Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Хулиганите со рецепт за како да се упропасти еден сосема легитимен протест

Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ

Не знам дал повеќе чувствувам гнев или страв од она што се случувало во Онкологија. Со имиња и презимиња да се извадат инволвираните!

Срам чувствуваат сите здравствени лица во Македонија и за тоа многу ми е жал, зашто од поединци или организирани криминални групи им се валка цела фела, а се загрозува довербата со пациентите. И тоа е многу опасно и тешко ни паѓа и нам и на медицинскиот персонал. А ние други доктори немаме, тоа се тие истите доктори, истите медицински лица.

Пред 12 години, само што замина во пензија, ми почина татко ми, од карцином. Се лечеше на Клиниката за онкологија.

Какви ми се искуствата?

Моите се испомешани, верувам како и на многумина. Од вчудоневидувачко позитивни до запрепастувачко негативни. Од професор доктор специјалист што прв пат го гледам во живот без никаква најава и ургенција, доаѓа после работно време на негово инсистирање да ја види снимката и да даде дијагноза, до медицинско лице што прв пат ме гледа а ми дава да однесам во лабораторија, или каде веќе беше, ампули со крв ли беа, со терапија за болни ли беа, и дури се налути кога одбив. Едноставно, воедно и зачудувачки и запрепастувачки, какво што ни е здравството, каква што ни е државава.

И, протест.

И покрај тоа што реагираше ( не знам дали е навреме, никогаш нема да е навреме) и МВР и Обвинителството на наводите од колегите новинари за скандалот и грозотијата што се случувала во Онкологија, некако природно дојде протестот на кој граѓаните сосема легитимно сакаа да го искажат револтот.

Исто така, „некако природно“, дојдоа хулиганите од политичките партии, со нивните гадни, вулгарни скандирања и безочни пароли да го киднапираат протестот и да го упропастат.

Ни се покакаа на револтот и болката.

Другарка ми Дијана, тоа во две реченици убаво го кажа:

„Да ти е срам да излезеш на протести вечерва, да ти е срам да не излезеш. Да ти е срам од животот тука!“

Димче Апасиев и хулиганите од ултра националистичката десница наречена Левица и Пандов со пулените од ВМРО-ДПМНЕ, по којзнае којпат покажаа дека нив правда не ги интересира. Нив, драги мои, ги интересира само гола власт и како да се доберат до неа. Ќе газат и по „живи и мртви“ ако треба, ќе пцујат, ќе колнат, ќе хушкаат, ќе бесат, како што велат. Тие шлепачи на туѓата болка и нивните поддржувачи, со најмизерни пароли и скандирања од кои се срами секој пристоен човек, вчера се обидоа да го пренасочат револтот и болката, во анархија, во крваво сценарио од кое би ќареле политички поени. И не е тоа случајно, туку добро планирано и намерно обмислено да се искористи гужвата и злоупотреби револтот и легитимниот протест.

Секогаш на вакви и слични протести имало уфрлени провокатори, тоа добро го знаат сите што чекоревме во Шарената. Тогаш ги „ловевме“ и ги отстранувавме. Но овде станува збор за нешто сосема друго. Овде толку беше киднапиран вчерашниот протест од партиските хушкачи што испадна дека мнозинството од нормалните граѓани се уфрлените.

Прво што ми доаѓа е да речам – Како не им е срам од солзите на онаа мајка што ја искажа голготата низ кои поминале таа и нејзините најблиски, како не им е срам од сите што најискрено и најспонтано присуствуваа на вчерашниот протест?!

Но, драги мои, тие гадови, вчера, небаре платени од криминалната група или поедници што ги правеле злосторствата во Онкологија, го применија совршениот рецепт за тоа како да се упропасти еден сосема легитимен протест. (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен