Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: „Чекајќи го Годо“ во Охридски театар; Латински цитати, изреки и фрази; Загрепска школа на анимиран филм; „Травијата“ во Опера и балет

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме театарска претстава, книга, антологиски анимирани филмови и оперска претстава. Гледајте, читајте, слушајте…

Театар: „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет

Охридскиот народен театар вечерва (петок, 27 октомври) со почеток од 20 часот на матичната сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ премиерно ќе ја изведе претставата „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет, во режија на Сашо Миленкоски.

Претстава за сладокусци, нешто поразлично, нешто што има цел да предизвика размислување, во време на вештачка интелигенција и социјални мрежи навраќање на изворната сила на театарот, најавува авторската екипа.

Ликовите во „Чекајќи го Годо“ ги толкуваат Стрезо Стаматовски (Владимир), Никола Тодороски (Естрагон), Павел Маслов (Лаки), Филип Кипровски (Поцо) и Ангел Ристоски (Момчето).

-Бекет укинува се што Аристотел вели дека е драма – укинува време, укинува дејствие, простор. Дали ова е соодветен текст за ова време кога децата се навикнати на 14 секунди тик-ток видеа, ние да ги задржиме час и половина со сериозни теми… Токму тоа беше предизвикот, да се обидеме да се потсетиме дека имаше време кога работите беа важни кога имавме ништо важно да кажеме. Театарот како медиум е многу стар, ги преживеа и телевизијата и  радиото и филмот. Она што ми беше важно, што мислам дека го направивме со овие прекрасни актери, е што ми се врати вербата дека сепак постојат луѓе кои го сакаат автентичниот театар, најави режисерот.

Дрвото кое е централно во делото на Бекет, под кое двата главни лика чекаат, во оваа претстава сценографски е заменето со две врати на пеколот.

Дизајнот на сцената, костимите и рекламниот материјал е на Владимир Симоновски, драматург е Кристина Тодороска Петреска, а дизајн на светлото е на Борис Велјаноски.

Книга: „Латински цитати, изреки и фрази“

Ако постои некоја безвременска книга по Библијата, тогаш тоа може да биде збирка на латински цитати.

„Или-Или“ деновиве ја објави токму книгата „Латински цитати, изреки и фрази“, како дело од едицијата АРГО. Предговорот, изборот, преводот од латински и коментарите се на Светлана Кочовска Стевовиќ.

„Латински цитати, изреки и фрази“ е збирка од околу 5 000 латински цитати, изреки, фрази, правни максими, девизи на поединци или групи, здравствени препораки, хералдички гесла и други куси латински изрази од различна провениенција.

Најзастапени во книгата се цитатите од римската книжевност, од латинскиот превод на Библијата (Vulgata) и од некои подоцнежни дела, а поради широкиот опсег на употреба многу од овие цитати стекнале статус на поговорки.

Во секој случај, четиво за многу образовни профили, сите генерации и за сите времиња.

Одраз на нивната огромна популарност низ вековите е влијанието што го извршиле врз фразеолошкиот фонд и врз паремиската граѓа на современите јазици. Многу од овие цитати, изрази и фрази и денес се присутни во книжевноста, журналистиката, јавниот дискурс и популарната култура. Единиците што се поместени во збирката „Латински цитати, изреки и фрази“ се подредени по абецеден редослед, а наместа по преводот следи кус коментар со појаснувања на значењето, потеклото и(ли) на контекстот во кој изразот бил употребен, велат од “Или-Или“.

Приредувачот на изданието Светлана Кочовска-Стевовиќ е класичарка, книжевна преведувачка и професорка по латински јазик на Филозофскиот факултет во Скопје. Авторка е на една монографија за писмата на Кикерон и на повеќе преводи од латински и(ли) старогрчки јазик на дела од Кикерон, Хигин (Митови, Три, 2016), Јустин (Филипова историја, Полица, 2020), Лукијан од Самосата (Вистинска приказна, Или-или, 2020) и Сенека (Медеја, Или-или, 2021).

Филм: Избор на анимирани филмови на „Загреб филм“

На 30 октомври (понеделник) и 31 октомври (вторник) во термините од 18 часот во Кинотеката ќе бидат прикажани некои од најдобрите наслови од „златниот период“ на анимираната школа на „Загреб филм“.

