Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Романи на Кокаланов и Корнети, ТВ серија „Молк“ и филмови на Фелини, Бергман и Вир

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме нови романи од домашни автори, ТВ серија и филм. Гледајте, читајте, слушајте…

Книги: Роман „Среќните луѓе не слават родендени“ од Сашо Кокаланов

Новиот роман на Кокаланов, шести по ред во неговото творештво, е семејна драма за едно сиромашно семејство од Дримкол, инспирирана од вистинска приказна и претставува краток, згуснат книжевен запис кој на очигледен и нескриен начин кокетира со еден сосема поинаков јазик од книжевниот – филмскиот. Романот не крие дека е роден како сценарио за филм – како што неговиот поднаслов се игра со зборовите, па е дефиниран како „Сценарио за роман“ – а потоа при метаморфозата авторот намерно настојува четивото да си го промени крзното, но не и карактерот.

Романот „Среќните луѓе не слават родендени“ од Сашо Кокаланов е книга бр. 225 во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или од Скопје.

Динамиката на романот е повеќе од очигледно филмска. Описите се онолку детални колку што е потребно за да може природно убедливо, но и вехементно да бидат визуелизирани од читателот, а дејствието и сликите се менуваат – ајде да ја избегнеме фразата „како на филмско платно“ и да бидеме уште попрецизни – така што ќе му понудат привид на гледање филм снимен во еден кадар. Можеби оттука и одлуката на авторот приказната да ја раскаже Бернардовски, во еден пасус, во еден здив, со „претопи“ на фокусот од еден кон друг лик, изведени на еден иновативен јазичен манир – во една иста реченица.

Како што Дерида ќе каже во неговата теорија за книжевноста: „не постои ништо надвор од текстот“, така и за овој роман можеме да кажеме дека не постои ништо надвор од кадарот што текстуално е создаден пред нас, а сепак, севкупноста на делото, на крајот на читањето/гледањето нуди една јасна метафора за човечките судбини во времето што го живееме и поставува едно егзистенцијално прашање за човековата среќа и можноста да се биде среќен во времиња кои се контекстуално несреќни.

Сашо Кокаланов е професор по филмско и телевизиско сценарио на ФДУ во Скопје, писател и сценарист. Но и филмофил, драмаџија, поранешен новинар, редовен читател на „Забавник“, долгогодишен претплатник на „Њујоркер“ и страстен навивач на Наполи.

Роман за големи и мали деца „Илина и шумските тролови“ од Хана Корнети

Наместо здодевен ден на село, Илина е вовлечена во една голема авантура: шумскиот трол Папрат ја бара нејзината помош за да ги спаси скаменетите пријатели од една лоша вештерка. Но ништо не е баш така како што изгледа во свет каде што гатачките не ја знаат иднината, враните никако да се најадат, на мачорите навидум сѐ им е јасно, а бои и мириси се собираат во теглички.

„Не сакам, не сакам, не сакам во недела сабајле да ме влечкаат по гости. Недела сабајле е за цртани и корнфлекс. За будење пред мама и тато да станат и да ми се мешаат во живот. За јадење чоколадо од скришната фиока за која мислат дека не знам. За седење на праз-зеленото килимче од баба пред мама да рече ‘не е чистено, не седи на земја’ и да ми расипе филм. И кога чистат не било чистено, а цело време некој чисти. Преку глава.“

Вака некако почнува авантурата на Илина – со упропастени неделни планови. Овој почеток на нејзината приказна е доказ дека ако еднаш дозволиш да ти се мешаат – тие, сите тие други – нема крај! Бидејќи после оваа недела, Илина е вовлечена во низа авантури: отскаменување тролови од лоша вештерка, дешифрирање на тврдоглава книга, расправање со таканаречени гатачки, мазење мистериозни бели мачори – накратко речено, бркање соништа… бидејќи соништата се важни.

Од соништата на младата Хана Корнети произлезе и оваа приказна. Романот во издание на „Или-Или“ ќе биде промовиран на 23 декември (сабота, бидејќи неделата е резервирана за цртани), на пладне, во кафулето „Вудсток“ (на раскрсницата помеѓу улиците Теодосиј Гологанов и Рузвелтова). Промотерки на овој роман за големи и мали деца ќе бидат Ана Алексовска и Ника Ќулавковска.

Корнети летово го промовираше и нејзиниот деби-албум насловен „Голи песни“. Осумте композиции се отсвирени на укулеле и отпеани во современ и автентичен стил со текстови кои го задржуваат вниманието.

ТВ серија: Втора сезона на „Молк“ на Далибор Матаниќ

Обично се вели дека вториот филм во опусот на некој филмски автор или музичар/бенд ја одредуваат судбината на нивните кариери. Ако тоа важи и за ТВ сериите, тогаш втората сезона на хрватско-украинската „Молк“ (Šutnja / Silence) нема да му донесе никакви главоболки на Далибор Матаниќ, веќе потврден како одличен филмски/ТВ автор. Напротив, само ја потврдува неговата супериорност во регинални рамки.

Во првата сезона ги следевме инспекторите Владо Ковач (Дарко Милас) и Весна Хорак (Сандра Лончариќ), кои трагаа по сторителите на ужасните злосторства сторени врз неколку малолетни девојки – силување, трговија со жени, убиства… Нивните истражувања се преплетуваат со односите меѓу локалниот моќник и бизнисмен Иван Хорватиќ (Леон Лучев) и неговата жена, Украинката Олга Романченко (Ксенија Мишина), новинарот Стрибор Краљ (Горан Богдан) и целата елита на градот Осиек.

Втората сезона составена од шест епизоди (како и првата) започнува една година по ноќта која засекогаш им ги промени животите на ликовите. Случајот со малтретираните малолетници и официјално заврши. При апсењето виновникот е убиен, а истрагата е прекината.

