„Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска е прва книга во која се анализираат женските ликови во македонскиот роман со цел да се издвојат модалитетите на женскоста во него. „Исправувајќи се пред одредени книжевни жени кои „живеат“ во различно време, но на исто место, во Македонија, оваа книга, и нас – читателите и нивните создавачи – авторите нè соочува со нив“ – истакнува во својата рецензија универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Во оваа книга е присутна и општата слика на човековиот живот, но секое навраќање кон неа во оваа книга е од друг ракурс на гледање преку кој се пренесуваат сите искуства на женските ликови. Колку историјата, околината, времето во кое живеат и професијата со која се занимаваат, влијаат врз создавањето на личноста? Како љубат македонските книжевни жени? Како ги доживуваат првата менструација, губењето на невиноста, првите заљубувања, машките фигури во нивните животи, мајчинството, контактот со самите себеси, со сопствените тела? Како сонуваат, како ги боли, како тагуваат, како се радуваат, што ги поврзува сите нив?
Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа, вклучително и по еден за ликовите од романи на Владо Малески, Оливера Николова, Лидија Димковска и Петар Андоновски, кои се клучни во „Македонската книжевна жена“, веќе достапна во книжарниците во Скопје.
Една од книжевите жени присутни во „Македонската книжевна жена“ е Росица Танаскова, од „Куклите на Росица“ на Оливера Николова. Росица е сираче од прилепското село Бучин. „Обесчестена жена“. Никогаш не плаче. Брзо се приспособува. Има свој коњ – Дорчо. Нема постојан дом. Нема е. Ноќе прави кукли. Копнее по свое семејство. Живее меѓу сите мажи важни во нашата историја. Сведок на едно бурно и значајно време. Разбирањето и наклоноста честопати знаат да ја заведат и самата неа.
Росица како метафора за поробена Македонија, ама со голема волја за живот
Времето на Росица е време на поробена Македонија или Македонија без јасни граници, токму како и самата таа, ама со една голема волја за живот и отпор за враќање на слободата, или повторно враќање на Росица во татковината. Отсечениот јазик на Росица од Турчето е синоним за занемената Македонија во тоа време, без јазик, но и за немоста на жената, без разлика дали има или нема јазик.
Росица прво чекори по душите на луѓето, се загледува во секое нивно ќоше, така ги препознава, па почнува да им прави кукли, од парки басма, сламки, коноп, пченкарна свила, шашки, сачки за потпалка, секакви парталчиња. Јасно ги запомнува ликовите на тие што им прави кукли. Како да има моќ да им продира во душата, да ги доживува нивните чувства, до детаљ да ги запомнува нивните физички црти и карактеристики, облека, за потоа совршено да ја направи нивната кукла. Ноќе, кога сите ќе заспијат, ги зема куклите покрај себе и започнува разговор со нив, кој, иако нем, прераснува во една голема исповед. Пред нив Росица никогаш не ги крие своите чувства, ниту тагата, ниту болките, ниту пак своите сомневања. Сомневањата ја тераат на размислување и единствено куклите можат да ја разберат. Под материјалите и парталите ги крие ликовите и телата на Димитрија Миладинов, Фони Жинзифов, Марко Цепенков, Гоце Делчев, Јане Сандански, Димитрија Чуповски…
Росица не може да направи кукла ако нема лик за неа затоа што за неа и куклите се суштества со своја биографија. Куклите ја спасуваат од тагата, додека ги прави, може да го избистри својот впечаток за личноста, да ја избрише колебливоста, и секогаш им пристапува со целосна сигурност. Преку нив, може лесно да се следат и мислите на Росица, тој што би можел да препознае може лесно да го протолкува нејзиниот внатрешен немир од изразот на нејзините кукли. Тие го фаќаат мигот, го задржуваат, но не можат да направат ништо повеќе од тоа. Па, на Росица може да се гледа и како на фотографка, или пак на снимателка што стои зад некоја скриена камера
Својот простор во книгата го дели со Гоце Делчев, Јане Сандански, Даме Груев, Крсте Петков Мисирков, Ѓорѓија Пулевски, Марко Цепенков, Ѓорче Петров, Григор Прличев… и сите тие за време на нејзиниот живот не само што се раѓаат, се школуваат, се вработуваат, се караат меѓусебно, се поддржуваат, туку некои од нив и умираат. А таа преживува и немо сведочи за сите настани.
