Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: „Чувари на формулата“ на Бјелогрлиќ, театарска претстава на Вондерленд, мемоарите на Тина Тарнер, концерт на Мухамед Ибрахими

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филм, театарска претстава, концерт и мемоарска книга. Гледајте, читајте, слушајте…

Филм: „Чувари на формулата“

Игран филм „Чувари на формулата“ (Čuvari formule), со поднаслов „Верижна реакција“, во режија на Драган Бјелогрлиќ (2023, 120 мин.; Србија, Македонија, Словенија, Црна Гора), со Алексис Маненти, Радивоје Буквиќ, Лионел Абелански, Жереми Лаорте, Оливие Бартелеми, Ан Сера, Предраг Мики Манојловиќ, Драган Бјелогрлиќ, Јуриј Древеншек (Alexis Manenti, Radivoje Bukvić, Lionel Abelanski, Jérémie Laheurte, Olivier Barthélémy, Anne Serra, Predrag ‘Miki’ Manojlovic, Dragan Bjelogrlić, Jurij Drevenšek).

Филмот нè враќа во октомври 1958 година, во екот на кризата од Студената војна, група на комунистички научници од Институтот Винча Во Србија, спроведуваат таен проект предводен од професорот Драгослав Поповиќ. Поради непредвидени околности, тие се изложуваат на смртоносна доза на радиоактивно зрачење од ураниум, поради што југословенската тајна полиција ги носи на лекување во клиниката Кири во Париз.

Францускиот медицински тим предводен од професорот Жорж Мате заклучува дека нивната состојба е критична и дека нивните денови се избројани. Иако професорот Мате целиот свој живот го има посветено на борбата против нуклеарното оружје и длабоко го презира проектот на кој работеле југословенските научници, тој предлага за прв пат во историјата да се спроведе деликатна и неизвесна интервенција за замена на коскената срцевина на озрачените пациенти. Дали е тоа експеримент врз живи луѓе или навистина сака да им помогне – станува мачно прашање за југословенските научници. Филмската сторија е базирана на вистинска приказна поврзана со инцидентот во Нуклеарниот иститут во Винча, близу Белград.

Драган Бјелогрлиќ е еден од најзначајни српски актери, режисери и продуценти и еден од најуспешните филмски креатори на Балканот. Неговите три авторски филма забележале повеќе од 2,5 милиони гледачи во кино-салите, и има учествувано на повеќе од 100 меѓународни филмски фестивали. „Чувари на формулата“ неодамна освои награди на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно и на фестивалот Киненова во Скопје.

„Чувари на формулата“ веќе го доби епитетот „српски Опенхајмер“, алудирајќи на филмот „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан, заради третирањето на етиката во науката, моралната димензија при креирањето на атомската бомба.

Филмот е на репертоарот на Синеплекс од 9 ноември (четврток).

Театар: „Види, летам!“ на театарот Вондерленд

Премиерата на најновиот театарски проект „Види, летам!“ на театарот Вондерленд е закажана за 7 ноември (вторник) во Македонски Народен Театар (МНТ) со почеток во 19:00 часот во Скопје.

Претставата е креирана од драматургот Ана Трпеноска, а продукцијата ја црпи својата инспирација од автентичните наративи, искази и приказни на луѓето со кои и за кои работи Високиот комесаријат на Обединетите Нации за бегалци (УНХЦР). Овие лица храбро ги споделија своите искуства анонимно за време на работилниците, предводени од тимот на Вондерленд театар.

Проектот е во режија на Ивана Ангеловска, под креативно водство на уметничкиот координатор Нела Витошевиќ, а улогите ги толкуваат Никола Настоски, Исмет Шабановиќ, Ана Димитрова, Леонардо Лазов и Драгана Костадиновска.

„Види, летам“ на театарот Вондерленд е поддржан од УНЦХР и Младинскиот образовен форум (МОФ), и е фокусиран на бегалците и лицата без државјанство. Со доближување на овие важни човечки приказни, продукцијата има за цел да поттикне подлабоко разбирање и поврзување во заедницата.

По премиерата претставата ќе гостува во Тетово, Штип, Куманово и Гевгелија.

Главните цели на театарското друштво Вондерленд се инспиративна промена, постојано придвижување на стандардите на стандардите и внесување свежина на независната уметничка сцена.

Музика: „Скриен гитарски бисер“- концерт на Мухамед Ибрахими во Филхармонија

На 6 ноември (понеделник), во камерната сала на Филхармонија со почеток од 20 часот, гитарскиот вуртуоз Мухамед Ибрахими ќе одржи концерт.

Мухамед Ибрахими е скромен, но маестрален на сцена. Го нарекуваат скриен гитарски бисер, а за секој негов концерт секогаш се бара место повеќе. Гитарата, мандолината, сазот… ги третира на многу неконвенционален начин, доста интуитивен и инспиративен. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, како блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и балканскиот фолклор, најавува организаторот Баги Комуникации.

Овие храбри и елегантни комбинации честопати даваат неочекувани резултати среде уникатен и прекрасен звучен пејзаж“, исклучително импресивно за гледање и слушање во живо. Специјални гости на Мухамед на овој концерт ќе бидат Агни Авшар, Ратко Даутовски и Бобан Мирковски.

Ибрахими го паметиме како гитарист на групата БЛА БЛА БЛА, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници. За себе вели дека е самоук, дека свири од својата 5 година на различни инструменти, но ако треба да бира, би ја одбрал гитарата.

Ибрахими има издадено два албума, Fly во 2014 и Devotion во 2019 година. Ова ќе биде втор негов солистички концерт оваа година, а веќе за следната година се бподготвува нов материјал и нови соработки.

Книга: Мемоарите на Тина Тарнер

„Мојата љубовна приказна“ е насловот на мемоарите на Тина Тарнер, интимно четиво за подемите и падовите во животот на неодамна починатата кралица на рокенролот.

Од младоста во Нетбуш, Тенеси, преку патот до славата со Ајк Тарнер, до нејзиниот фантастичен успех во осумдесеттите години на 20 век и подоцна, Тина искрено ја преиспитува својата лична приказна – искушенија, достигнувања и сè помеѓу. Таа раскажува за годините соработка со најголемите имиња во светот на музиката – Мик Џегер, Кит Ричардс, Дејвид Боуви, Бијонсе – и пишува за тоа како во 1986 година неочекувано ја запознала љубовта на својот живот и како се омажила за него дваесет и седум години подоцна.

„Понекогаш најголемата среќа во животот ни се случува кога сме во состојба да ја цениме“, пишува Тина.

Соочена со низа здравствени проблеми и семејни трагедии што ù се случија последните неколку години, Тина се осврнува на својот неверојатен животен пат, пронаоѓајќи смиреност и цел дури и во најмрачните моменти.

„Мојата љубовна приказна“ е силна и инспиративна приказна за жена која била доволно храбра да ја надмине секоја пречка што ѝ се испречила на патот. Ставајќи ја во центарот на вниманието нејзината впечатлива мешавина од енергија, срце и душа, овие мемоари маѓепсуваат и мотивираат еднакво како кој било од нејзините најголеми хитови.

Книга е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина публикации“, и е достапна во поголемите книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн.

Избрал: С.С.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново