„Книжевната визија на Скопје не е идентична со неговата географска мапа. Токму затоа, Моника Илкова се обидува да ја исцрта (испише) неговата книжевна мапа. И успева во тоа! Оваа книга е патување, трагање по феноменот Скопје како инспирација, како приказна, како лик. Правејќи суптилна споредба на концептот на градот и односот кон него кај автори од различни генерации, Илкова нè упатува кон размисла дека речиси кај сите автори постои доза носталгија за некое нивно Скопје. Ама со својот стил на пишување и истражување и со самата структура на книгата, и кај нас како читатели ја буди носталгијата за нашето Скопје.
Ова е книга која му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија“ – истакнува во својата рецензија за книгата „Книжевна мапа на Скопје“, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Исцртувајќи, односно испишувајќи книжевна мапа на Скопје и движејќи се по неа во оваа книга, Илкова успева да го истражи феноменот на урбофилијата, чувствувањето на градот во македонската книжевност. Во книгата се истражува поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори и покажува како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации чии книжевни ликови талкаат по улиците на Скопје.
Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Јовица Ивановски, Оливера Ќорвезироска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Иван Шопов… Ова се само дел од авторите што пишувајќи урбана проза и урбана поезија, стануваат картографи на книжевната мапа на Скопје на Моника Илкова.
Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа. Авторка на илустрациите за книжевните мапи е Моника Илкова.
Скопје со пајтонот на Влада Урошевиќ
Голем дел од е целокупното творештво на Влада Урошевиќ е врзан за урбаниот сензибилитет. Градот и односот кон него се еден од најважните аспекти на неговиот книжевен опус.
Милан Ѓурчинов ќе каже дека творештвото на Урошевиќ поседува еден „незадржлив внатрешен порив да го одухови урбанизираниот поредок на асфалтот и улиците, за присуството на човекот среде пресоздадениот свет од малата космогонија на овој поет.“
Почнувајќи со неговата прва збирка поезија „Еден друг град“, објавена во 1959 година, Урошевиќ ја најавува својата поетичка опсесија со градот.
Поезијата на Урошевиќ претставува еден албум со поетски слики за градот и неговите улици. Но, ако би требало да направиме книжевна мапа на Скопје, имајќи ја предвид само поезијата на Урошевиќ, тогаш тоа дефинитивно би била мапа на еден лавиринт, зашто Урошевиќ е фасциниран од „Mистериите на Скопје“; од „Ноќ на полна месечина на Скопје“, од накиснатиот град во „Попладне по дождот“, од сите „Мириси на попладнето“ од секој „Залез во градот“, секој „Летен самрак“ и „Влез во паркот“, од здивот на далечното море што го разгалува градот и придонесува за една „Блага зима“. Урошевиќ го слика градот пеејќи за „Првите горештини“, за „Самрак во април“ кога низ градот шета ветер млак и влакнест, но и за „Раскопување на улиците“, за „Дете разбудено во ноќно бомбардирање“ кога градот испливува од мракот, за „Тајните на градот“ што се урива, се гради, веќе ништо не може да се прочита, aврз старите темели, растат нови градби. За градот за кој не е сигурен „дека е означен на географските карти“ и градот во кој не е сигурно што се случило, а што не, за потоа да „признае“ дека сепак градот е Скопје, како во песната „Ноќ на полна месечина на Скопје“
Поетската визија за градот на Влада Урошевиќ, дава огромен придонес во испишувањето и исцртувањето на книжевната мапа на Скопје Создавањето на сликата за градот и движењето по неговите улици, продолжува понатаму и во прозниот дискурс на Урошевиќ.
Романот „Вкусот на праските“ е еден навистина типичен пример за претставување на градот, не само како декор и како топоним, туку и како засебен, автономен лик и градот како важен фактор во постапката на градењето на ликовите. Градот не е само мапа на улици по кои јунаците се движат, туку е и простор со јасна етичка димензија. Градот во целиот роман е персонифициран: „Градот стоеше неизменет, без возбуда, слојосан во попладневниот мир и вкочанет.“
Скопје во романот „Вкусот на праските“ има вкус, има мириси, има бои, се чувствува запурноста или свежината на воздухот, се чувствува… градот. Оттука, Урошевиќ е вистински пример за „урбофил“ во македонската литература, некој што успева да ја пренесе атмосферата на градот преку описи на навидум не толку важни нешта.
