ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Филм „Барби“, „Декамерон“ на Прилепскиот театар, книга разговори на Јанковски со Урошевиќ, концерт на пијанистот Ботвинов

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филм, театарска претстава, книга и концерт. Гледајте, читајте, слушајте…

Филм: „Барби“

За да живееш во земјата на Барби, треба да бидеш совршен на совршено место. Освен ако немаш егзистенцијална криза. Или си Кен…

Ова е најкраткото сиже на филмот кој летово е ултимативна планетарна тема за која се изјаснуваат и тинејџерките, мајките и сериозните интелектуалци. „Барби“ (Barbie) на режисерката Грета Гервиг (Greta Gerwig), со Маргот Роби, Рајан Гослинг, Ема Мекеј, Хелен Мирен и Вил Ферел (Margot Robbie, Ryan Gosling, Emma Mackey, Helen Mirren, Will Ferrell), ја отелотворуваат фамата за најпознатата кукла на светот, по серијата анимирани остварувања и и телевизиски серии.

Барби и Кен по сценариото на Гервиг и Ноа Баумбах (Noah Baumbach) во 114-те минути на филмското платно си поминуваат прекрасно во шарениот и навидум совршен свет наречен Барбиленд. Меѓутоа, кога ќе добијат шанса да одат во реалниот свет, тие наскоро ги откриваат радостите и опасностите од животот меѓу луѓето.

Продукциските трошоци на „Барби“ се проценуваат на 100 милиони долари, а филмот само за првиот викенд на прикажување во САД и Канада заработи 162 милиони долари. Светската заработувачка на „Барби“ досега надмина 1 милијарда долари.

„Барби“ е на репертоарот на Синеплекс со неколку попладневни и вечерни термини.

Театар: „Декамерон“ од Џовани Бокачо на Народен театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп на „Охридско лето“

Режисерот Мартин Кочовски, по обичај, секогаш се ангажира со критички теми од нашето живеење. Неговата поставка на „Декамерон“ од Џовани Бокачо на сцената на прилепскиот театар говори за околностите на глобална општествена безизлезност, со триумфот на волјата на човекот наспроти ужасната, незамислива препрека кон среќата – смртта.

„Декамерон“ ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух и силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин. „Декамерон“ е претстава полна со живот. За жал, секојдневието не е, се вели во експликацијата на претставата.

Претставата говори и за изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа и класната поделба сега станаа видливи, но постоеле со децении. Истовремено, универзалната тага, солидарноста, сочувството нè поврзаа сите уште еднаш.

Драматизацијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата е од Филип Јовановски, костимографијата на Јулијана Војкова-Најман, за музиката е задолжен оркестарот на театарот „Војдан Чернодрински“ под водство на Пеце Трајковски-Брада, а вокалистка и музички соработник е Ана Митоска.

Во претставата играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија С. Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски – Ашата, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.

Изведбата на „Декамерон“ на „Охридско лето“ е на 14 август (понеделник) на сцената Долни Сарај со почеток од 21 ч.

Книга: „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски

Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, во која се содржани разговори со академикот Влада Урошевиќ. Книгата ги содржи разговорите што Урошевиќ и Јанковски ги воделе во временски опсег поголем од дваесет години.

Првиот дел од книгата, „Огледало за загатката“, опфаќа дијалози водени во 2002 и 2003 година, вториот дел е подолг разговор од 2015 година, а последниот дел, „Кабинет на чуда“, се разговори од 2023 година.

На овие страници се допрени најголемиот дел од творечките преокупации на Урошевиќ, а авторот се обидува преку дијалогот за поетиката на писателот да долови и елементи од неговата личност, живот и односот кон современиците. Во книгата Урошевиќ дава свое видување на некои од главните преокупации во сопственото творештво: првичните поттици за пишување, детството како голема тема во литературата, опседнатоста со градот, необичните простори, куќата како топос, летото и медитеранските теми, алхемијата, поетиката на надреализмот, љубовта кон сликарството и интересот за светот и животот на инсектите и, воопшто, животните, различните цивилизации и култури. Исто така, може да се прочита неговата лична перспектива за македонската книжевност од крајот на педесеттите години, а интересни се и неговите лични согледувања и мини портрети за некои од најзначајните македонски писатели кои биле негови современици, пријатели или соработници.    

Книгата може да се чита и како панорама на книжевните опсесии на Урошевиќ и како портрет на еден човек кој својата егзистенција нераскинливо ја преплетувал со книжевноста и, воопшто, со уметноста.

„Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ е 800. книга во издание на „Антолог“. 

Концерт: Украинска вечер на „Охридско лето“ со Алексеј Ботвинов-пијано

Алексеј Ботвинов е исклучителен пијанист, музички иноватор и продуцент, еден од најзначајните украински пијанисти и од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов. Ботвинов, истовремено е и единствениот пијанист во светот кој на сцена ги има изведено „Голдберг варијации“ на Бах повеќе од 300 пати.

Досега настапувал во повеќе од 46 земји ширум светот, а неговите неодамнешни настапи вклучуваат концерти во салите на Берлинската филхармонија, во „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Тонхале“ во Цирих, во салата на филхармонијата во Хамбург, во „Бетовен хаус“ Бон и многу други.

Во ноември 2015 година, Ботвинов е прогласен за Народен уметник на Украина- највисоко уметничко признание во Украина, а истата година го основа Меѓународниот фестивал „Одеса класикс“ чиј претседател и уметнички директор е токму тој. Од неговото основање, па до денес, фестивалот има сензационален успех и станува еден од најзначајните фестивали во Украина, и еден од водечките фестивали во Европа.

Во 2020 година Алексеј Ботвинов е одликуван со орденот „Ѕвезда на Италија“ со одлука на Претседателот на Италија, а истата година ја добива и наградата „Вилијам Тел“ која му ја доделува Швајцарската влада.

Во 2021 година Ботвинов започнува соработка со виолинистот Даниел Хоуп со кој сними ЦД за продукциската куќа „Дојче Грамофон“ со музика на Алфред Шнитке. Во 2022 година издаваат ЦД во добротворни цели со наслов „Музика за Украина“, а подоцна истата година снимаат и издание посветено на музиката на украинскиот композитор Валентин Силвестров. Последното снимено издание на Ботвинов кое ги содржи третиот концерт на Филип Глас и Двојниот концерт на композиторот Тан Дун треба да биде промовирани ова лето.

Концертот на Ботвинов е на 12 август (сабота) во црквата „Света Софија“ со почеток од 21 ч.

Зачлени се на нашиот е-билтен