ФЕЉТОН (4) Опиумот во Македонија: Предизвик за светските мафијаши, инспирација за уметниците

Експанзијата на производството на канабисот (марихуаната) за медицински цели во Македонија последниве години, колку што ја детектира оваа дејност како естра-профитабилен бизнис, толку и покажува дека таа, повеќе од симболично, не е „без корен“.

Производството на канабисот за медицински цели нè навраќа во не толку далечната историја кога македонското поднебје не само што било препознаено како одлична почва за насади со афионот, од кој се добиваат опиумот и морфиумот, туку имало и водечко место на светската мапа на производството на овие опијати.

Кога се исчитуваат документите и хрониките поврзани со производството на афион, опиум и морфиум од разни архиви, тие се сè освен здодевно четиво какво што се очекува од депоата во кои се чуваат административните записи и преписки. Напротив, слободно можат да се оквалификуваат како материјал за стории, филмови и ТВ серии од трилер жанрот.

И Ал Капоне бил заинтересиран за македонскиот опиум

Опиумот како атрактивна стока за криумчарење бил „предизвик“ за разни авантуристи во Македонија и пошироко. Според некои усмени легенди, и извесен Спиридон од Галичник (роден 1886 година), пред да му стане „десна рака“ на првиот американски мафијаш од кого е направен мит, Ал Капоне, се пробал во бизнисот со опиум.

-…Со Спиридон уште од дете им почнале проблемите, како на фамилијата, така и на цел Галичник, дека ептен бил „беља дете“ што се викало. Од Галичник избегал околу 1900 година на нецели 14 години и заминал за Албанија кај Мусо Зелез од Пешкопеја, кој бил ќеаја на едно од најголемите бачила на Бистра планина, Солумница. Спиридон во Албанија го усовршил „бељаџискиот занает“, така што нареден пат кога слушнале за него галичните, било кога го уапсиле во Ливерпул, Британија во 1912 година во обид да шврецува опиум за Њујорк на бродот „Олимпик. Го пишувало и по белградските новини од тој период“, се вели во еден запис на тие преданија, што го пренесуваме на изворен говор.

Локалната легенда вели дека Спиридон последен пат бил виден во Галичник, кога дошол со намера да купи сè што има од кашкавалот таа сезона. Барал над 300 пити, ама немало толку, па откупил само 40-тина, а никој не разбирал зошто им рекол да им направат внатре дупки. Тие дупки Спиридон веројатно ги наполнил со опиум.

-Тоа лето, 1912 година, оставил и една дрвена кутија со шпирто, како што го нарекувале алкохолот во тоа време во Галичник, и им кажал дека таму од кај што ја донел го викале „Жин“ – барем така запомниле моиве (џин – заб. на подготувачот на фељтонот). Кога пифнале, сфатиле дека пијалокот е од смреката што ја има насекаде низ Галичник и Бистра планина. После таа 1912 година наредни три ниту ниту абер ниту ферман за Спиридон. И, во 1915 година стасало првото писмо од Чикаго испратено од Спиридон до баба Магда (мајче си ја викавме), мајката на мојата баба Елена и сопруга на брат му на Спиридон, Филип, кој пак во тоа време бил во Александрија, Египет, на печалба. Во писмото Спиридон и пишал на мајче Филиповица да го убедит Филипа да се вратит в Галичник, да ги земет децата и сите да си доет  у него во Чикаго. Пишувал за некој пријател негов Алфонсо кој бил многу почитуван во Чикаго (акцентот на првото “и” како шо се читат по галички), а наводно тој и Спиридон имале веќе развиени бизниси со роба која патувала со бродови од Италија за Америка. Во писмото пратил и фотографија од него и Алфонсо која ја чуваме до ден денеска, вели записот.

Наводната заедничка фотографија на Спиридон и Ал Капоне (десно), снимена во Чикаго; всушност, личноста лево на фотографијата најверојатно е популарниот американскиот пејач од 30-те години на минатиот век, Тони Бенет

Сторијата за Спиридон подоцна продолжува со бродовите што пловеле од Александрија до Драч, а потоа и до Америка.

– Филип, брат му на Спиридон, бил тврдоглав и нејќел ни да чуе, ниту за Чикаго, ниту за брат му, ниту за Галичник и си останал у Александрија. Поминале уште неколку години и тогаш стасало последното писмо од Спиридон околу 1922 година. Уште бил во Чикаго и работел со трговија со шпиритус, и, како што раскажуваше мајче, пишал „освенјасиАлфонсоовденикојдругнесмеетдапродаватшпирто,од пари су турен,доДеборне ќа и соберет“. Мајче била среќна за успехот на Спиридон, а му пишала дека Жинот кој го донел го подобрила со две три нови тревки кои самата ги набрала кога била на биљачки со другачките, ги  додадала па успеала да го издестилира и добила според нејзе иљач многу јак или лек како што денеска го кажуваат. И, така оваа рецепта од прабаба ми Магда (мајче), преку баба ми Елена нејзина ќерка, до татко ми Рафе, стаса до мене, и јас малку експериментирав и со други билки од Бистра, и го направив Галичкиот Сув Жин – Бел Гребен, тврди оваа легенда, малку шеговита, и секако со непроверени факти. Сепак, и таа е дел од културата на опиумот во Македонија во тој период.

