Иако, најмногу заради иницијативите на граѓанското општество е постигнат одреден напредок во подигањето на свеста за препознавање на странските влијание со информациски манипулации и влијание, без сеопфатни реформи и координирана акција, Северна Македонија останува многу ранлива на домашна и странска манипулација со информации.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Голем број од активностите на странските влијанија со информациски манипулации за влијание (FIMI – Foreign Information Manipulation and Interference) со дезинформации се веќе одамна познати, но она што е од суштинска важност е да се имаат секогаш предвид, особено во периоди кога добиваат интензивно засилување.
Сите досегашни анализи покажуваат дека пропагандните центри, домашните и оние во странство на исток, имаат идентификувано 4 столбови на кои се потпира и на кои функционира македонското општество. Тоа се: Меѓуетничките односи; Соседските односи; Врските со ЕУ и НАТО и критичните политички процеси поврзани со иднината и равојот на земјата – по правило изборните процеси.
Токму тие столбови се централни цели на странските влијанија со информациски манипулации, кои како најчести алатки ги користат дезинформациите и говорот на омраза.
Така е и сега. Како се наближуваат изборите, иако локални, така се засилуваат пропагандните центри за влијанија, како од странстви, така и од домашни центри на моќ, политичка и економска.
Дека е така може да се констатира од повеќето процеси, конференции и истражувања кои се множат како што се одбројуваат деновите до локалните избори.
Еден таков процес спроведува Фондацијата Метаморфозис со многу јасен и идникативен наслов: „Предуслови за изборни манипулации со информации и странско влијание во Северна Македонија“.
Ранливи демократски, медиумски и општествени системи
Во оваа студија, иако е во нацрт фаза, многу прецизно се определува рамката која определува дека Северна Македонија е типичен пример за студија на случај за тоа како ранливостите во демократските, медиумските и општествените системи на една земја можат систематски да бидат искористени и од домашни и од странски актери.
И покрај нејзината формална посветеност на демократските реформи и редовните избори, институциите на земјата остануваат кревки, честопати подложени на политички притисок, со нетранспарантно финансирање и неконзистентно спроведување на регулативите.
Оваа кревкост, како што се наведува, се влошува дополнително од длабоката политичка поларизација, етничките поделби и фрагментираниот јавен дискурс.
Студијата констатира дека таквата состојба е подложна на рутински засилувања на влиианија со информациски манипулации со исклучиви наративи од странските центри и нивните домашни посредници, поттикнувајќи ја јавната недоверба и општествената поделба.
Во таа насока индикативно е укажувањето на еден од учесниците во подготовката на оваа студија, Матеј Тројачанец, новинар и истражувач во сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ на Метаморфозис:
Во периодите на интензивирање на странските влијание свевдочиме потхранување на долгорочните наративи на странските центри за влијанија, како што се на пример наративите за традиционалните семејни вредности кои добиваат на интензитет со краткорочните наративи кога се пласираат содржини кои ја „илустрираат“ декаденцијата на западот па имате серија од дипфејк видеа од познати политички фигури како Макрон прикажан во разни ЛГБТ контексти.
Медиумски пејсаж
Од друга страна, медиумскиот пејзаж во Северна Македонија е надворешно разновиден, но структурно компромитиран, констатира студијата на Мераморфозис. Сопственоста е високо концентрирана, новинарските стандарди се ниски, а многу медиуми се економски зависни од политичките актери. Резултирачката средина го дава приоритет на сензационализмот и ангажманот пред интегритетот, ја еродира јавната доверба во изворите на вести и создава плодна почва за брзо ширење на дезинформации.
Оттаму Горан Ризаов, менаџер за програми – медиуми за демократија и едукација за иновации ја изразува загриженоста заради позицијата на медиумите кои, по правило, треба да бидат еден од факторите за одбрана одстранските влијанија со информациски манипулации, за заштита на публиката од дезинформациите и за спречување на говорот на омраза
Независните медиуми се неодржливи, а оние кои ќе се решат да побараат финансиска поддршка од странски центри се соочуваат со ризик да ја изгубат независната уредувачка политика. Во медиумска средина во која доминира копи/пејст новинарство секогаш постои можност да се провлече некоја дезинформација или информациска манипулација вешто скриена од некој странски или домашен извор.
