ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Нов филм на Парк Чан-вук, ТВ серија „Деца на злото“, изложба на Борко Лазески, песни од Шабан Бајрамовиќ во ново руво, МОТ-овска претстава

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филм, театарска претстава, ТВ серија, албум, изложба… Гледајте, читајте, слушајте…

Изложба: Неизложувани дела на Борко Лазески (1917 – 1993)

Неизложувани дела на Борко Лазески, зачетник на првата повоена генерација на академски образувани уметници во Македонија, ќе бидат достапни за јавноста на изложбата што ќе биде отворена во петок, 10 ноември, со почеток од 19 ч. во неговата семејна куќа на ул. Отон Жупанчиќ 15, Скопје (Дебар Маало).

Повод за изложбата е 30-годинината од смртта на Лазески. Делата се изработени во период од 1937 до 1950 година. Циклусот претставува значаен дел од искуството на авторот и нуди преглед на неговата уметничка перцепција од тој период. Делата го одразуваат талентот и креативноста и неговата способност да ги фиксира деталите во своето искуство.

Борко Лазески ги започнал студиите на Ликовната школа во 1933/34 година во Белград, а ги продолжил на Ликовната академија, но поради војната ги завршил на Државната уметничка академија во Софија, во 1943 година. Во почетокот на 1945 година учествувал во формирањето на уметничката школа во Скопје и е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).

Како стипендист на француската влада во 1945 година се запишал на париската Висока национална школа за ликовна уметност (École Nationale Supérieure des Beaux-Arts), во одделот за фрескосликарство. Тука ги студира монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба. Во текот на двегодишниот престој во Париз, Борко Лазески работи во атељето на францускиот уметник и теоретичар Андре Лот (Andre Lot), кој има клучна улога во оформувањето на ликовниот стил на Лазески. Тој е и прв в.д. директор на Уметничката галерија во Скопје (1948 година).

„Уметничкото наследство на Борко Лазески има трајно влијание врз македонската визуелна уметност и се смета за пионер во македонската модерна. Тој зад себе оставил богат опус на творештво кој го одразува неговиот креативен развој и влијанието на времето и средината во која творел. Неговото творештво се одликува со различни стилови, а неговите дела истражуваат и прикажуваат различни аспекти на македонската култура и идентитет“ – посочува Марија Коробар, куратор на изложбата

ТВ серија: „Деца на злото“

На почетокот на ТВ серијата „Деца на злото“ (Deca zla) маскиран убиец на брутален начин го убива Ковач, виден политичар и бизнисмен, во неговата луксузна вила на Дедиње, елитна белградска населба. На убиениот во раката му е оставен дукат, а самиот чин наведува дека се работи за ритуално убиство.

Адвокатот Никола Бобиќ неволно го презема случајот да го брани осомничениот за убиство, телохранителот на политичарот, и станува дел од опасна игра. Судскиот случај станува позаплеткан бидејќи обвинителката Ана Баста е бивша партнерка на адвокатот, а нејзиниот сегашен партнер е инспекторот Дробњак, кој бил пријател со Ковач, и „соработник“ на неговата сопруга, Мира.

Младата новинарка Бојана, фасцинирана од адвокатските способности на Бобиќ, бара од него да го брани брат и Бранко, кој чека судење заради соучесништво во грабеж и убиство на една старица.

Се случува и второ ритуално убиство, со уште еден дукат во раката на жртвата, а како што тече дејствието случајот станува позаплеткан бидејќи сите актери, навидум непознати еден на друг, се (не)случајно поврзани. Трагата води до злосторството и силувањето во Босна на почетокот на 90-те години: дали е дојдено времето сите инволвирани да си ги платат или евентуално да си ги искупат гревовите?

Оваа извонредна крими-трилер серија е снимена според истоимениот роман на провокативниот српски писател Миодраг Мајиќ (преведен и на македонски јазик): неговото искуството како судија е преточено во возбудлива трилер-приказна. Режијата е на Иван Стефановиќ и Владимир Тагиќ, сценариото на Катарина Митровиќ и Бојан Вулетиќ. Во одличната актерска екипа се Радован Вујовиќ, Јована Стоиљковиќ, Никола Којо, Аница Добра, Милица Јаневски, Зоран Цвијановиќ, Бојан Димитриевиќ, Љубомир Бандовиќ, Пеѓа Марјановиќ, Јана Милосављевиќ…

ТВ серијата „Деца на злото“ може да се погледне на HBO Max или на други интернет-платформи.

Филм: „Одлука за заминување“ на Парк Чан-вук

В сабота, на 11 ноември, во рамки на „Денот на Корејската култура во Скопје“ што го организира Амбасадата на Република Кореја, на ексклузивна проекција со почеток од 16 часот во Кинотеката ќе биде прикажан најновиот филм на Парк Чан-вук, „Одлука за заминување“.

„Одлука за заминување“ (Heojil kyolshim / Decision to Leave, 2022, 140 мин.) на Парк Чан-вук е криминална нео-ноар драма во која детективот кој ја истражува смртта на еден човек се вљубува во сопругата на убиениот, иако истовремено ја смета за главната осомничена. Во истрагата за убиство се испреплетуваат страст, лаги и неизвесности, како, впрочем, и во претходните филмови на авторот, преполни со непредвидливи трилер-заплети. Парк Чан-вук ја доби „Златната палма“ за режија на Канскиот фестивал во 2022 г. а филмот беше јужнокорејски кандидат за „Оскар“ во 2023.