Урошевиќ, во врска со првите критики за Вкусот на праските ќе каже: „Се сеќавам, излегоа неколку критики, Старделов ми префрли дека Скопје не го гледам како наш значаен политички, административен и културен центар, туку го гледам, вели тој, низ мириси и вкусови, што за мене беше комплимент, а во текстот на Старделов не беше комплимент.“
Во романот „Вкусот на праските“ Скопје, не се именува ниту еден единствен пат. Се споменува само улицата „Црвена вода“ бр. 4, ветерот што заминува накај Автокоманда, и тогашното Скупи. Контурите на градот и без тоа, јасно се читаат, но атмосферата е таа што вистински го доловува, што е всушност една специфика на творештвото на Урошевиќ. Па така, преку доловување на атмосферата на летото (што е една од трите опсесивни теми на Урошевиќ: детство, лето, град) го доловува и градот.
Без сомнеж, Влада Урошевиќ е еден од најексплицитните автори на Скопје. Но, интересно е тоа што, во неговата целокупна поезија, во расказите („Мојата роднина Емилија“), но и во романот „Вкусот на праските“ не се споменуваат често конкретни топоними, улици, објекти, но несомнено се читаат контурите на Скопје. Урошевиќ успева да го долови градот, не преку физички описи, туку повеќе на ниво на енергија, односно на едно метафизичко ниво. Опсесијата со градот кај Влада Урошевиќ, помалку или повеќе, продолжува и во поновите остварувања на Урошевиќ: книгата патописи „Попатно“ (2017) и романот „Маџун“ (2018) и во неговиот најнов роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“.
Во книгата патописи „Попатно“, интересно е тоа што Урошевиќ не зборува само за патувања во друга земја, туку и за враќањата назад, во својата. А, особено е интересно што, дури и во својата книга со патописи, Урошевиќ зборува за Скопје. Па, така, на крајот од неколку од патописите, ја опишува атмосферата во Скопје по враќањето од патувањето, дава описи на еден обичен скопски ден,залез, улица, настан.
Градот во романот „Маџун“ е претставен преку очите на едно дете. Во романот се споменуваат неколку места по кои го препознаваме (пред сè постарите генерации) старото Скопје. Тоа се кафеаната „Мал одмор“, слаткарницата Милка (една од најпознатите слаткарници пред војната која се наоѓала на денешната улица „Македонија“, Турската чаршија, скопскиот бордел „Океан“ за кој повеќе има пишувано Данило Коцевски итн. Низ романот, од улиците ќе се „слушне“ култното „Старо купуваам!“, а неизбежни се описите на скопската омарнина.
Урошевиќ ја збогатува книжевната мапа на Скопје и преку две книги од еден специфичен „жанр“: разговори. Тоа се книгите: „Огледало за загатката: разговори со Влада Урошевиќ“ (2003) на Владимир Јанковски и „Рудните слоеви на сеќавањето: разговори со Влада Урошевиќ“ (2014) на Људмил Спасов. Во овие две книги, уште еднаш го согледуваме топлото чувствување на градот од страна на „коавторот“ Влада Урошевиќ, но и авторите кои преку поставување на прашањата, односно преку разговори, зборуваат и за своите чувства и сеќавања за градот Скопје. Но, овој пат, за разлика од доживувањата на градот Скопје, пренесени преку делата на Урошевиќ, во овие книги, поради дијалошката форма и спонтаноста, „доживувањата“ ги чувствуваме подиректни и поблиски.
Несомнено, Влада Урошевиќ е авторот што директно или индиректно зборува за Скопје во најмногу различни форми: поезија, роман, раскази, патописи, есеи, разговори итн. и поради тоа е еден од најважните картографи на книжевната карта на Скопје.
(Продолжува)