Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Независен филм, театарска посвета на Томаж Пандур, стендап на Никола Ѓуричко, поезија од Биљана Стојановска, роман од Ен Пачет

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филм, театарска претстава, книги, стендап настап… Гледајте, читајте, слушајте…

Филм: Независен проект „Мавера“ од режисерот Батухан Ибрахим на Cinedays

На 12 јули (петок) во 20.30 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе биде прикажан независниот македонски краток игран филм „Мавера“.

Овој краток филм е во независна no-budget продукција, снимен без никаква надворешна или државна финансиска поддршка, а е во копродукција со Факултетот за драмски уметности во Скопје и Апофенија Пост. Улогите ги толкуваат Симона Спировска и Мирјана Трпковска – Костовска

Сторијата ги прати двете сестри, Билјана и Вики, кои се соочуваат со сложени предизвици по смртта на нивниот татко. Постарата Билјана ја понесува одговорноста да ја продаде семејната куќа за да ја обезбеди иднината на Вики. Наративот се развива додека таа се соочува со бирократскиот лавиринт, обидувајќи се да докаже дека нејзиниот татко е починат.

Минатата година на филмот му беше доделено специјално признание во ракмите на ИФФК „Браќа Манаки“ од познатиот кинематографер Питер Бижу. На премиерата во Скопје, во склоп на филмскиот фестивал „Sирни“ ја доби наградата за најдобар филм – „Данчо Чеврески”. Оваа година „Мавера“  беше претставен на маркетот за кратки филмови во склоп на интернационалниот филмски фестивал Clermont-Ferrand. 

Режисер и сценарист на филмот е Батухан Ибрахим, продуценти се Батухан Ибрахим и Стефан Ѓоргиевски, директор на фотографија е Стефан Ѓоргиевски, монтажер е Драган Спасов, дизајнот на звук е на Ристо Алчинов, костимограф на филмот е Андреј Ѓоргиевски-Папаз. 

“Мавера е независен филм, го снимивме со сопствени средства, иако овој принцип на работа е многу тежок и навидум делува ограничувачки, на тимот кој што беше со мене тоа воопшто не им беше битно, тие ги овозможија сите можни услови за да се реализира овој филм. Многу сум среќен поради тоа што сите, неуморно, ми овозможија да снимам 14 дена краток филм, веројатно ова се случува прв пат кај нас, еден краток филм да се сними во толку многу денови. Но, јас и мојот тим одлучивме да покажеме дека ние не снимаме, туку создаваме филм. Сетоа ова е доказ дека независниот филм постои”, посочува режисерот и продуцентот Батухан Ибрахим.

Театар: Претстава „Безгрешна“ – Драмски театар во Марибор, Словенија

На 14 јули (недела) со почеток во 21 часот во предворјето на црквата „Света Софија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде прикажана театарската претстава „Безгрешна“ во изведба на ансамблот на театарот од Марибор, Словенија.

„Безгрешна“ (Immaculata/Brezmadežna, Hommage á Tomaž Pandur) е пратстава што бара смисла во раните кои никогаш не можат да зараснат. Марија, мајката на Исус, се обидува да се сети на некои од зборовите, лицата и деловите од приказната во врска со смртта на нејзиниот син. Сеќавајќи се на овие длабоко вознемирувачки настани, Марија смело ги предизвикува сите големи и свети идеи. Всушност, овие прашања се начинот на кој таа ги задржала. Затоа што идеите умираат, ако не се оспорат. Immaculata е жена која е повеќекратно злоупотребувана и погрешно скована во слика, догма, инструмент на верата. Тоа е исповед на жена, избришана од историјата и претворена во слика која служи за воспоставување на насилна религија.

-Ако олтарот е каде и да клекнеме, тогаш мојот олтар е сцената. Местото каде што го поминав, со Томаж, целиот мој живот во театарот, тесно испреплетен со неговата интимна визија за светот, со неговите светли и мрачни соништа, кои тој, во својот творечки порив, ги живееше страсно, притоа искажувајќи ја својата Поезија и вистина, вели Ливија Пандур, (ко)авторката на претставата.

Ливија Пандур е драматург во различни театри во Љубљана. Меѓу другите, таа била драматург во сите продукции на нејзиниот брат Томаж Пандур (1963-2016): „Шехерезада“ во Младинскиот театар во Љубљана; „Фауст“, „Хамлет“, „Кармен“, „Божествена комедија“, „Руска мисија“, „Вавилон“ во Словенечкиот народен театар во Марибор; „Хазарски речник“, „Сто минути“, „Тесла Електрик“, „Калигула“, „Војна и мир“, „Микеланџело“ во ХНК во Загреб, „Фауст“, „Кралот Лир“ во Атина. Автор е на повеќе театарски публикации, и ја објавува и ја уредува театарската монографија „Театарот на соништата“ во 2002 година.

