Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Неповторливиот Џон Малкович, фотографии на Сашо Димоски, „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан, книга за Снежана Анастасова – Чадиковска

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме театарска претстава, филм, изложба на фотографии и концерт. Гледајте, читајте, слушајте…

Театарска претстава: „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец”

На Американската вечер на годинешното „Охридско лето“ на 26 јули со почеток од 21 ч., во Античкиот театар гостува прославениот актер Џон Малкович со претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец”.

Автор и режисер е Михаел Штурмингер, диригент е Мартин Хазелбoк, солисти Чен Реис – сопран и Сузан Лангбејн – сопран, со придружба на оркестарот „Виенска Академија“.

Претставата „Пеколната комедија“ е необична сценска изведба за еден актер, две пејачки и оркестар, а главниот лик е Џек Унтервегер, австриски сериски убиец. Отслужуваќи ја казната затвор заради убиства, тој позади решетките станува поет и писател. Критичарите го засакуваат, потоа и го помилуваат, тврдејќи дека тој е „пример за рехабилитација“ за интелектуалците и политичарите. Унтервегер на слобода станува новинар и предавач, но и повеќекратен убиец. Ќе биде уапсен и повторно осуден, па во затворот си го одзема животот.

Оваа претстава ги спојува Малкович, оркестарот на Виенската академија, како и два прекрасни сопрани, Чен Рајс и Сузан Лангбејн, кои преку музика ги отсликуваат бесот, тагата и желбата за освета за жртвите. Критичарите веќе ја дефинираа „Пеколната комедија“  како нов жанр во театарот/сценските ументности.

Обожавателите на Џон Малкович можат да го (со)гледаат актерот во „Пеколната комедија“ како протагонист на театарската „чистина“. „Пеколна комедија“ може да се гледа и како предупредување и како опомена: од една страна општеството на Унтервегер му се додворува и го слави и покрај тоа што сторил ужасни работи. Од друга страна го поставува прашањето – зошто на еден убиец би му била овозможена привилегијата на помилување?

Гледајќи од друг аспект, концептот на рехабилитација можеби е важен и суштински дел на моралните вредности, но сепак, не може да се види како некој може да ги искупи гревовите за одземените животи. Затоа претставата можеби зборува повеќе за општеството отколку за самиот Унтервегер.

Џон Малкович  е американски актер, продуцент и режисер. Роден е на 9 декември 1953 година во Кристофер, Илиноис, САД. Неговите дедо и баба по таткова линија потекнуваат од Хрватска, а мајка му имала шкотско и германско потекло.

Иако веќе важи за култен филмски актер, Малкович најпрво се прославил на театарската сцена. Неговата филмографија содржи повеќе од 140 улоги, продуцирал и 25 наслови, а неколку пати и режирал филкмови. До сега два пати бил номиниран за „Оскар“, номинации за БАФТА (Британска филмска академија) и „Златен глобус“, а има освоено преку 30 награди на филмските фестивали во светот.

Изложба: „Станица Скопје ’63“, фотографии на Сашо Димоски

Фотографската изложба на Сашо Димоски насловена „Станица Скопје ’63“ ќе биде отворена на 26 јули, во 21 часот, во изложбениот простор на Културно информативниот центар („Салон Империјал 2“) по повод шеесетгодишнината од трагичниот земјотрес што го погодил Скопје.

Изложбата се состои од триесетина црно-бели фотографии на објекти (или простори), лесно препознатливи и парадигматски за денешно Скопје. Скопје, пак, некако судбински има долга, повторлива и мачна историја на катаклизмични настани – и оние предизвикани од природата (чуми, земјотреси и поплави), и оние предизвикани од човечка рака.

Поводот на оваа изложба е 60-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, но авторот со неа, всушност, ја продолжува својата долгогодишна творечка преокупација со просторите и објектите проектирани и изградени во периодот на социјализмот. Критиката на лошата (незаемна, насилна и безнадежна) љубовно-омразна врска меѓу политичарите (носителите на одлуки) и архитектите (идеалистички настроените градители) повторно се филтрира во секоја од овие фотографии, во секоја од овие (овојпат исклучиво скопски) приказни.