Поради војната во Украина, Олга беше принудена да живее во лажен брак со Иван Хорватиќ, кој стана министер за внатрешни работи и целосно се посвети на организирање помош за бегалците и цивилите во Украина. Стрибор Краљ се повлече од новинарството и ужива во родителството. Весна Хорак напредна вои полициската хиерархија, сега е главен детектив во станицата, но нејзината единствена амбиција е да го пронајде лицето што го застрела инспекторот Владимир.

Доаѓањето на Мила Михаљевиќ (Бранка Катиќ), мистериозната „независна европска консултантка за безбедносни прашања“, во Осиек ги потсети на она што беа принудени да заборават. Лицето кое пукаше и тешко го рани Владимир и ја киднапираше бремената сопруга на Стрибор има видео снимка на која министерот Хорватиќ силува малолетничка.

Мила мора да спречи снимката да биде искористена за уценување на министерот одговорен за безбедноста на границата на ЕУ со политички нестабилната Источна Европа. Но, тој наскоро сфаќа дека со решавањето на овој случај може да се реши многу поголем европски безбедносен проблем – кражбата и шверцот на оружје што Западот го испраќа во Украина…

Матаниќ, кој серијата ја креира според мотивите од романите на новинарот и писател Драго Хедл, како и во првата сезона се одлучува за забавен ритам на дејствието, иако се работи за трилер жанр. Затоа добива на комплексно нијансирање на карактерите и нивна психологизација, која во втората сезона е проткаена со низа онирични елементи. Сепак, Матаниќ го почитува жанрот, па сторијата и прашањето за тоа кој е осветникот кој извршува убиства на „видни граѓани“ во Осиек – бивши тужители, началници на полиција, политичари – ве држи до самиот завршеток. Ретко очекуван…

Сценариото е на Марјан Алчевски, нашинец кој создава завидна сценаристичка кариера во Загреб.

Филмови: Култни наслови на Питер Вир, Федерико Фелини и Ингмар Бергман

Последната недела од оваа година на репертоарот на Кинотеката се три класици на филмската уметност.

На 23 декември (сабота) со почеток од 20 часот на програмата е „Година на опасно живеење“ (The Year of Living Dangerously) на Питер Вир (Peter Weir), по сценарио на Дејвид Вилијамсон, Питер Вир, Кристофер Кох (David Williamson, Peter Weir, Christopher Koch), со Мел Гибсон, Сигурни Вивер, Линда Хант (Mel Gibson, Sigourney Weaver, Linda Hunt) во главните улоги.

Филмската адаптација на истоимениот роман на Кристофер Кох (Christopher Koch) е политички трилер кој се случува во Индонезија, 1965-та година, за време на државниот удар против претседателот Сукарно. Гај Хамилтон, младиот австралиски репортер (Мел Гибсон) ј е испратен во Џакарта за да известува за политичките превирања. Тој се обидува да се движи низ хаотичното и опасно политичко опкружување во Индонезија, а за снаоѓање во непознатата земја му помага локалниот фотограф Били Кван (Линда Хант).

Но, додека Џакарта и цела Индонезија запаѓаат во хаос, Хамилтон има страствена афера со британското аташе Џил (играна од Сигурни Вивер). За маестрално одиграната улога на Били, актерката Линда Хант доби „Оскар“ за споредна улога.

На 25 декември (понеделник) од 20 часот ќе бдие прикажан „8 1/2“ на Федерико Фелини (Federico Fellini) по сценарио на Фелини, Тулио Пињели, Енио Флајано, Брунело Ронди (Tullio Pinelli, Ennio Flaiano, Brunello Rondi), со Марчело Мастројани, Клаудиа Кардинале, Анук Еме, Сандра Мило (Marcello Mastroianni, Claudia Cardinale, Anouk Aimée, Sandra Milo) во главните улоги.

Марчело Мастројани и Анук Еме

Марчело Мастројани го игра Гвидо Анселми, режисер чиј нов проект е на работ на пропаста, исто како и неговиот приватен живот, додека тој се бори против креативната блокада и беспомошно жонглира со жените во неговиот живот.

Филмот ги прикажува неговите лични борби во креативниот процес и но и борбата да ги задоволи големите очекувања од јавноста.

Работниот работен наслов за 8½ бил „Убава конфузија“, а ремек-делото на Фелини е токму тоа: светкав сон, циркус и магична конфузија. Филмот е раскажан нелинеарно, во форма на тек на свест (за тоа време пионерска постапка), преку флешбекови, надреални секвенци на сон и карневализација на реалноста.

На 26 декември (вторник) во 20 часот на програмата е „Фани и Александер“ (Fanny och Alexander) на Ингмар Бергман (Ingmar Bergman), по негово сценарио, со Пернила Алвин, Бертил Гуве, Јан Малмсјо, Борје Ахлштет (Pernilla Allwin, Bertil Guve, Jan Malmsjö, Börje Ahlstedt) во главните улоги.

Филмот го следи животот на две деца, брат и сестра, и нивното големо семејство во Шведска за време на првата деценија на дваесеттиот век. Преку очите на десетгодишниот Александер, се прикажуваат среќните, но и конфликтните моменти на семејството. По смртта на таткото на децата, нивната мајка повторно се мажи за истакнат епископ кој станува насилен кон Александер поради неговата жива имагинација.

Сторијата во „Фани и Александер“ е полуавтобиографска. Ликовите на Александер, Фани и очувот Едвард се базирани на Бергман, неговата сестра Маргарета и неговиот татко Ерик Бергман. Филмот е тестаментално дело, своевидна лебедова песна на големиот мајстор на филмот, Ингмар Бергман.

Избрал: С. Синадинов

Треба да знаете
Moже да ве интересира