Екосистемот на новинските медиуми, иако номинално плуралистички, е компромитиран од концентрирана сопственост, политичко влијание и економска ранливост. Довербата во мејнстрим изворите на вести се намали, при што многу граѓани се свртуваат кон лични контакти или нетрадиционални извори на информации.
Доминацијата на неколку медиумски наративи, во комбинација со слабо спроведување на регулативите и ограничени новинарски ресурси, доведе до распространетост на „копи/пејст“ новинарство што дополнително ја ослабна јавната доверба во сигурноста на медиумите.
Ако еден од „лековите“ за надминување на оваа состојба е медиумската писменост, очигледно е дека досега нема видливи резултати кои гарантираат поголем процент на заштита на медиумската публика, вели Деспина Ковачевска, медиа мониторинг експерт.
Ниската медиумска писменост и недоверба во институциите прави луѓето да живеат во една несиугурна средина кога станува збор за информациите. Веќе не станува збор за тоа кога ќе бидат мета на дезинформации, туку многу повеќе за тоа каде да се најде вистинска информација зад која стои извор со интегритет.
Дигиталните и платформите на социјалните медиуми, на кои им недостасува ефикасна модерација, станаа примарни вектори за ширење на раздорна содржина. Ова е усложнето од високите стапки на пенетрација на интернет кои не се претворија во робусна дигитална писменост, оставајќи големи сегменти од населението подложни на манипулација.
Родовите и малцинските права се посебна цел на странските влијанија
Странските актери, особено оние кои се поврзани со руските и интересите на некои од соседните земји, пред сѐ од Србија и Бугарија, ги искористија овие услови преку координирани кампањи насочени кон јазичните, културните и политичките линии на разделување. Овие напори често се испреплетени со локални економски стимулации, бидејќи фармите за содржини и таканаречените „фантомски медиуми“ монетизираат поларизирачки наративи и политичко рекламирање со мал надзор.
Социјалните, политичките и културните поделби се дополнително вооружени во кампањите на FIMI, при што родовите и малцинските права се повеќе се цел на дезинформации. Овие наративи, често координирани со религиозни институции и засилени од странски медиуми, се стремат да го еродираат демократското учество, да ги делегитимизираат јавните институции и да го поларизираат општеството. Јавниот дискурс е многу поларизиран, со дебати за националниот идентитет, етничкото балансирање и интеграцијата во ЕУ рутински врамени во исклучителни и антагонистички термини. Оваа поларизација активно ја експлоатираат и домашните и странските актери, продлабочувајќи ги општествените поделби и поткопувајќи ја довербата во демократските процеси.
Организациите на граѓанското општество играат клучна улога во борбата против странските влијанија со информациски манипулации за влијание (FIMI), залагајќи се за транспарентност, медиумска писменост и институционални реформи. Сепак, нивните напори остануваат фрагментирани и недоволни во отсуство на координиран национален одговор и одржлива политичка волја.
Додека Северна Македонија се стреми кон евроатлантска интеграција, влоговите се високи: способноста на земјата да изгради отпорност против манипулацијата со информации не само што ќе ја обликува нејзината демократска иднина, туку ќе послужи и како критичен пример за поширокиот регион.
Политичките институции во земјата, иако формално се засновани на поделба на власта и периодични конкурентни избори, остануваат ранливи на системска корупција, партиско медиумско покривање и неефикасно спроведување на правилата за финансирање на кампањите. Договорите за етничко споделување на власта го институционализираа клиентелизмот и ја ослабнаа одговорноста. Овие ранливости се усложнуваат од тековните предизвици како што се политизираните судски системи и повторливите владини кризи.
Додека интеграцијата во ЕУ и динамичното граѓанско општество нудат некои ублажувачки фактори, странските актери продолжуваат да ги искористуваат етничките тензии и скептицизмот кон евроатлантската интеграција преку координирани кампањи за дезинформации.
Студијата на Метаморфозис, уште во нацрт фаза, констатира дека наративите поврзани со странство, особено од Русија и Кина, се сеприсутни, честопати препакувани од домашните медиуми за да изгледаат локално веродостојни.
Регулаторната и законската рамка останува фрагментирана и неразвиена, со неефикасен надзор и нејасна применливост на меѓународните норми. Затоа, иако најмногу заради иницијативите на граѓанското општество е постигнат одреден напредок во подигањето на свеста за препознавање на странските влијание со информациски манипулации и влијание, без сеопфатни реформи и координирана акција, Северна Македонија останува многу ранлива на домашна и странска манипулација со информации.