Сашо Димоски е роден во 1965 година во Охрид. Се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Димоски бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“, каде што ја уредувал „Галерија Блесок“.

Изложбата ќе биде отворена до 15.08.2023 година.

Филм: „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан

„Опенхајмер“ на Кристофер Нолан (Christopher Nolan) ја раскажува приказната за човекот кој ја создал атомската бомба. Критиката веќе го оцени како смело, имагинативно и негово најзрело дело досега, комбинирајќи ја експлозивната, комерцијално примамлива акција од трилогијата „Мрачниот витез“ со церебралните основи кои датираат од пред 20 години („Мементо“) и се провлекуваат низ „Inception“ и „Tenet“. Прогнозерите сметаат дека овој филм конечно ќе им донесе „Оскари“ на Нолан, Марфи и Роберт Дауни Џуниор.

Актерот Силијан Марфи (Cillian Murphy), зјапајќи со ледените сини очи, доминира во филмот, глумејќи го Роберт Опенхајмер со воздржаност која совршено му одговара на овој харизматичен, но сепак студен лик. Приказната нè води од неговите студентски денови во Европа, до неговото време како професор во Калифорнија во 1930-тите, а потоа до проектот Менхетен, строгата тајна американска програма за изградба на нуклеарно оружје во Лос Аламос, Ново Мексико, каде што неговиот тим се обидува да создаде бомба за да стави крај на Втората светска војна.

Нолан го базираше својот филм на биографија „Американски Прометеј: Триумфот и трагедијата на Роберт Опенхајмер“ од Каи Брд и Мартин Шервин и успеа да го долови тоа што го пишува во насловот: трагичен и вистински американски херој кој помогна во обликувањето на модерниот свет и стана жртва на политиката во Вашинтон.

Филмот е поставен како директна битка меѓу Опенхајмер и неговиот непријател, Луис Штраус (Роберт Дауни Џуниор), поранешен шеф на Комисијата за атомска енергија на САД. Во текот на целиот филм, сценариото на Нолан оди напред-назад помеѓу две сослушувања на американската влада во 1950-тите, кои се прикажани како напнати драми во судницата и се враќаат во долги делови за да ја раскажат приказната за животот на Опенхајмер.

Приказната се гради постепено, но не ја чувствувате должината на филмот, кој трае нешто повеќе од три часа… „Опенхајмер“ е на програмата на киносалите во „Синеплекс“ со три термини дневно.

Книга: “Боите на мојата музика” на Снежана Анастасова – Чадиковска и Марко Коловски

Книгата “Боите на мојата музика”, е приказна за животниот и творечкиот пат на Снежана Анастасова Чадиковска, истакната пијанистка, пијано педагог, музички публицист, аниматор и организатор.

Снежана Анастасова – Чадиковска низ своите спомени за контекстот во кој раснел и разраснувал нејзиниот огромен опус и музикологот Марко Коловски – со поглед од страна, како обид на навидум невозможното, стручно да се опсервира непрегледното, создаваат уникатно дело примамливо за секој читател. Оваа монографија е колоритна, раскошна, блескава, всушност како и боите на сликата “Хипостази на животот“ од ликовниот уметник Венијамин Хаџи – Наумов, која визуелно го збогатува ова издание.

Книгата ќе ја поттикне љубопитноста да ѕирнете меѓу колоритот на кориците и да откриете за контекстот, за извориштата, за современиците, за што уште не – за Снежана Анастасова – Чадиковска, вечер исполнета со Боите на нејзината музика….

Промоцијата на книгата ќе се одржи на 27 јули во 19 ч. во предворјето на црквата „Света Софија“ во рамките на програмата на „Охридско лето“.

Издавач на книгата е Музички Издавачки Центар (МИЦ), а промотори ќе бидат Илинденка Петрушева, филмолог, филмски критичар, историчар на филмот, есеист, и Александар Трајковски, музички теоретичар, истражувач, педагог и публицист.

Зачлени се на нашиот е-билтен