За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме театарска претстава, филм и концерт. Гледајте, читајте, слушајте…
Театарска претстава: „Ана Каренина: Во љубовта нема повеќе и помалку“ на Театарот „Ujvideki Szinhaz” од Нови Сад
На 29 јули (сабота) во драмската програма на „Охридско лето“ гостува претставата „Ана Каренина: Во љубовта нема повеќе и помалку“ на Театарот „Ujvideki Szinhaz” од Нови Сад, Србија. Претставата е во режија на Дејан Пројковски, работена е според мотивите на делото на Лав Николаевич Толстој, а ќе се одигра на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток од 21 ч.
Во експликацијата за „Ана Каренина: Во љубовта нема повеќе и помалку“ се вели дека главниот лик, Ана, е искрена, добра мајка, добра сопруга. Ана е заљубена, но не и во нејзиниот сопруг. Ана најмногу сака две работи и го дава животот за нив – љубовникот и синот. Ана знае дека едното го исклучува другото… Возот тргна од Санкт Петербург и со сè поголема брзина ита кон станицата.
„Нашата Ана Каренина е една жена – всушност, не е важно дали е жена или маж – човек кој сака да биде среќен. Преку нејзиниот лик отвораме многу врати и се занимаваме со тоа што всушност значи љубовта, колку човекот е подготвен да се жртвува, колку е подготвен да се надмине себеси, своите стравови, за да ја пронајде смислата на своето постоење. Во оваа смисла, Ана Каренина во нашата претстава е сложен систем; и таа, но и сите други ликови – Каренин, Вронски, Левин, Кити – имаат своја приказна, борба. Така, оваа претстава покажува дека црното никогаш не е целосно црно, белото никогаш не е целосно бело, дека всушност има многу нијанси внатре и дека тоа е всушност нашиот живот“, најавува ова ново видување на класичното дело на Толстој.
Во претставата играат Береш Марта (Ана Каренина), Атила Немет (Алексеј Каренин), Арпад Месарош (Алексеј Вронски), Золтан Ширмер (Степан Облонски), Габриела Црнковиќ (Дарја Доли Облонска), како и Габор Понго, Дина Дедовиќ Томиќ, Агота Ференц, Роберт Ожвар…
Креативната екипа на претставата ја сочинуваат постојаните соработници на Пројковски: кореограф е Олга Панго, сценограф Валентин Светозарев, а костимограф Марија Пупучевска.
Пројковски е еден од водечките македонски театарски режисери и професор по театарска режија и глума на Универзитетот за аудио-визуелни уметности Европа Прима. Дипломирал и магистрирал театарска режија на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто. Сарафов“ во Софија. Потписник е на голем број значајни режисерски поставки во С. Македонија и во Србија, Бугарија, Русија, Турција, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, а копродуцира претстави со германски, италијански и словенечки театри и фестивали.
Филм: „Канабисот ослободува“, документарец на Миха Челар
„Канабисот ослободува“ (Cannabis Sets You Free) е документарен филм, во продукција на Словенија/Македонија/Хрватска од 2022 година, времетраење 81 мин. Режисер и сценарист е Миха Челар (Miha Čelar), а наратор во филмот е музичарот Рамбо Амадеус.
„Канабисот ослободува“ е документаристички есеј за активисти од Словенија, поранешна Југославија и други европски и светски земји што го посветиле животот на легализација на канабисот. Некои од нив имаат влезено во судир со законот, но сите на овој или оној начин тргнуваат по патот на „канабис-револуцијата“.
Македонската премиера на документарецот е на 3 август (четврток), од 20:00 ч. во Кинотеката, а следните проекции се на 4 август (петок), 20:00 ч., 5 август (сабота), 20:00 ч., 7 август (понеделник), 18:00 ч., 8 август (вторник), 18:00 ч. и 9 август (среда),18:00 ч.
Музика: Роденденски концерт на „Охридско лето“ – Жуана Амендоира, фадо вокал
На 4 август (петок) на сцената Долни Сарај со почеток од 21 ч. настапува Жуана Амендоира (Joana Amendoeira), една од најрелевантните претставници на тн. „нова генерација на Фадо уметници“. Верна на традиционалната основа на фадото, гласот на Жуана Амендоира и дава нов живот и нова смисла на оваа специфична вокална форма.
Родена е во 1982 година во Санатрем, уште од најрана возраст Жуана Амендоира чувствува силна привлечност кон фадо пеењето. На 13 годишна возраст учествува на манифестацијата „Големата ноќ на Фадо во Порто“ каде ја освојува првата награда за најдобра женска изведба. Од тогаш, редовно настапува на концерти во Португалија и надвор од неа.
Дводецениското искуство сцената, 10-те издадени албуми и претставувањето на фадо музиката на некои од најголемите светски концертни подиуми, ја прават Амендоира релевантен и уникатен претставник на фадо традицијата на која таа и додава особено впечатлива енергија.
Настапувала на турнеи низ целиот свет: Холандија, Шпанија, Франција, Австрија, Италија, Белгија, Шведска, Велика Британија, Унгарија, Литванија, Јапонија, Јужна Кореја, Бразил, Аргентина, Индија на концерти и на значајни фестивали. Пее придружувана од оркестар или со различни ансамбли, но нејзини редовни концертни соработници се Педро Амендоира – португалска гитара и Жуао Фелипе – фадо гитара.
Жуана Амендоира е горда претставничка на суштинската традиција на Фадо, зачувувајќи ја неговата форма но давајќи и специфична индивидуалност поради што денес, таа се вбројува во ретките и препознатливи изведувачи на португалската национална песна.
Музичката придружба на Амендоира ја сочинуваат Педро Амендоира-португалска гитара и Жуао Фелипе-фадо гитара.