Парк Чан-вук (Park Chan-wook, 1963) е еден од најзначајните режисери на современата корејска кинематографија, а неговите филмови „Заедничка зона на безбедност“ (Joint Security Area, 2000), „Sympathy for Mr. Vengence“ (2002), „Оldboy“ (2003),  „Жед“ (Thirst, 2009), „Слугинка“ (Handmaiden, 2016) и други се меѓу најнаградуваните корејски филмови на светските фестивали.

Филмот за прв пат се прикажува во Скопје и влезот ќе биде бесплатен – без резервации, по системот „прв дојден, прв услужен“. Филмот не се препорачува за деца под 15 години.

Пред проекцијата на филмот, од 15 до 16 часот, посетителите ќе имаат можност да вкусат корејски слатки, да облечат традиционална облека (ханбок) и така да се фотографират, или пак да освојат специјална корејска награда на томбола.

Музика: Албум на Nash & The Roosters со песни од Шабан Бајрамовиќ

„Last Prayer“ е албум со девет песни на македонскиот состав Nesh & The Roosters објавен деновиве од дискографската куќа Croatia Records. Музиката за повеќето композиции ја напиша легендарниот пејач на ромски песни, Шабан Бајрамовиќ, а Неш ги напишал стиховите и ги обработил на свој начин, обединувајќи неколку музички стилови во својот препознатлив музички потпис.

Со внимателно одбрани инструменти и пеење на англиски јазик, песните на албумот звучат искрено и спонтано, така што слушателите се чувствуваат речиси како да се дел од бендот што свири за нив. Покрај неговиот срцепарателен тон, глас полн со страдање и скршено срце со голема доза на квалитет и знаење, Неш во аранжманите вметнал кларинет, гитари, разни ударни инструменти…

Композицијата „Macedonian“ е традиционално македонско оро во седум-осмински ритам. Nash & The Roosters ја аранжираа оваа песна на свој начин. Со многу импровизација на сите инструменти во стилот на џипси џез, тие ја претворија оваа мелодија во музичка магија, во која секој ужива додека ја слуша.

Незаборавната „Sila Kale Bal“ на Шабан Бајрамовиќ доби ново руво и во изведбата и аранжманот на Неш звучи сосема поинаку од оригиналот. Таа доби дел од рок призвукот, благодарение на електричната гитара, што одлично и „легна“ на оваа песна. Една од најпознатите традиционални ромски песни „Dema Devla“ на прво слушање ја крева публиката на нозе и ја постигнува целта – удира во срце.

„Last Prayer“ е албум што Неш го сними во студијата во Торонто, Фиренца, Дубровник и Скопје. Во секој сегмент од продукцијата и звукот, целиот албум звучи професионално и целосно свежо. Албумот е наменет за публиката од целиот регион, па и многу пошироко: љубителите на ромскиот и етно џезот ќе уживаат додека го слушаат – препорачува издавачот Croatia Records.

Театар: „Поол“ од Марк Рејвенхил, во режија на Шенај Мандак, на МОТ

На 15 ноември (среда), во МКЦ (џебно кино) со почеток од 20 ч. на програмата на годинешното издание на Младиот отворен театар (МОТ) е премиерната изведба на „Поол“ (Pool) од Марк Рејвенхил, во режија на Шенај Мандак. Играат Несрин Таир, Стефанија Начевска, Метин Ибрахим, Хакан Даци и Ебру Мусли.

Претставата „Поол“, работена по мотиви на Марк Рејвенхил, хипнотично ја разкажува приказната, но сурово ги распарчува лажните идеали разотркивајќи ја вистинската слика за уметниците, пријателството и љубомората, која се претвора во болна амбиција за успех.

Во претставата се среќаваме со приказната за група уметници, кои се занимаваат со алтернативна уметност во боемскиот кварт. Но, што се случува кога еден од групата се издвојува и постигнува виснински успех? Што прават оние што остануваат назад, во боемскиот кварт додека еден оди напред во големиот свет? Ликовите се доведени до состојба да се соочат со себеси и своите најголеми стравови, по што сосема се препуштаат на примитивниот инстинкт за преживување, управуван од страна на болната амбиција за успех, до тој степен што попатно се губат не само себеси, туку и сето она што е човечно во нив, она што ги прави да бидат луѓе.

Претставата се игра на турски јазик, со примеси на македонски, албански и англиски јазик (со превод на македонски јазик).

Продуцент: Тадеа Павловска; Копродукција: Артопија, MОТ фестивал; Драматург: Бенну Мусли; Превод на турски јазик: Бенну Мусли; Превод на македонски јазик: Марио Стојаноски; Костимограф: Ивана Секулоска; Сценограф: Ивана Секулоска, Џејда Ибрахим; Композитор: Лука Јанкулоски; Тон: Емрах Џемаил.

Избрал: С. Синадинов

Зачлени се на нашиот е-билтен