Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Георги Господинов: Бугарија оди по работ на тивка граѓанска војна, пропутиновците се антиваксери

На собирот „Дебата за Европа“, одржан од 24 до 26 февруари 2023 во Софија, чија тема беше годишнината од руската воена агресија врз Украина, учествуваа десетина европски интелектуалци. Во текот на овој месец на Јутјуб ќе бидат достапни видео материјалите од сите панел-дискусии кои беа водени на овој собир.

Рацин.мк во две продолженија го пренесува завршниот говор на Георги Господинов, водечки бугарски книжевник и критички настроен интелектуалец. Во второто продолжение Господинов ја анализира улогата на Бугарија: „Општеството е жестоко поделено. Се чини дека Бугарија со децении не памти сличен раскол и поделби, засилени со влијанието на социјалните мрежи и луѓето на власт. И не сакам да звучи пресилно, но треба да го споменам и ова – понекогаш имам чувство дека се оди по работ на тивка граѓанска војна.“

Каде е Бугарија во целата таа ситуација?

На периферијата на војната, ако денешната војна воопшто има позадина и периферија. Во однос на растојанието и географијата, ние сме сосема блиску, се наоѓаме на некои 500-700 километри (по права линија Одеса е на 721 км). Но, ако сметаме со мерниот систем на времето и минатото, ние сме уште поблиску.

„Курица не птица, България не заграница“ („Кокошката не е птица, Бугарија не е вон границата“), вели советската поговорка, а во 1962 година е направен еден срамен обид за отфрлање на автономијата на Бугарија со предлогот да станеме 16. република на СССР. Бугарско-руската врска, историски наметната, секако дека вешто се користи во пропагандни цели. За време на моето детство и младост во училиште учевме дека тоа е нашиот постар брат без кој би биле изгубени (како секој постар брат тој може да го претепа насилникот што не закача во маалото). И сега знам напамет дека „нашето пријателство со Советскиот Сојуз ни е толку животно неопходно, колку што сонцето и воздухот се неопходни за секое живо суштество“, како што рекол јунакот на Лајпцишкиот процес – Георги Димитров, кој бил и советски државјанин. 

Секако, сите од мојата генерација тајно мечтаевме за потполно други држави, за она сонувано странство западно од нас. И тоа е мала правда – СССР никогаш не беше сонувано место и покрај пропагандата, туку остана место на стравопочит. И тоа се одразува и на денешната ситуација.

Проруската пропаганда овде лесно делува на различни нивоа. Од чувството на благодарност кон нашите двојни ослободители (а како што се покажа, и двојни освојувачи), преку длабокото почитување кон руската култура (како Путин и Чехов да се браќа близнаци), до изјавите на високите политичари кои одбиваат јасно да застанат на страната на жртвата. Не постои начин сето тоа да не го дели општеството.

Руско влијание во Бугарија

Според истражувањата на Евробарометар, спроведено во мај 2022 година, Бугарите се најблиску до гледиштата на Русија во врска со војната меѓу сите земји-члени на ЕУ. Се приметува наглиот пораст на руската пропаганда. Бугарија е на последно место по медиумската писменост, последна по бројот на вакцинирани, прва во Европа по смртност од Ковид по глава на жител. Секако, сето тоа е поврзано. И таа поврзаност нагло се соголи со почетокот на војната: се покажа дека пропутиновците се, всушност, антиваксери.

Фејсбук и понатаму е навлијателната мрежа овде, 90 отсто од протокот на информации е насочен кон него. Проблемот е што пропагандата од мрежите се вовлекува во официјалните и сериозни медиуми. Многу од нив црпат информации од статуси на Фејсбук кои се делат некритички, без коментар. Фејсбук истовремено е и лабораторија на јазикот на омразата, кој исто така без проблем преоѓа и во официјалните медиуми. Неодамна еден од поддржувачите на националистичката партија Преродба (Возраждание), гостувајќи во сериозна емисија, изјави дека единствено за што би го критикувал Путин е тоа што не успеал со идејата за „блицкриг“ во Украина.

Општеството е жестоко поделено. Се чини дека Бугарија со децении не памти сличен раскол и поделби, засилени со влијанието на социјалните мрежи и луѓето на власт. И не сакам да звучи пресилно, но треба да го споменам и ова – понекогаш имам чувство дека се оди по работ на тивка граѓанска војна.

