочени со наездата на крајната десница на изборите за Европскиот парламент, веднаш по соопштувањето на првите резултати, буквално во рок од неколку минути, почна обединувањето. Лидерката на партијата, 32-годишната Клеменс Гете, веднаш се јави на лидерите на неколку левичарски партии, сега и членки на коалицијата, а веќе утредента, по победата на Марин Ле Пен на европските избори во Франција, на 10 јуни се формира коалицијата Нов народен фронт. Лично познавам неколку луѓе кои сесрдно се приклучија кон акцијата за промоција новиот политички фронт. Програмата беше составена експресно, за еден ден, а успехот на изборите на 30 јуни беше повеќе од спектакуларен. Посветеност, енергија, самопожртвуваност и упорност – пар екселанс!

Да не се лажеме, ова обединување доаѓа по долг период на распаѓање на левицата или, да бидам поблаг, фрагментација на левиот политички блок во Франција (и не само таму). Личен анимозитет меѓу водечките личности, скандали, отсуство на способност или волја за соработка се еден дел од причините за тоа расцепкување на левичарите. Понатаму, веројатно и посуштински, причините за тоа се идеолошката дезориентација и неспособноста на левицата да се прилагоди на доминантните социополитички процеси и трендови во светот. Може да се каже и тоа дека нивниот најголем недостаток е нереалистичниот поглед на клучните прашања на современата цивилизација, како што се економијата, безбедноста и светскиот поредок.

Но… Кога ќе се соочат со опасноста од политичкиот радикализам и екстремизам, умерените (било да се умерено леви или умерено десни) имаат капацитет да се организираат, да ги мобилизираат луѓето и да ја спасат демократијата или барем да не дозволат таа да не биде целосно прегазена. Значи, потребни се единство, волја и посветеност, а не суета, опортунизам и лични интереси.

За жал, таква мобилизација обично се случува предоцна, а таков е и случајот со повеќе европски демократии.

*

ПС. Вториот круг на предвремените парламентарни избори на 7 јули ќе покаже дали Марин Ле Пен ќе освои апсолутно мнозинство или прогресивниот, односно умерениот политички блок ќе успее да ја спаси земјата од целосно паѓање на извршната власт во рацете на крајната десница. Ако тоа се случи, Макрон, иако останува претседател до 2027 година, „кохабитацијата“ ќе биде многу тешка, а лицето на Франција, а со тоа и на Европа, ќе биде променето.

ЦИВИЛ МЕДИА

Зачлени се на нашиот е-билтен