Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Финансиска и ОЈО ја продолжуваат истрагата за сомнителните трансакции на 950.000 евра на „Банана филм“ на Милчо Манчевски

„Финансиската полиција има доставено одредени известувања за преземени дејствија и продолжува да постапува по наредбата на јавниот обвинител“, одговорија од службата за односи со јавноста на ОЈО.

Управата за финансиска полиција која постапува по пријавата од Министерството за култура за сомнежите околу нерегуларности при трансакциите на буџетските средства наменети за одредени проекти на продуцентската куќа „Банана филм“ на Милчо Манчевски, го известила Основното јавно обвинителство.

Во одговорот на дописот за барање на информации од јавен карактер од нашата редакција се вели дека Финансиска продолжува да постапува по наредба на јавен обвинител.

„Основното јавно обвинителство Скопје во наведениот предмет постапува по кривична пријава од Агенцијата за филм, при што надлежен јавен обвинител издаде наредба за преземање определени дејствија до Управата за финансиска полиција.  Финансиската полиција има доставено одредени известувања за преземени дејствија и продолжува да постапува по наредбата на јавниот обвинител“, одговорија од службата за односи со јавноста на ОЈО.

По извршениот вонреден инспекциски надзор на Министерството за култура, лани во април,  за проектите „Мајки“ и „Врба“ на „Банана филм“, кога се констатирани нелогичности во однос на ангажирање на продукцијата „Милкман“ од Њујорк и префрлување на средства на оваа куќа, предметот е упатен на натамошно постапување на Финансиската полиција.

Севкупната документација за овие предмети на „Банана филм“ , УФП ја побарала од Агенцијата за филм во јули, минатата година и до денес се води истрага за која е известено Основното јавно обвинителство.

Од Финансиската полиција до затворањето на овој напис, нема одговор на прашањата што ги доставивме од нашата редакција.

По преземањето на дејствија за истрага од надлежните органи, Управниот одбор на Агенцијата за филм, донесе одлука за прекинување на финансирање на проектите на „Банана филм“, куќа до конечно разрешување на случајот.

Инаку, во ноември 2023 година, Вишиот управен суд постапувајќи по жалбата на АФРСМ од одлуката на Управниот суд, ги отфрли барањата на тужителот „Банана филм“ како неосновани и донесе решение проектите да останат стопирани до конечното затворање на истрагата.

Во тогашното образложение на судот се наведува дека жалбата на АФРСМ за првичната одлука на Управниот суд да го уважи барањето на тужителот „Банана филм“ да се одложи извршувањето по одлуката за времена мерка и замрзнување на проектите на тужителот е основана.

За предметот за финансиското работење на „Банана филм“ кои се донесуваат на потрошени 950.000 евра за кои не е доставен извештај во Агенцијата за филм како и трансакциите на оваа продукција која ги насочувала кон Њујорк, САД се известени сите надлежни инстанци како и Државната комисија за спречување на корупција.

Како што објавивме тогаш, во образложението на судот се наведува дека жалбата на АФРСМ за првичната одлука на Управниот суд да го уважи барањето на тужителот „Банана филм“ да се одложи извршувањето по одлуката за времена мерка и замрзнување на проектите на тужителот е основана.

Откако ЦИВИЛ Медиа објави дека сѐ уште не е затворен финансискиот извештај за „Мајки“ (поточно, дека и покрај барањата на Агенцијата за филм да се достави конечен финансиски извештај, сепак, до денес таквиот не е затворен), редакцијата дојде до документи кои покажуваат дека режисерот Манчевски и за парите кои ги добил од тогашниот Филмски фонд за филмот „Сенки“, до денеска Агенција за филм не доставил финансиски извештај за потрошените средства.

Филмскиот Фонд во мај 2009 година склучил договор за финансирање Проекти од национален интерес со „Сенка Милчо Манчевски ДООЕЛ“ за поддршка, дистрибуција и реклама на играниот филм „Сенки“ со износ од 1.197.667 денари (19.500 евра).

Во член 4 од договорот стои дека корисникот е должен да направи наративен и финансиски извештај, извештај за готовинските парични текови на проектот со спецификација за вкупните трошоци со прилог документација за потрошените средства ( фактури и договори) со рок од 15 дена по завршетокот на дистрибуција и реклама на филмот.

За проектот „Сенки“  како што пишуваше во написот на Цивил медиа, а се потпира на документите до кои дошла редакцијата, во декември 2007 година филмот доби и 200 илјади долари од Владата за промоција и дистрибуција каде се бореше со 62 филма за да влезе во најтесната селекција за наградата „Оскар“ за филм од странско говорно подрачје.

Додека траат истражните дејствија за „Банана филм“, Милчо Манчевски пак од друга страна во обид да ја попречи истрагата, постојано поднесува кривични пријави за лица од Агенцијата за филм, кои по увидот се отфрлени за натамошно разгледување како неосновани.

А. Василевска (НоваТВ)

Треба да знаете
Moже да ве интересира