Инспирација за уметниците

Афионот е и широко распространета тема во македонската поезија и уметност. Коста Солев Рацин во првата фаза на неговото творештво се обидел да напише роман „Афион“ (или „Опиум“), на српски јазик, кој не го довршил, а ракописот бил запален при неговото апсење во 1934 година.

Афионот бил инспирација и за оваа народна песна, насловена „По поле одат аргати“ од периодот пред Втората светска војна:

„По поле одат аргати/ аргати млади невести/ афион ќе ми копаат/ по тие ниви велешки. Патот го води Гроздана/ Гроздана, мома убава/ и по неа Невена/ Невена Георгиева. Песни ми пеат ајдучки/ ајдучки, ем партизански/ и во песните зборуваат: „смрт или слобода“. Забелешка: Во спомен на партизанката Невена Георгиева – Дуња.“

Македонскиот поет Гого Ивановски во неговата песна „Колку е мила земјата наша“ вели:

„…Тој што е сетил афион како/ навечер зрее во земја мека/ тој што ги гледал сините води/ на Охрид како ширно се шират/ насреде чунче некаде плови/ по него поглед влажен се вѕира/ Тој што читал в трошна соба/ Ленка на Рацин, со трепет чуден/ и гледал како до доцна доба/ работи Ленка тутун за други/ Тој што пеел со сиот народ/ зората кога се раѓала нова/ тој знае колку… колку е мила/ земјата наша-земјата родна!!!“.

Во Дигиталниот речник на македонскиот јазик се наведени примери од македонската литература во кои се тематизира афионот. Еве дел од тие примери:

На работа! На труд! Да прокопаме меко полињата родни афион, тутун, житце да родат благородни.

„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)

Бел афион во тебе расцутил, жито расте, класи до појаси, ко море се лулеат по тебе – вширни ниви бурните овеси…

„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)

Уште в зори тропна Муарем на малата вратничка и почна да вика: — Ајде Трајкојце, ајде, ставајте посабајле, излегувајте на работа да не претерат афионот, оти ќе колит Адемага, жими вера.

„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)

Ќе почека афионот за некој ден и друг — одговори Толе за мајка си и се тргна назад.

„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)

Од него, од тој човек, на сите страни се пуштале ластари и тие што биле негови синови и внуци и синови на тие внуци плаќале данок како берачи и продавачи на тутун, афион, шеќерна репка и памук, како колари, јажари, самарџии, ковачи, воденичари, гробари, управители на пошти, пандури, архивари или ја заборавила ораницата зашто станувале металци, обликувачи на порцелан, попови, готвачи, прекуокеански печалбари, но тој татко, дедо и прадедо, Зафир Јосков, бил поп, распоп и солунски продавач на мирудии и малоазиски мелеми и пак поп во неколку села под востаничкиот град на Питу Гули, на Никола Карев и на другите, да ги спомнеме без патетика.

„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)

Афионот е тема и на македонскиот краток документарен филм „Афион“ од 1962, во траење од 12 минути, по сценарио на Јован Поповски и во режија на Димитрие Османли. Филмот го презентира начинот на одгледување на афионот, растение од кое со понатамошна обработка се добиваат опиумот и многубројни лекови…

Некогашната Телевизија Скопје (денес МРТ) своевремено беше позната по нејзината автори на документарни филмови, и во рамките на некогашна Југославија беше нарекувана „Скопска документаристичка школа“. Автори на еден од тие филмови, насловен „Од зрно до индустриски производ – Афион“, се Мето Поповски и дипл. инж. Никола Сеизов, а режисер е Томче Стојков.

Иднината на афионот и опиумот во Македонија

Имаат или полињата со афион, и негова подоцнешна преработка во опиум, иднина во Македонија?

Одгледувањето на афион и производството на опиум законски се строго дефинирани. Со указот за прогласување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции од 2008 година се регулираат контролата на опојни дроги и психотропни супстанции.

Во член 14 од овој Закон, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство врши надзор со контроли кај овластениот производител на семенскиот материјал од афион, контрола во Службен весник на РМ, бр. 103 од 19.08.2008 година 8 од 32 прометот на семенскиот материјал од афион во однос на декларираноста, контрола на сеидбата на афионот, контрола на самото производство, контрола пред и по жетвата, како и контрола во делот на откупот на афионовата слама (Papaver somniferum).

Членот 28 од Законот вели дека е „…дозволено одгледување на афион за намена и под услови утврдени во овој закон. Самоникнатите растенија од кои може да се добие опојна дрога се уништуваат. Растенијата од ставот 2 на овој член ги уништува лицето кое по кој било основ поседува или користи земјиште на кое растението израснало. Ако растенијата не бидат уништени од лицето од ставот 3 на овој член истите комисиски ќе ги уништи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Министерството за внатрешни работи на сметка на сопственикот или корисникот на земјиштето“.

А во член 29 од истиот Закон, меѓу другото, се вели:

Дозволено е одгледување на афион (папавер сомниферум) во прехранбени цели (афионово семе), како и за производство и промет на опојни дроги. Одгледување на афион е дозволено само на правни и физички лица кои имаат одобрение за производство на афион, издадено од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по претходно склучен договор со правно лице кое е овластено за откуп на истиот и пријавени површини до подрачните единици на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, во рок најдоцна 15 дена по сеидбата. Афионот наменет за научни цели може да се одгледува без одобрение, а со обврска за пријавување на површините на кои ќе се одгледува афионот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Подготвил: С.С.

Треба да знаете
Moже да ве интересира