Никогаш по 1989 година овој дел од Европа не бил на бранот на историјата. Но овој дел од Европа во својата книжевност никогаш не прекинуваше да раскажува и предупредува на тоа што веќе се случило и што може да се повтори. Ми се чини дека тие приказни не биле доволно добро чуени. Овде јасно се чувствуваше дека приказната сѐ уште не е готова. Сега веќе знаеме и можеме да го формулираме тоа на следниов начин – додека на еден континент постои барем една точка на која историјата крвари, крвари целиот континент. Никој не може да биде мирен, без разлика на колку километри е оддалечен на Западот. Сфативме дека центарот на Европа не е нешто статично, забодено во Берлин или Париз. Центарот на Европа е она подвижно место на болката. Тој е таму каде што боли и крвари, денес е на исток, во гордата Украина.

Во еден од најубавите есеи за Европа, „Киднапирање на Западот“, кој е напишан за време на Студената војна (1983.), Милан Кундера започнува со последниот очајнички телеграм кој го пратил директорот на Унгарската телеграфска агенција во 1956 година, додека самата зграда била гранатирана. Пораката гласи: „Ќе умреме за Унгарија и за Европа“. Во тие критични минути тој сакал да соопшти нешто. Инвазијата на руските трупи на Унгарија е инвазија на Европа, не чекајте, реагирајте. Дали Европа (или тогашниот Запад) ја добила пораката? Дали сега Западот ја сфати пораката со инвазијата на Украина?

Револуцијата во Унгарија 1956 година

Фала му на Бога, да, овој пат знаеме за кого бијат камбаните. Европејците веднаш сфатија. Есејот на Кундера се завршува со горчливиот заклучок дека по Втората светска војна Западот се гади од Централна Европа, која остана под советското влијание и која, едноставно, ја смета за сателит на советската империја без сопствен идентитет. (А што да кажеме ние од Источна Европа?!). Оваа инерција, би смеел да кажам, продолжи делумно и по 1989. Војната во Украина ги врати Централна и Источна Европа во Европа.

Дали постои нешто во кое периферијата е подобра од центарот? Да, во хипер акутната чувствителност на она што допрва пристигнува. Препознавање на грижите во воздухот. Некогашна источна Европа се научи на сопствената кожа да ја насети опасноста. Затоа ќе бидам слободен да го кажам тоа на следниов начин. Не ги потценувајте книгите, есеите, стиховите кои пристигнуваат од овие краишта на Европа. Препознајте ги симболите во нив.

Зборовите не ги запираат тенковите и не ги рушат дроновите. Но, можат (можат ли!?) да ги сопрат, успорат или барем малку да ги поколебаат оние што влегуваат во тенковите и тргнуваат против невини луѓе. Зборовите можат да им помогнат на збунетите со лажни вести и пропаганда. Фактот дека ужасот на Втората светска војна не се повтори до 24 февруари сепак малку се базира и на оној спомен на злото кое го чуваа сведоците, писателите, филозофите.

Оваа војна нема да заврши со последниот испален рафал. Тој започна многу години пред првиот истрел и ќе заврши, веројатно, многу години по последниот. Ова е новиот стар фронт на пропагандата, многу посилен од претходно. И овде спориот, но траен медиум има што да направи. Најмалку што може е да го однегува отпорот и емпатијата, да обезбеди алатка за препознавање на замената на тези. Да ги сочува личните приказни од епицентарот на болката, да создаде спомен кој нема да биде прескокнат, и да утеши, ако може.

Ниту една пропаганда не треба да биде посилна од сеќавањето на детето кое бега од војната со бројот на телефонот за врска кој му е напишан на раката.

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите „Природен роман“, „И други приказни“ (и обете на Темплум), потоа „И сè стана месечина“ (Или-Или), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров. Во последниве години авторот постигна успех и во САД, а позитивни рецензии за неговите дела излегоа во New Yorker, NY Times, Village Voice…

Неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015) беше финалист на неколку европски и светски награди, меѓу кои: Premio Strega Europeo, Haus der Kulturen der Welt, Brücke Berlin Preis…

Зачлени се на нашиот е-билтен