Марко Цепенков како надеж и мечтаење
Марко Цепенков, кој се појавува во третиот дел од нејзиниот живот, е најсилната поткрепа на Росица, а можеби и единствена позитивна фигура во целиот нејзин живот. Тој е нејзиниот дедо Марко. Росица покрај него се учи на надеж, на мечтаење. Преку неа дознаваме за еден друг Марко Цепенков, тие се како цимери, ноќе, додека таа прави кукли, тој одново и одново препишува прикаски „за да остане да се памети“ , како што вели самиот тој. И еве, се памети.
Пред неа се разговара за објавувањето на „Арматолос“ и како тоа го поднесуваат Македонците во Бугарија, зошто Прличев ја напишал таа книга токму на грчки, за тоа како се покосени од смртта на Миладиновци, се расправаат за јазикот, за објавувањето книги и списанија во бугарските печатници, прават планови како да ја ослободат Македонија. Додека таа им плете кукли, тие кројат планови за внесување оружје во Македонија, за кревање востание. Таа е сведок и, кога доаѓа време да се основа револуционерна организација во Македонија, пред неа се договараат да ги гледаат пиесите на некојси момчак Чернодрински. Росица ни ги приближува сите тие големи мажи и ни дава можност поубаво да се запознаеме со нив. Како што им ги прави куклите така им навлегува внатре во душите и ни покажува дека и тие се луѓе со мисли, соништа, идеали, живи, а не само црно-бели слики со година на раѓање и смрт, како што ги знаеме од учебниците.
…пишувачката не дава леб, не се стасува лесно тој Димитрија Миладинов, тој беше учен, знаеше и грчки и бугарски. И на мајка му, Бог да ја прости, ѝ личел на жена што само сее, а не меси. А жена му? А, и нејзе ѝ било мака што везден го гледа, дење – ноќе, делник – празник, Божиќ – Велигден, саде со перото и мастилото, како ѝ го накапува чаршавот… (Николова, 2003: 211)
Мажите често употребуваат зборови што нејзе ѝ изгледаат туѓо, зборови на учени луѓе, меѓу кои таа не припаѓа. Велеа – социјализам, велеа работничко дело, велеа револуција и правда, велеа експлоатација, сè некои такви работи што ја тераа да не се помрдне од столчето (Николова, 195). Некогаш, иако ѝ е страв, желна е да ги слуша нивните чудни зборови, за кои смета дека се важни не само за судбината на Македонија ами и за нејзината.
На крајот, остануваат прашањата: Колку долго може да ги таложи во себе сите тие тајни и чувства што не смее со никого да ги сподели? Колку долго би издржала да живее со сето тоа? Може ли да се живее со толку тајни во себе? Колку жени има во Росица? Росица е многу повеќе од само нема жена. Таа е и одделување, чмаење, омеѓување, очекување, разминување, замена, сонување, приближување, маѓепсаност.
Николова ја сместува Росица во 1879 година, а самата таа се раѓа дури по 57 години, или на 11.3.1936 година. Росица не е лик од нејзиното време и токму поради тоа ткаењето на нејзиниот лик бара посебен ангажман, знаење и многу исчитување. Така, Николова, пред да го напише овој роман, мора прво да ги прочита сите зачувани факти поврзани со темата за која пишува и, пред да влезе во улогата на писател, прво да биде истражувач на историјата и читател. Историјата често знае да биде здодевна, ама ова ново исчитување на историјата, преку гласноста на Николова и тишината на Росица, ја прави особено интересна.
Илустрациите во фељтонот се на авторката Ирина Тумбовска.
(продолжува)