Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Горко како Вујко Вања, нов филм на Лантимос, сликовница од поетот Маџиров, безвремената „Кавалерија рустикана“, краток филм на Ѓелески

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме театарска претстава, филм, опера и книга-сликовница. Гледајте, читајте, слушајте…

Театар: Премиера на „Вујко Вања“ во битолскиот театар

Ансамблот на НУ Народен театар-Битола вечер (петок, 26 јануари) во 20 ч. на матичната сцена „Благој Стефановски-Баге“ премиерно ќе ја изведе претставата „Вујко Вања“ работена според текстот на Антон Павлович Чехов, во режија на Софија Ристевска Петрушева.

Драмската приказна „Вујко Вања“ се одвива во руско село, на имотот на еден пензиониран универзитетски професор. Четирите чина се детерминантите што раскажуваат за времето на расплетот на драмската приказна.

Главната улога во драмата, ликот на вујко Вања, го толкува првенецот на битолскиот театар Петар Горко. Горко годинава слави 35 години плодна актерска дејност со преку 2.500 претстави, филмови и ТВ-серии и над сто одиграни театарски улоги, од кои половина главни. Никола Пројчевски, кој во претставата го игра Астров, одбележува 20 години актерска дејност во Народниот театар со одиграни стотина улоги во театрите во земјава.

Горко и Пројчевски

За потсетување, неодамна го гледавме Горко во улогата на Јосип Броз Тито (прв македонски актер што го играл), а Пројчевски како Перица Петре Прличко во ТВ серијата „Црвениот поет“.

Во претставата настапуваат и Александар Димитровски, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска-Дранговска, Марија Стефановска и Валентин Дамчевски.

-Трагедијата на староста не е во тоа што човек старее, туку во тоа што станува млад по душа и сака на секој начин да живее. А живеењето е најретката работа на светот. Повеќето луѓе само постојат. И се оттуѓуваат. Така и ликовите се визуелни и костимографски детерминирани. Инакви. Со кореографија и музика која ја раскажуваат атмосферата на големиот број „чеховски паузи“, што ем имаат уметнички ефект, ем тој говор на тишината станува многу поелоквентен, произлегувајќи од потребата да се размислува за отуѓеноста и да се најде одговор кој би бил едноставен, дефинитивен… Единствениот начин да се спротивставиш на самотијата до којашто довела староста, и отуѓеноста е желбата, надежта, посочува Билјана Крајчевска, драматург на претставата.

Првата реприза на „Вујко Вања“ е на 27 јануари (сабота) во 20 ч.

Опера: „Кавалерија рустикана“ во НОБ

На сцената на Националната опера и балет вечерва (26 јануари, петок) ќе се изведе операта „Кавалерија рустикана“ од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи.

Оксана Мадараш

Операта ќе се изведе под диригентската палка на Украинката Оксана Мадараш. Режијата е на Џандоменико Вакари од Италија. Според Вакари, „Кавалерија рустикана“ е значајно дело зашто се смета за порта за италијанската опера во 19 век.

Настапуваат: Сандра Митровска во улога на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков како Алфио, Катерина Стојановска во улогата на Лола, Марика Поповиќ како Мајка Лучија, во придружба на хорот и оркестарот од Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер натопен во страст и со одмазда како главен движечки мотив и еден од најомилените и најизведуваните оперски наслови до ден-денес на светските оперски сцени. Оперското либрето е трагичната приказна за љубовниот триаголник, за традицијата која се испречува помеѓу страста и љубовта, омразата и одмаздата.

Сценограф е Зоран Николовски, костимограф е Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстори Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Премиерната изведба на „Кавалерија рустикана“ беше одржана на 31 октомври 2017 година, како еден од настаните со кои се прославија 70 години од постоење на Македонската опера.

Филм: „Бедни суштества“ на Јоргос Лантимос

Новиот наслов на Јоргос Лантимос (Yorgos Lanthimos), „Бедни суштества“ (Poor Things; некаде се користи преводот „Кутри нешта“) е неверојатната приказна за еволуцијата на Бела Бакстер, млада девојка оживеана од брилијантниот научник доктор Гудвин Бакстер.

„Бедни суштества“ е снимен во британско-американска продукција според сценариото на Тони МекНамара и Алесдер Греј (Tony McNamara, Alasdair Gray), со актерите Ема Стоун, Марк Руфало, Реми Јусеф, Вилием Дефо, Кетрин хантер, Кристофер Абот, Јерод Кармајкл (Emma Stone, Mark Ruffalo, Ramy Youssef, Willem Dafoe, Kathryn Hunter, Christopher Abbott, Jerrod Carmichael).

Оваа авантура на телесното освестување, прикажана преку психоаналитично деконструирање на франкенштајновата тема претставува најзабавниот филм досега на еден од врвните мајстори на авторскиот филм и на т.н. Грчки чуден бран, оцени филмскиот критичар Слаѓан Пенев во неговиот годишен филмски преглед за Рацин.мк.

