Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН 2: Ционизмот на Арент и создавањето еврејска армија која ќе им овозможи на Евреите да кренат глава

Животот и филозофските трудови на Хана Арент (Hannah Arendt) сигурно спаѓаат меѓу најголемите контроверзи на дваесеттиот век. Исклучителниот есеј на американскиот новинар и писател Адам Кирш (Adam Kirsch) објавен во магазинот „Њујоркер“ во 2009 година, насловен „Чувајте се од сожалување“, е камче во мозаикот кој светските интелектуалци го склопуваат последниве половина век трудејќи се да го разветлат ликот и делото на Арент.

Рацин.мк во неколку продолженија го приопштува овој есеј за контроверзиите што го обележаа животот и интелектуално-филозофскиот опус на Арент, еврејството и антисемитизмот, релациите со филозофот Мартин Хајдегер, тоталитаризмот, нацизмот и раѓањето на Државата Израел од пепелта на холокаустот, судењето на Адолф Ајхман и создавањето на поимот „баналност на злото“ што го обележа тој период и се провлекува до ден денешен, на сите светски меридијани…

Арент не можела да претпостави колку ќе биде болна нејзината средба со филозофијата. Како и повеќето претприемчиви студенти, таа се запишала на предавањата на Мартин Хајдегер. Хајдегер во тоа време работеше на своето големо дело „Битие и време“, но веќе уживаше репутација на возбудлив учител.

Арент со колеги студенти на Хајделберг

Многу години подоцна, Арент се присетила, во панегирикот по повод неговиот осумдесетти роденден, дека за време на нејзините студии „само неговото име се знаело, но тоа име се проширило низ Германија како гласина за некој мистериозен крал“. Подготвено го дочекала моментот кога во неа се заљубил оженетиот, триесет и петгодишен професор.

Фактот дека биле љубовници не беше тајна за нејзините блиски пријатели – „Колку возбудливо!“, извикал Карл Јасперс кога Арент му се доверила. Овој однос е општопознат уште од 1982 година, кога Елизабет Јанг-Брул го спомнала во нејзината биографија за Хана Арент. Дури во 1995 година се случи мал скандал, кога Елзбиета Етингер, професорка на M.I.T., објави сензационална книга наречена „Хана Арент/Мартин Хајдегер“. Тогаш легатите на Хана Арент и Хајдегер решија да ја објават нивната кореспонденција.

Резултатот е дека гласот на Хајдегер доминира во книгата, исто како што неговата личност и неговите одлуки доминираат во врската. Како што може да се очекува, Хајдегер – постар професор кој случајно е еден од најголемите европски филозофи – се однесува кон својата млада љубовничка со мешавина од страст и „попување“. На моменти го обзема поетски занес: „Ме фати нешто демонско… Такво нешто досега не ми се случило“, ѝ пишува тој по нивната прва средба. Често ја кара поради нејзините интелектуални амбиции. Тој ја поттикнува „одлучно да замине од патот на страшната осаменост на академското истражување, што само маж може да го издржи“, и наместо тоа да се фокусира на тоа да стане „жена која може да пружи среќа и околу која владее среќата“.

По една година тајни состаноци, Арент го напуштила Марбург и заминала во Хајделберг, каде што во Јасперс нашла посталожен учител. Од писмата се насетува болката што ја предизвикала врската на Хана Арент – пред се поради чувството на беспомошност. Многу рано, во автобиографскиот текст испратен до Хајдегер насловен „Сенки“, Арент се опишува себеси во трето лице: „Нејзината чувствителност и ранливост, кои отсекогаш ја карактеризирале, пораснале до речиси гротескни размери.“

Во 1929 година, на железничка станица, случајно налетала на Хајдегер, кој не ја препознал: „Кога бев мала, мајка ми ме исплаши толку глупаво, на шега. Ја прочитав бајката за џуџето Носко, чиј нос расте толку многу што веќе никој не може да го препознае. Мајка ми се преправаше дека тоа ми се случило. Уште добро се сеќавам колку се исплашив и викав: ама јас сум твое дете, јас сум твојата Хана. Така се чувствував денес“.

Значењето на нејзиното искуство со Хајдегер може да се види уште во раните триесетти. Вајмарската Република пропаѓаше, а нацистичкото насилство беше во пораст. Арент слушнала дека Хајдегер негува симпатии кон националсоцијализмот. Писмото што таа му го напишала на оваа тема е изгубено, но нејзината вознемиреност е навестена во одговорот на Хајдегер, со неодреден датум „Зима 1932/33“: „Гласините за кои се возбудивте се клевета“, започнува тој, а потоа го брани начинот на кој ги третира неговите еврејски колеги и студенти. (Ако одбил да биде ментор на еврејски студент, објаснува тој, тоа било затоа што „бев отсутен во текот на зимскиот семестар“, а освен тоа, „човекот што доби стипендија со моја помош за да оди во Рим е Евреин.“) Никаде во ова писмо тој не ги негира своите симпатии кон нацистите. Наместо тоа, Хајдегер ја уверува Хана Арент дека, што и да се случи, „тоа нема да влијае на мојот однос со тебе“. По ова писмо Арент не можела да биде изненадена кога Хајдегер во 1933 г. се зачленил во нацистичката партија и станал ректор во Фрајбург, со задача да ја усогласи универзитетската политика со новата партиска држава.

