Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН 6: За способноста на жената да се избори за својата слобода, право на избор и внимание во литературата

„Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска е прва книга во која се анализираат женските ликови во македонскиот роман со цел да се издвојат модалитетите на женскоста во него. „Исправувајќи се пред одредени книжевни жени кои „живеат“ во различно време, но на исто место, во Македонија, оваа книга, и нас – читателите и нивните создавачи – авторите нè соочува со нив“ – истакнува во својата рецензија универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Во оваа книга е присутна и општата слика на човековиот живот, но секое навраќање кон неа во оваа книга е од друг ракурс на гледање преку кој се пренесуваат сите искуства на женските ликови. Колку историјата, околината, времето во кое живеат и професијата со која се занимаваат, влијаат врз создавањето на личноста? Како љубат македонските книжевни жени? Како ги доживуваат првата менструација, губењето на невиноста, првите заљубувања, машките фигури во нивните животи, мајчинството, контактот со самите себеси, со сопствените тела? Како сонуваат, како ги боли, како тагуваат, како се радуваат, што ги поврзува сите нив?

Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа, вклучително и по еден за ликовите од романи на Владо Малески, Оливера Николова, Лидија Димковска и Петар Андоновски, кои се клучни во „Македонската книжевна жена“, веќе достапна во книжарниците во Скопје.

Невозможната среќа понекогаш воспитува поуспешно од секој родител и општество

Одлуките на жените никогаш не се лесни. Кога жената му пркоси на општеството и се бори за своето место во него и за сопствените избори, речиси секогаш има жртви. Росица во име на љубовта го предава македонскиот народ, Калина го предава првото струшко семејство и им ја зема и таа мала трошка надеж на Брашнаровци што ги одржуваше во живот, Злата и без да сака ја жртвува својата сестра во борбата за сопствено тело, Бригита ја жртвува кариерата, единственото нешто што го има во животот.

Во секоја од нив понекогаш се испреплетуваат и сите затоа што во секоја од нив има по неколку модалитети на жени. Сите тие се понекогаш и неми на случувањата и предавнички и блуднички и затворени во своите тела, заљубени, измамени, опсесивни, разочарани, очајни, храбри. Понекогаш, како ликот на една иста жена да се прелева низ сите нив, само времето и општеството прават тоа да изгледа различно. Невозможната среќа понекогаш воспитува поуспешно од секој родител и општество, а таа им е заедничка. Сите понекогаш остануваат недоречени и си се туѓинки на своите желби, ама ја имаат храброста да бидат несовршени. Еден стих на поетот Игор Исаковски гласи: „Добро е да се биде надвор од сè, освен од себе“ – и овој стих ги опишува сите четири, затоа што никогаш не се напуштаат себеси.

Жената мора да си ги најде своето место и припадност. За Росица доволни се машката фигура во нејзиниот живот и мечтаењето по топлиот дом, за Калина доволно е детето, Злата живее во друго време кога слободата ѝ нуди избор на многу прашања за припадноста што може да си ги постави самата себеси и токму затоа ѝ е потешко да се пронајде себеси, па дури и на географска мапа. Колку повеќе знае и е свесна за светот околу себе, толку повеќе страда и е несреќна. Истото е и со Бригита, таа мора прво да се пронајде себеси во сопственото тело, пред да се пронајде во светот.

Сите понекогаш се свесни дека заслужуваат слобода, но не секогаш им било дозволено да се изборат за себе. Росица е спречена од војната, Калина од патријархатот, Злата од обележаноста при раѓање, но и од сиромаштијата и од домот, ама Бригита живее во време кога може да ги користи својата слобода и моќ и може да одлучува за животот или смртта на затвореникот (маж). И таа како да е тука за да ја донесе правдата за сите четири.

