Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН 3: За Калина, книжевната жена со срце кое бие во ритамот на ударите на разбојот

„Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска е прва книга во која се анализираат женските ликови во македонскиот роман со цел да се издвојат модалитетите на женскоста во него. „Исправувајќи се пред одредени книжевни жени кои „живеат“ во различно време, но на исто место, во Македонија, оваа книга, и нас – читателите и нивните создавачи – авторите нè соочува со нив“ – истакнува во својата рецензија универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Во оваа книга е присутна и општата слика на човековиот живот, но секое навраќање кон неа во оваа книга е од друг ракурс на гледање преку кој се пренесуваат сите искуства на женските ликови. Колку историјата, околината, времето во кое живеат и професијата со која се занимаваат, влијаат врз создавањето на личноста? Како љубат македонските книжевни жени? Како ги доживуваат првата менструација, губењето на невиноста, првите заљубувања, машките фигури во нивните животи, мајчинството, контактот со самите себеси, со сопствените тела? Како сонуваат, како ги боли, како тагуваат, како се радуваат, што ги поврзува сите нив?

Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа, вклучително и по еден за ликовите од романи на Владо Малески, Оливера Николова, Лидија Димковска и Петар Андоновски, кои се клучни во „Македонската книжевна жена“, веќе достапна во книжарниците во Скопје.

Андроцентричниот свет на Калина

Секоја сличност, па дури и совпаѓање со личностите или со настаните, е случајна. Сè што е напишано во книгава сум го измислил. Само Дрим и Охридското Езеро не се измислени. Такви земни убавини човековата вообразба не е кадарна да испреде.Владо Малески

Втората книжевна жена која се анализира во „Македонската книжевна жена“ е Калина Костојчиновска, потоа Брашнарова, на крајот Дабовјанска, перачка на руби, домаќинка и снаа на првата струшка куќа. Вљубена е во бојата и мирисот на Дрим. Калина со усни убави како добрина и со тело посилно од оган. Калина: ничија, Калина: своја, Калина: недосеглива. Калининото срце бие во ритамот на ударите на разбојот.

Народноослободителното движење (1941-1944), како најбогат период од нашата досегашна историја, претставува неисцрпен извор за една огромна и разнострана литературна тематика. Тој период долго го привлекувал творечкото внимание на македонските писатели, меѓу кои и Малески, и со време тие врз таа тематика создаваат позначајни и позрели дела, меѓу кои и „Разбој“.

Чукањето на разбојот и течењето на Црн Дрим се звуци сведоци на сите мали драми и на сите збиднувања во романот. На сите најважни и пресвртни настани. И токму во својот роден крај – Струга, меѓу своите сограѓани, Малески го создава ликот на Калина и ја сместува во времето и просторот на својот „Разбој“. Самиот тој е сведок на тоа време, а ликот на Калина се жените од неговото време. Неговиот животен багаж, искуствата, жените што ги љубел, му помогнале да ја создаде Калина, која е чувствителна и сензибилна, а преку неа и тој постојано си поставува прашања за животот што го живее и што треба да го заживее, токму преку нејзиното неродено, кое се гледа како на продолжување на животот на претходникот – Стојмир и оживување на неговата идеја за Револуцијата. Во стомакот на Калина се сместени „корените“ на сè дотогаш и надежта за сè оттогаш. Можеби Калина не беше надежта брашнаровска, ама е надежта на Малески.

Темата што кружи околу „Разбој“ е НОВ и Револуцијата, сликата на бурните настани од условите во земјата, реперкурирани во едно мало место, Струга, родниот град на Владо Малески. Сите ликови се носители на психолошки трауми, сопствени несреќи, често во потрага по она што можело да се случи, а не се случило. Но тука се и: чаршијата, војниците со гитари наместо пушки, катилите со ножеви, мајките на борците, борците, неверницата и донжуанот, вдовицата и шмеќерот. Тука има: многу бол и бес, јад, љубов и омраза, клетви, проклетства, скандали, тревога, врева, крв. Народот не може да живее без пеење, и кога тагува, не може без пеење. Во ова време малку повеќе се чувствува атмосферата на пркнат живот, на мала слобода. Разговорите на луѓето им се за житјето, за годината родна или јалова, за класјето, пченките, ливаѓето. Сето тоа шаренило на разбојот е атмосферата во која живее Калина но, Чудно! Никакво знамење нема оти е војна. Сонцето си грее како секогаш, небото синее како за радости, оној збеснатик Дрим си тече и окото не му мига за маките наши, перачките перат… А војна! (Малески, 2001: 304)

Калина живее во еден андроцентричен свет во кој жените/женските ликови се потиснати на маргините и секој обид на женскиот лик да го заземе средиштето на дејството е проследен со судир со патријархатот. Калина, освен посакувањето да стане мајка, нема други желби. Малески, иако ѝ дава слобода да му се предаде на друг маж, а потоа и да го напушти својот, да си присвои мајка, во ниту една сцена не ѝ дава право да размислува што сака да биде и дали сака да биде нешто повеќе од домаќинка и мајка. Таа ја има целосно прифатено својата улога во куќата, покрај Дрим и во дворот.

Осамата на жената без другиот пол

Кај Калина е особено истакнато како ја опишуваат и ја доживуваат другите, машките ликови. Описите на нејзиното женско тело најчесто се претставени низ очите на еден маж – Бојан. Но Калина е и како лик создаден и од жена. Во моментите кога пишува за себе, за своите внатрешни патувања длабоко во женската душа, за копнежот да биде мајка… ама и за начинот како сите нејзините одлуки ги доживуваат мажите околу неа, свекорот, сопругот… Кога Малески опишува некое женско искуство, тоа не наликува на искуството на мажот како автор. Малески ги потенцира осамата на жената без другиот пол, како и нејзината зависност од него (некој да ѝ направи дете) за таа да биде среќна, ама ѝ дозволува на една патријархално воспитана жена да го изневери својот маж, и тоа со двајца – да го користи телото на Бојан, а во мислите да го повикува Стојмир. Малески и премногу успева да го разголува женското тело со своето перо, притоа украсувајќи го со својот прекрасен стил на опишување.

Калина е жена што предизвикува мажите да ја соблекуваат во своите мисли, а нејзиниот став е оној на жена што бесрамно посакува. Калина има снага јагуловидна што нема кој да ја крши, на наланите има две нозе, два издолжени извичника, два бескрајни издива, косата ѝ е долга и костенова. Понекогаш снагата ѝ е малку подгрбавена, колковите скротени, рацете ѝ се разјадени од сапуни и од Дрим, пред да се омажи има само два фустана. Ама тоа не спречува да биде најпосакуваната жена во Струга. Овој е роман е токму за неа, а во книгата „Македонската книжевна жена“ таа е ликот кој гласно говори за убавината на жените во тоа време, нивната мудрост, неоткажувањето од љубовта и женската храброст среде војна.

Илустрациите во фељтонот се на авторката Ирина Тумбовска.

(продолжува)

Зачлени се на нашиот е-билтен