Феминистичката фантазија сместена во „стимпанк“ свет на мутанти и шовинисти – како што гласи еден од бројните осврти на „Бедни суштества“ – освои 11 номинации за „Оскар“ и заедно со „Опенхајмер“ се главни фаворити на годинешното доделување.

Филмот се прикажува во „Синеплекс“ во два термини, од 18.30 ч. и 21.30 ч.

Книга: „Рокчето“, сликовница за деца од поетот Никола Маџиров

Новата сликовница „Рокчето“ од познатиот поет Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, ќе биде промовирана на 30 јануари (вторник), во 19 часот, во новата книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Дајмонд мол“. Книгата ќе ја промовираат Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски.

„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот. Зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка – како поет и раскажувач – според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев.

Формата „приказна во приказна“ во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедо му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук. Читателите ја слушаат/ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето-главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите на Анета Илиевска, кои исто така се на две нивоа: еден е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерен), друг – во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорен).

Посебноста на оваа сликовница е во тоа што на крајот сè се поврзува со сè. Минатото со сегашноста, традицијата со совремието, приказните со поезијата, народното творештво со авторскиот израз.

Никола Маџиров (1973) досега има објавено десетина книги на македонски јазик, вклучително и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Како преведувач се јавува на петнаесетина книги поезија, раскази и романи. Неговата поезија е преведена на четириесет јазици во над педесет земји и објавувана во антологии и списанија во Европа, САД, Азија, Африка, Латинска Америка и Австралија.

Добитник е на поетската награда „Хуберт Бурда“, којa му беше доделена од жирито чиј член беше добитникот на Нобеловата награда за 2019 година, Петер Хандке. Маџиров ги има добиено и светската награда за книжевност „ДЈС“ во Кина (2011), европската поетска награда „Левир литерер“ (2015) во Франција, наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот „Кингс“ во Кембриџ (2016), главната поетска награда на меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019), меѓународната поетска награда „Beijing Literature and Art Network“ во Пекинг, Кина (2021), националната награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и уште две поетски награди, „Студентски збор“ и „Ацо Караманов“. Авторот настапувал на повеќе реномирани светски фестивали и беше член на бордот за објавување на петтомната антологија на светската поезија.

Анета Илиевска е родена во 1974 година во Скопје. По завршување на средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, на насоката за графика, од 1993 година работи како графички дизајнер. Покрај богатото портфолио од областа на графичкиот дизајн, има дизајнирано корици за неколку стотици книги, а „СНЕШКО. Дневникот на едно кутре“ е прво издание каде што се јавува и како илустратор. Од 2017 година активно се занимава и со фотографирање, за што има добиено повеќе награди и признанија, а учествувала и на неколку македонски и интернационални групни изложби.

Сликовницата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина“ и достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн.

Филм: „Слобода“, краток игран филм на Златко Ѓелески

Краткиот игран филм „Слобода“ (Freedom) на Ѓелески (2023, 35 мин., колор, 35 мм) ќе биде прикажан во Кинотеката на 2 февруари (петок) од 18:00 ч. и 3 февруари (сабота) од 18:00 ч.

„Слобода“, снимен според сценариото на Ѓелески, е краткометражен омнибус, односно спој на три приказни кои се одвиваат една зимска вечер во истоименото кафуле. Таму се пресретнуваат тројца пријатели кои неуспешно се обидуваат да се договорат помеѓу себе. На шанкот се наоѓаат две долгогодишни пријателки кои, пак, истата вечер одлучуваат да споделат тајни што ги криеле една од друга, а на оддалечена маса од нив се одвива зделка за продажба на артефакт од Крушевската република…

Во улогата на тројцата пријатели се појавуваат кичевските актери: Михајло Петревски, Ристе Ѓорѓиевски и Станко Стевановиќ, двете девојки ги глумат Тамара Ристоска и Весна Гаврилоска, а настапуваат иИвица Димитријевиќ, Игор Бошкоски, Дарко Мече Костески, Андреј Дукоски, Тале Никодиновски и Ренато Јеремоски.

Продуцент на филмот е Бранко Стојаноски, работен за „Блу Медија Моушен“ од Кичево, монтажата и визуелните ефекти ги работи Љупчо Темелковски, директор на фотографија е Владимир Димоски, звукот е на Горазд Радески, а музиката е на Љупчо Стефаноски.

Златко Ѓелески

Ова е третиот краток игран филм на Ѓелески, по „Од другата страна“ и „Мемоари“, а Ѓелески и Стојаноски претходно соработуваа на филмот „Центроид“ од 2022 година, во режија на Стојаноски.

(Избрал: С. Синадинов)

Зачлени се на нашиот е-билтен