Книжевното дело живее во просторот и во времето, со времето и во просторот ограничено, одредено, па не може да се зборува за книжевно дело (за уметничко дело воопшто) надвор од тој просторно-временски контекст бидејќи, колку што самото дело има влијание врз времето и врз просторот, толку и тие дејствуваат врз делото повратно, детерминирајќи го, давајќи му одредени, понекогаш многу различни значења. Секоја од овие книжевни жени може да ја доживееме различно и според зрелоста на жената во нас. Некогаш може да ја чувствуваме, некогаш не. Не зависи сè секогаш од текстот, зависи и од нас, и во тоа е смислата на литературата.

„Македонската книжевна жена“ имаше цел да ја покаже книжевната жена низ годините, но и другите женски и машки ликови што ја придвижуваат низ книжевниот живот. Проследувајќи ги животните патишта на Росица, Калина, Злата и Бригита, оваа студија ја покажува способноста на жената да се избори за својата слобода, право на избор и внимание во литературата. Овие четири дела носат силни пораки за тоа како жената може и треба со храброст, истрајност и борба да се избори за својата слобода, сигурност, моќ, статус и економска независност. Слободата и моќта секогаш се во наши раце, само треба да знаеме што да правиме со нив.

Книжевните жени се нашиот тестамент!

Целта на книгате е да се остават и неколку отворени прашања, кои исто се доживуваат без разлика на времето, општеството, семејството, дали станува збор за книжевна жена или за нас. Колку и дали с(м)е воопшто свесни за себе? Колку девојки останале со своите неизгасени огнови, како Калина? Колку пати и ние сме неми сведоци на нашето живеење, како Росица? Колку жени го чувствуваат сопственото тело како затвор, како Злата и Бригита? Колку жени, поради својата обележаност, немаат храброст да покажат дека постојат? Колку од нас го имаат чеканот во рацете и се плашат да донесат одлука дури и за сопствената судбина? Каде се сега куклите на Росица? Дали сме слободни и дали постои слобода? Дали слободата е само состојба на умот? Дали сами си ја даваме и забрануваме?…

Не се само Росица, Калина, Злата и Бригита. Тука се и Велика, Доста Рожденката, Митрејца, Цвета, Небеска Тимјановна, Невена, Благуна, Митанка Калиштанска, Параскева, Стојанка, Надежда, Симка, Неда, Марија, другарката Оливера Срезоска, вештицата Јована, Олга, Ана, Ема, Розе…

Иако во македонската современа книжевност, и во романите и во драмите, преовладуваат машките ликови, жените наброени погоре и уште многу други се тие без кои книжевноста не би била иста. Тие се нашиот тестамент! Од роман во роман, од едно во друго време, од едно во друго тело, си ги предаваат болката, осамата, напуштеноста, но и силата и храброста. Ни ги предаваат и нам. Македонската жена е како пиреј, а пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.

На прашањето: „Зошто пишувам?“ Данило Киш одговара: Пишувам, значи, зашто сум незадоволен со себеси и со светов. И за да го искажам тоа незадоволство. За да преживеам! – Токму затоа и јас ја пишувам оваа студија, пречитувајќи ги животите на четирите книжевни жени, станав сведок на нивниот свет, кој уште еднаш ме соочи со реалноста, преку раздробување на баналноста на нивното секојдневје, и ме натера да тргнам во уште една потрага по смислата на постоењето, да не дозволам да ме надживее сопственото тело и да не бидам една од тие што дури во смртта стануваат слободни. Скратување на задоволствата на духовните потреби потешко му паѓа на човек од сите физички маки. Додека се прашуваме дали сме живи, животот ни минува, затоа овој текст ќе го заокружам со еден цитат од „Резервен живот“:

Велат дека човек умира на начин на каков што живеел. Кој живеел во внатрешна агонија ќе умре во агонија, кој го сфаќал животот како игра, ќе умре играјќи си, кој боледувал цел живот од нешто ќе умре од болест. Кој љубел многу, ќе умре од љубов. А кој бил мртов дури бил жив, ќе умре од сопствениот живот (Димковска 2015, 82).

Илустрациите во фељтонот се на авторката Ирина Тумбовска.

Зачлени се на нашиот е-билтен