Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН 4: За Злата, книжевната жена со резервен живот

„Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска е прва книга во која се анализираат женските ликови во македонскиот роман со цел да се издвојат модалитетите на женскоста во него. „Исправувајќи се пред одредени книжевни жени кои „живеат“ во различно време, но на исто место, во Македонија, оваа книга, и нас – читателите и нивните создавачи – авторите нè соочува со нив“ – истакнува во својата рецензија универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Во оваа книга е присутна и општата слика на човековиот живот, но секое навраќање кон неа во оваа книга е од друг ракурс на гледање преку кој се пренесуваат сите искуства на женските ликови. Колку историјата, околината, времето во кое живеат и професијата со која се занимаваат, влијаат врз создавањето на личноста? Како љубат македонските книжевни жени? Како ги доживуваат првата менструација, губењето на невиноста, првите заљубувања, машките фигури во нивните животи, мајчинството, контактот со самите себеси, со сопствените тела? Како сонуваат, како ги боли, како тагуваат, како се радуваат, што ги поврзува сите нив?

Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа, вклучително и по еден за ликовите од романи на Владо Малески, Оливера Николова, Лидија Димковска и Петар Андоновски, кои се клучни во „Македонската книжевна жена“, веќе достапна во книжарниците во Скопје.

Сите можни теми од секојдневјето на една или повеќе жени

Покрај Росица од „Куклица на Росица“ на Оливера Николова и Калина од „Разбој“ на Владо Малески, во „Македонската книжевна жена“ присутен е и ликот на Злата од „Резервен живот“ на Лидија Димковска, која во едно интервју пишува:

„Пред неколку години, на еден поетски фестивал во Стокхолм, во една бела ноќ во која не можев да заспијам, во хотелската соба на телевизија го видов документарниот филм за две сијамски близначки од Иран кои починаа при операција на одвојување на нивните глави. Страшно ме вознемири нивната судбина и посакав да поставам две македонски близначки во таков животен контекст, но со сите автентични околности, историски и општествени настани кои се одвиваат со времето на нивната приказна, посебностите на нивната потрага по одвојување на главите и по сопствен идентитет растргната помеѓу Скопје и Лондон, неповторливоста на љубовта, страста, болката, загубата, верата, надежта, животот и смртта. ’Резервен живот‘ го опфаќа периодот од 1984 год. до 2012 година. Во тој долг период се случија толку многу промени од секаков вид што секако дека го засегнаа и животот на ликовите во романот. Всушност, сакав да напишам една комплетна приказна со почеток и крај, прилично реалистична, што се одвива во конкретен простор и време, опфаќајќи и микро и макро елементи од животот, па затоа во романот го има сето она што му е својствено на еден човечки живот, кој секогаш тече и во сопственото органско, но и во надворешното политичко и историско време“.

Злата Серафимовска, обична девојка од Македонија, дете од работничко семејство, сијамска близначка, обележана, оставена сама на себе. Отпишан медицински случај во Македонија; „…јас и сестра ми бевме близначки, сијамски, со сраснати, споени глави кај слепоочниците, веднаш над моето лево и нејзиното десно уво. Такви се бевме родиле, за наша несреќа, а за срам на нашите родители“ (Димковска, 2015: 5). Живее за родителите, за соседите, за другите, само не за себе.

Злата се вози во скопските автобуси на ЈСП, посетува манастири и цркви во околината на Скопје, дури има и омилена црква – таа во Криви Дол, студира и секојдневно оди на Правниот факултет „Јустинијан Први“, татко ѝ ја носи во Државната болница во Скопје, се шета низ Старата скопска чаршија, каде што пие чај, оди во градското кино… ги игра игрите од нашето детство, ги чита „Синови и љубовници“, „Нана“, „Американска трагедија“, ја обожава поезијата на Марина Цветаева… Низ нејзиното реалистично раскажување, сите што живеат, живееле или ќе живеат во Скопје можат точно да ја следат додека се движи низ романот и на таков начин да им биде поблиска, да ја разбираат. Во дваесет и осумте години живот на Злата, Димковска ги опфаќа сите можни теми од секојдневјето на една или повеќе жени: игра со претскажување на иднината, детство, растење, радост, но и тага, болка, смеа, солзи, прифаќање и неприфаќање на детството како такво, забрани, соочување со смрт на пријателка, смрт на роднини, смрт на родител, училиште, наставници, свадби, празници, погреби, гробишта, прва менструација, прво самозадоволување, прв сексуален однос, прва љубов, лично и заедничко страдање, омраза, отфрленост, религија, факултет, предавање, заеднички и лични избори, жртвување, нови пријателства, болници, операција, нов живот, нова болка, нови разделби, нова смрт, напуштање на домот, враќање во домот, затвор, бременост, нова надеж, раѓање, нови близначки и нова игра за претскажување на иднината, која го затвора кругот. Како и Малески во „Разбој“, Димковска едноставно го раскажува секојдневјето од својот живот и пишува за жените од своето време.

Долгиот пат до себенаоѓањето

Додека е заедно со Сребра, таа ја раскажува приказната и на едната и на другата, го живее животот поделен на две, желбите и копнежите се измешани. Вистинската Злата се појавува дури по операцијата, кога станува сама, а потрагата по идентитетот ја започнува кога го напушта Скопје. Патувањето на Злата долго време не резултира со себенаоѓање. Постојано е обележана со прашањето: каде се наоѓа и која личност ја живее? Има мигови кога човек мисли дека не припаѓа никаде, дека е лишен од секакво чувство на блискост. Злата и дури на дваесет и пет години речениците ги започнува со ЈАС, а не со НИЕ.

Однадвор, сè е во ред. Како никогаш да не била споена со Сребра, како никогаш да немале заедничка вена. Ама сето време таа чувствува празнина на местото каде што биле споени, како да ѝ недостига дел од главата. Новата Злата косата ја бои во црвено, наместо очила носи леќи и со тоа си го менува физичкиот изглед за луѓето да не ја препознаваат како близначката што замина во Лондон на операција, близначката што преживеа.

Но Однатре, нештата се многу поразлични. Во мигови на болка се враќаме кон она што вистински ни нудело поддршка, во кое сме биле вистински. Во својата болка, човек е најубав или најгрд на светот. Животот на Злата е една голема болка, и физичка и душевна. Кога конечно ѝ се исполнува животната желба, да биде сама, во неа се отвора празнина во која секој ден сè повеќе пропаѓа.

Сè помало е нејзиното семејство, сè повеќе има мртви на небесата. Повеќе има вина што таа преживеала отколку што Сребра не преживеала. Голема е одговорноста да имаш живот. Што со него? По раѓањето на децата, Злата ќе се запраша себеси:

Појак ли е животот од смртта? Мртвите се, всушност, мртви само кога човек мисли на нив. Кога не мисли, зафатен од бранот на секојдневието, тие се живи исто како оние драги и живи луѓе што не сме ги виделе со години, од небрежност, неможност или од некоја друга причина. Заборавот штити од смртта. Апсурдно, но и вистинито (Димковска, 2015: 363).

Злата е македонската книжевна жена која сведочи за едно време кое на повеќето нам ни е блиско и познато, но сведочи и за едно посебно тело кое на сите нам ни е особено далечно. Тело во кое не постои интимност, мир и тишина, а сепак откривањето на себеси во ново, сопствено тело, носи немир, тага и болка, посилни од претходно. Токму поради нејзината посебна приказна, Злата го зазеде своето место во анализата на „Македонската книжевна жена“.

Илустрациите во фељтонот се на авторката Ирина Тумбовска.

(продолжува)

Зачлени се на нашиот е-билтен