„Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска е прва книга во која се анализираат женските ликови во македонскиот роман со цел да се издвојат модалитетите на женскоста во него. „Исправувајќи се пред одредени книжевни жени кои „живеат“ во различно време, но на исто место, во Македонија, оваа книга, и нас – читателите и нивните создавачи – авторите нè соочува со нив“ – истакнува во својата рецензија универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Во оваа книга е присутна и општата слика на човековиот живот, но секое навраќање кон неа во оваа книга е од друг ракурс на гледање преку кој се пренесуваат сите искуства на женските ликови. Колку историјата, околината, времето во кое живеат и професијата со која се занимаваат, влијаат врз создавањето на личноста? Како љубат македонските книжевни жени? Како ги доживуваат првата менструација, губењето на невиноста, првите заљубувања, машките фигури во нивните животи, мајчинството, контактот со самите себеси, со сопствените тела? Како сонуваат, како ги боли, како тагуваат, како се радуваат, што ги поврзува сите нив?
Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа, вклучително и по еден за ликовите од романи на Владо Малески, Оливера Николова, Лидија Димковска и Петар Андоновски, кои се клучни во „Македонската книжевна жена“, веќе достапна во книжарниците во Скопје.
Симон де Бовоар напишала: „Жена не се раѓа, жена се станува“.
„Македонската книжевна жена“ е книга за македонските жени што станале книжевни. Сите живеат во различно време, но на исто место – т.е. во Македонија (каква и да е во тој период), создадени во различни периоди, од домашни автори и авторки; женски ликови што припаѓаат на различни жанрови: историски реализам, модернизам, постмодернизам. Четирите книжевни жени што се присутни низ страниците се: Росица од „Куклите на Росица“ на Оливера Николова; Калина од „Разбој“ на Владо Малески; Злата од „Резервен живот“ на Лидија Димковска и Бригита од „Телото во кое треба да се живее“ на Петар Андоновски. Низ страниците, се пренесуваат искуствата што ги споделуваат женските ликови во овие романи, а тие опфаќаат еден подолг временски период во минатото. Не е битна годината во која се објавени книгите, туку времето во кое живеат ликовите, времето на приказните во кои се сместени тие ликови, а целта е да се согледаат и да се посочат одликите на македонската книжевна жена во различни периоди и средини.
Ликови што му пркосат на времето во кое живеат
Ги одбрав токму овие женски ликови затоа што сметам дека му пркосат на времето во кое живеат и се одделуваат од типичната слика за македонската конвенционална жена. Сите нив ги красат исклучителни карактерни особини, како што се цврстата волја, вербата, издржливоста, упорноста, храброста, страста за живот. Благодарение на овие доблести, тие успеваат да се оттргнат од стегите на машката доминација и да се изборат да водат живот под сопствена контрола. Иако често се соочуваат со забрани, овие жени не го прават секогаш она што мажите и другите го бараат од нив. Не се потчинуваат лесно на туѓите желби, барем не целиот свој живот. Речиси кај сите во одреден дел од романот има трансформација што им го засилува гласот, па започнуваат да ги задоволуваат сопствените потреби. Не се одликуваат со пасивност и со послушност.
Анализата е од гледна точка на жената и има цел да го осветли женскиот лик. Главен интерес е местото на жените во текстот. Феминистичката критичка теорија овозможува анализа на улогата, на значењето и на спецификите на женските ликови од поинаков агол. Пристапот кон женските ликови е целосно бифокален. Тие се согледувани како независни ентитети, но и во сооднос со другите ликови, машки и женски.
Иако се смета дека најчест женски лик во македонскиот наратив е добрата мајка и послушната сопруга, овие четири книжевни жени покажуваат дека се свесни за себе и за тоа што го сакаат и се борат докрај, без разлика колку му пркосат на општеството и колку излегуваат од границите на „предвиденото“ однесување. Росица и Калина се претставнички на патријархалниот модел на женскост, а Злата и Бригита на современиот. Но, без разлика на тоа, сите четири се во постојана борба и потрага по својот женски идентитет. Росица и Калина живеат во општество што е организирано по мера на машкиот систем на вредности, но, како што еволуира македонската книжевна жена, во времето на Злата и на Бригита жените веќе се имаат изборено за своите права. Но дали навистина се слободни? Дали воопшто постои слобода? Доколку гледаме на слободата како на избор, можеби да. И Злата и Бригита сами избираат, ама се затворени во своите тела.
Всушност, оваа студија се сведува на општата слика на човековиот живот, преку постојано навраќање на неа, но секогаш од друг ракурс на гледање преку кој се пренесуваат сите нивни искуства. Колку историјата, околината, времето во кое живеат, професијата со која се занимаваат влијаат врз создавањето на личноста? Како љубат македонските книжевни жени, првата менструација, губењето на невиноста, првите заљубувања, машките фигури во нивните животи, мајчинството, контактот со самите себе, нивните тела, како сонуваат, како ги боли, како тагуваат, како се радуваат, што ги поврзува сите нив? Животниот пат на овие жени се испреплетува и тие нивни животни врвици имаат многу сличности.
Дела и зборови што ги повредувале женското тело и душа
Сите овие македонски книжевни жени, кои преку пишаниот збор ги изнесуваат своите доживувања, на некој начин соработуваат со оваа книга и јас сум им особено благодарна за тоа. Но, не само овие четири, туку и сите оние што живееле, се радувале и трпеле пред нас, во некоја смисла, сите имаат свој дел во сето ова затоа што сè што правиме и не правиме денес е резултат на нивните избледени траги. Ништо што се случило некогаш, било добро или лошо, не може да исчезне бестрага. И токму тоа е тоа што нè тера на размислување и на преиспитување на сопственото однесување. Во сите векови наназад, толку многу дела и зборови ги повредувале женското тело и душа, го оневозможувале изборот за љубов, брак, семејство, го одземале правото на глас, а за жал, голем дел од жените само се приспособувале на таквиот систем без спротивставување. За тоа се и единствено самите виновни. Ама иднината е поразлична и тоа е целта на оваа студија. За да се изгради нешто ново, мора прво добро да се знае земјата под него. Затоа, најпрвин мораме да се запознаеме и со минатото и со поставеноста на жената во него.
„Треба да замислиме дека сме некој Друг – пишува Јулија Кристева – треба да го замислиме Другиот за да започне оној долг процес на идентификација и на отфрлање, на припишување и на одбивање, оној процес кој ќе му овозможи на субјектот, макар и незначително, да ја помести границата на која се наоѓал претходно а на која не можел да остане: да му овозможи да каже нешто повеќе, да не биде истиот тој, да го симболизира, барем малку, оној семиотички ритам.“
Така, јас морав да замислам дека сум и Росица и Калина и Злата и Бригита за да можам да се идентификувам со нив и да ги позајмам нивните животни приказни, емоции, желби, копнежи, соништа, болки… за да можам подобро да ги разберам, да ги оживеам, па за возврат да ги спојам сите заедно во оваа студија, затоа што единствено литературата може да ги спаси и да нè спаси сите од заборав.
Илустрациите во фељтонот се на авторката Ирина Тумбовска.
(продолжува)