Арент тогаш веќе беше во егзил. Во пролетта 1933 година, веднаш по доаѓањето на Хитлер на власт, таа почнала тајно да работи за ционистичка организација, собирајќи документација за антисемитизмот во новата Германија. Ја уапсиле и испрашувале, а по осум дена ја ослободиле. Таа и нејзината мајка веднаш побегнале од земјата, минувајќи ја чешката граница во текот на ноќта.

Иако подоцна го поврза својот политички ангажман со палењето на Рајхстагот, јасно е дека таа станала свесна за неодржливата положба на Евреите во Германија неколку години пред 1933. Приватното понижување и политичко предавство кое таа го претрпела од Хајдегер секако придонеле за тоа.

Хитлер и Мусолини во 1934 г.

Во книгата за животот на Рахела Варнхаген, Арент ја внесе страста на личното искуство. Според нејзиното мислење, Рахела е жртва на ужасна илузија – „несреќно човечко суштество, ‘shlemihl’ (губитник, несреќник чии напори обично пропаѓаат; инспирирано од познатиот роман од 19 век „Чудните доживувања на Петер Шлемил“ на Аделберт фон Шамисо). Убаваta душа не е доволна, бидејќи „ животот воопшто не се грижи токму за душата“. За целосен и безбеден живот, на секое суштество му треба нешто што Арент го нарекува „дефинираност, социјален и политички статус што се стекнува со припадност кон заедница“. Во писмото „Сенки“, Арент за себе вели дека „никогаш не припаѓала никому, никаде“; така и Рахела била „прогонета на место каде што ништо не допирало до неа, каде што била отсечена од сите човечки настани, од сè на што човек има право.“

Избегнувањето на тоа безнадежно „место“ станало цел на животот и делото на Хана Арент. Категоричен императив на нејзината политичка теорија може да биде: „Не биди shlemihl“.

Во 1938 година ја завршила „Рахела Варнхаген“, делумно на поттик на филозофот Валтер Бенџамин, нејзиниот пријател во егзил. Арент ја гледала несреќата на Рејчел како ран знак на политичката наивност што ги направи европските Евреи толку лесни жртви на нацистите. Биографијата на Рахела е напишана, како што таа подоцна изјави, „со свесност за пропаст на германскиот јудаизам (иако, се разбира, без никаква идеја за размерите на физичкото уништување на Евреите во Европа што ќе следи)“. И како што ставот на Арент кон Рахела беше нестабилна мешавина од симпатија и критика, така и нејзината реакција на еврејската криза беше мешавина од горлива загриженост и вообразен презир.

Склоноста на Арент да ги обвинува жртвите, што предизвика таква бурна реакција по објавувањето на „Ајхман во Ерусалим“ во 1960-тите, веќе била јасна во написите што таа ги напишала за време на војната за „Aufbau“, еврејски весник на германски јазик што излегувал во Њујорк. Арент можела да избега од Франција под режимот на Виши во САД во 1941 година благодарение на визата што ја добила со помош на Комитетот за спасување во итни случаи (Emergency Rescue Committee), волонтерска група која користела и легални и нелегални средства за да ги извлече Евреите и другите загрозени од земјата. Таа се преселила во двособен стан на Западната 95-та улица, каде по неколку недели и се придружила нејзината мајка, која исто така успеала да побегне од Франција преку Лисабон. Нејзиниот ангажман како колумнист за „Aufau“ бил нејзиниот прв чекор во американското новинарство, што, како што се подобрувал нејзиниот англиски јазик, ја довел до статус на соработник на „Partisan Review“, „New Yorker“ и „New York Review of Books“.

Главната тема на нејзините воени списи е неопходноста Евреите да си го вратат политичкото достоинство – да одбијат и понатаму да бидат shlemihls. Како што напишала во 1941 година: „Вистината непозната за Евреите, иако тие сега почнуваат да ја учат, е дека човекот може да се брани само како личноста што е. Човек кој е нападнат како Евреин не може да се брани како Англичанец или Французин. Светот би заклучил дека оваа личност не се брани.“ Затоа Арент силно се залагала за создавање еврејска армија која ќе им овозможи на Евреите да кренат глава и да бидат рамноправни членови на сојузничкиот отпор.

Меѓутоа, она што му недодостасуваше на ционизмот на Арент беше позитивна содржина, вистински интерес за јудаизмот и еврејската историја. Таквиот став беше типичен за асимилираните германски Евреи од нејзината генерација, природна последица на воспитувањето во кое, како што се сеќава, „не научив од моите родители дека сум Еврејка… Зборот ‘Евреин’ никогаш не се спомнуваше во моето детство.“ Нејзиното еврејство беше дефинирано со антисемитизмот: „Првпат се сретнав со еврејството преку антисемитски забелешки… од децата на улица. Тоа беше моето ‘просветлување’“.

Подготвил: С.С.

(Продолжува)

Најново