Во 2016 година, Ливија Пандур ја заврши Immaculata/Brezmadežna, Hommage á Tomaž Pandur во Драмскиот театар во Марибор по ненадејната и прерана смрт на легендарниот словенечки режисер Томаж Пандур. Нејзината посвета гласи: „На Томаж: Моите тишини, се твои тишини“.

„Immaculata е претставата што почнавме да ја адаптираме од романот на Колм Тоибин за Словенечкиот национален театар од Марибор, сплетувајќи четиринаесет мисловни пејзажи, олтар на љубовта, на загубата, на осаменоста, на потрагата по смисла во раните кои никогаш не исцелија. Со неговото заминување, мојата рана е толку длабока што може да ја носи само сцената. Нему му ја посветувам Имакулата, кој веруваше дека сè што влегува на сцената се трансформира со него“ – Ливија Пандур.

Поезија: Промоција на збирката „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска

Промоција на книгата „Додека спиеш“ од македонската поетеса Биљана Стојановска ќе се одржи в сабота (13 јули), во кафе-бар „Ликвид“ во Охрид со почеток во 19:30 часот.

Ова е трета поетска збирка на авторката, а прва во издание на „Чудна шума“. Дизајнот на корицата го изработи Хари Дудески. Промотор ќе биде писателката Билјана Црвенковска, стихови ќе интерпретираат Ана Голејшка Џикова, Долорес Атанасова-Лори, Снежана Стојчевска и Елена Митреска.

„Стојановска умее со природноста на Господинов, да напише стихови за празнење на цревата и тоа да биде поетично. Умее во песните да даде неочекуван пресврт или ефект на изненадување, но умее и од реалност незабележливо да нѐ внесе во бајка и да нѐ воодушеви со магичниот реализам. Да ни раскаже приказна за камионот со сладолед и за вкусовите на летото среде зима, но и да нѐ тресне од сивиот бетон и да нѐ врати во реалноста на болничките соби каде што луѓето се обидуваат да си го вратат достоинството и да си ја задржат главата на рамена“ – вели Снежана Стојчевска во рецензијата за книгата.

Биљана Стојановска е родена 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“. Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“).

Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе списанија за литература и антологии.

Стендап претстава: „Шоу биз“ на Никола Ѓуричко

На 15 јули (понеделник) со почеток од 21 часот на сцената на Долни Сарај во рамките на 64. „Охридско лето“ настапува српскиот актер (моментално со американска адреса) Никола Ѓуричко.

Три години по многу успешниот стендап на Никола Ѓуричко „Сè што сакавте да знаете за Џони, но никогаш не смеевте да го прашате“, тој креира ново шоу со наслов: „Шоу биз“ кое како претходниот стендап го пишува сам.

Овој перформанс доаѓа по скоро три години отсуство од сцената, како негова потреба повторно да биде со луѓе и пред публика. „Шоу биз“ на хумористичен начин раскажува интересни детали од живот на актерот и како што самиот вели станува збор за „некои нови животни искуства и знаења што сака да ги сподели со луѓето“.

Роман: „Том Лејк“ од Ен Пачет

Една од најочекуваните книги оваа лето, „Том Лејк“, од авторката на „Холандската куќа“, Ен Пачет, излезе од печат на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Романот се позиционираше на првото место на листата на белетристички бестселери на „Њујорк тајмс“ и се најде во топ изборот на клубот на читатели на Рис Витерспун, а добива и позитивни рецензии од сите релевантни медиуми. Станува збор за прекрасна, топола и емотивна приказна за семејството, за љубовта и за созревањето, со која Ен Пачет уште еднаш докажува дека е една од најдобрите американски писателки.

Дејството е сместено во пролетта 2020 година, во време на пандемијата со КОВИД-19. Трите ќерки на Лара се враќаат во семејниот овоштарник во северен Мичиген. Додека собираат вишни, тие ја молат мајка им да им ја раскаже приказната за Питер Дјук, познат актер со кого таа пред многу години ја делела сцената и била во страсна врска додека биле ангажирани во театарската компанија наречена „Том Лејк“. Додека Лара се присетува на минатото, нејзините ќерки ги преиспитуваат своите животи и односот со мајка им и се принудени одново да размислат за светот и за сè она што мислеле дека го знаат.

Ен Пачет

„Том Лејк“ е медитација за младешката љубов, брачната љубов и животите што родителите ги имале пред раѓањето на децата. И надежно и елегично, истражува што значи да се биде среќен, дури и кога светот се распаѓа. Како и во сите нејзини романи, Ен Пачет комбинира привлечна наративна уметност со продорен увид во семејната динамика. Резултатот е богата и оптимистична приказна, раскажана со длабока интелигенција и емоционална суптилност, со што Пачет покажува зошто е еден од најпочитуваните книжевни таленти кои работат денес.

Ова е приказна за различни видови љубов: страсна љубов, сигурна љубов и за љубовта на мајката и нејзините ќерки. Романот има своја аудиоверзија на англиски јазик, која ја чита оскаровката Мерил Стрип.

Книгата „Том Лејк“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Зачлени се на нашиот е-билтен