„Загреб филм“ е синоним за загрепската школа на цртаниот (анимиран) филм кој од крајот на педесеттите години од минатиот век – а посебно во шеесеттите – стекна светска слава со креациите на авторите како Душан Вукотиќ (кој доби „Оскар“ за „Сурогат“ во 1961 година), Златко Боурек, Ватрослав Мимица, Боривој Довниковиќ-Бордо… На кинотечната програма во оваа прилика ќе бидат прикажани 7 наслови.

„Премиера“ (Premijera) од 1957 г., 10 мин., колор, ДЦП; Режија: Никола Костелац (Nikola Kostelac) Сценарио: Владимир Тадеј, Ватрослав Мимица (Vladimir Tadej, Vatroslav Mimica)

Едно копче, откинато од јаката на тенор, ја буди заспаната снобовска публика на оперската
премиера.

„Концерт за митралез“ (Koncert za mašinsku pušku) од 1958 г., 14 мин., колор, ДЦП; Режија: Душан Вукотиќ (Dušan Vukotić)

Водачот на гангстерска банда поставува споменик на правдата пред банката и го користи како покритие за да ископа тунел до сефот во банката.

„Самец“ (Samac) од 1958 г., 12 мин., колор, ДЦП; Режија: Ватрослав Мимица (Vatroslav Mimica)
Сценарио: Иво Врбаниќ (Ivo Vrbanić)

Приказната за ослободување на една отуѓена и осамена индивидуа.

„Човек и сенка“ (Čovjek i sjena) од 1960 г., 9 мин., колор, ДЦП; Режија: Драгутин Вунак (Dragutin Vunak)

Човек се обидува да избега од сопствената сенка.

„Сурогат“ (Surogat) од 1961 г., 10 мин., колор, ДЦП; Режија: Душан Вукотиќ (Dušan Vukotić)
Сценарио: Рудолф Сремец (Rudolf Sremec)

На морска плажа капачот со помош на пумпа за пумпање воздух, надувува сè што ќе посака.

„Дон Кихот“ (Don Kihot) од 1961 г., 11 мин., колор, ДЦП; Режија и сценарио: Владо Кристл (Vlado Kristl)

Дон Кихот и неговиот верен слуга Санчо Панса талкаат во денешницата.

„Мала хроника“ (Mala kronika) од 1962 г., 11 мин., колор, ДЦП; Режија: Ватрослав Мимица (Vatroslav Mimica), Сценарио: Звонимир Берковиќ, Ватрослав Мимица (Zvonimir Berković, Vatroslav Mimica)

Слеп човек и куче во метежот и вревата на велеградот.

БОНУС ВИДЕО: Антологискиот анимиран филм „Сурогат“

Опера: „Травијата“ на Верди во Национална опера и балет

Вечерва (петок, 27 октомври) со почеток од 20 часот во Националната опера и балет ќе биде изведено ремек – делото на Џузепе Верди, операта „Травијата“.

Либрето за операта на Верди го напишал Франческо Марија Пјаве. Приказната се базира на новелата „Дамата со камелии“ од Александар Дима. Првата изведба била во Венеција, 6 март, 1853 година во Театро ла Фениче.

Сторијата започнува со забавата кај куртизаната Виолета Валери, која во нејзиниот салон ги пречекува гостите Флора Бервоа, маркизот Обињи, баронот Дуфол и Гастон Леториер, како и новиот обожавател на Виолета, Алфред Жермон…

Партитурата на „Травијата“ изобилува со музички сегменти што уживаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми ширум светот. Диригент на претставите е Бисера Чадловска, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер.

„Травијата“ креира моќна продукција чии главни атрибути се смелото сценско дејствие и визуелниот квалитет. Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), а кореограф Саша Евтимова.

Настапува домашната солистичка екипа: Ана Дурловски, Благој Нацоски, Марјан Јованоски, Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Васко Здравков, Драган Ампов, Дејан Стоев, Борко Биџовски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

Следната изведба на „Травијата“ е на 31 октомври (вторник) од 20 часот.

Најново