Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Какви дезинформации се ширеа во пресрет на изборите во ЕУ?

Дезинформациите предизвикаат големи негативни последици, фалсификувајќи ги перцепциите на многу луѓе. Во последните месеци пред изборите, беше откриен растечкиот притисок на дезинформациите на многу различни теми – од војната во Украина до мигрантите, од климатските промени до пандемијата, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

Европската мрежа за борба против дезинформации ЕДМО, во која се вклучени 36 организации, оценува дека во месеците во пресрет на Европските избори 2024 дезинфорамциите за ЕУ значително се зголемиле, а дезинформациите биле насочени кон чувствителни прашања на кои јавноста е сензитивна.

Можно е лошите актери да се држат подалеку. Но, не е доволно тоа да се прави само пред важни избори или за време на големи кризи. Европскиот информациски простор мора да се одржува чист и мониториран постојано и има уште многу да се направи, за да се обезбеди еден од камен-темелниците на демократијата, како и фундаменталното право на граѓаните да бидат точно информирани, пишува во документот

Во регионот во пресрет на Европските избори се појавуваа разни дипфејк видеоматеријали. Еден од примерите е дипфејк видеото кое лажно му припишува изјава на функционер на американскиот Стејт Департмент Метју Милер, а во врска со војната во Украина. На овој начин се тврдеше дека „Милер го оправдувал украинскиот напад врз Белгород со тоа што изјавил дека во градот нема цивили. Слична лажна приказна, дека портпаролот на Белата Куќа „зборувал за тоа зошто САД го поддржуваат нацизмот во Украина“, беше една од најраспространетите лажни приказни во ЕУ во мај.

Некои од дезинформациите што беа пласирани во земјите на ЕУ, исто така, не ја заобиколија Македонија. Како што „Вистиномер“ веќе забележа и во земјава и во регионот се проширија недокажани тврдења дека „осомничениот за атентатот врз словачкиот премиер Роберт Фицо е оженет за Украинка“. ЕДМО ја забележува истата дезинформација на европско ниво и тоа како една од четирите невистини со најголема циркулација во ЕУ во мај.

Во мај, дезинформациите што ја таргетираат Европската Унија беа разновидни, но конзистентни во тоа да ја портретираат ЕУ како корумпирана и против националните интереси на земјите што членуваат во неа. Некои дезинформации ги напаѓаа лидерите во ЕУ. На пример, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен беше таргетирана и опишувана како поврзана со нацизмот, дека имала конфликт на интереси при менаџирањето со пандемијата, па дури и дека била уапсена во Европскиот парламент. Во Франција се тврдеше дека таа „не била избрана од никого“, како дел од огромни напори да се претстават европските институции како антидемократскинотира ЕДМО.

И во Северна Македонија се прошири истата невистина дека „претците на претседателката на ЕК, односно нејзината баба се ракувала со Хитлер“, што нема никаква врска со вистината со оглед на тоа што претците на  Фон дер Лајен доаѓаат од урбани средини, од едуцирани и деловни кругови и немаат никаква врска со Хитлер. За да се рашири оваа дезинформација беше споделувана фотографија од неименувана рурална девојка од Бакебург.

Исто така, се пласираа и измислени изјави на Фон дер Лајен со цел да се зголеми евроскептицизмот. Така, дезинформациската машина штанцаше невистини дека таа наводно рекла оти во наредните петнаесет години нема да има проширување на Европската Унија.

Во нејзина изјава од 21 февруари 2024 година, Лајен вели дека доколку повторно биде избрана на функцијата претседател на Европската комисија, ќе биде силен поддржувач на проширувањето на ЕУ на Западниот Балкан.

Во билтените на ЕДМО се посочува и дезинформацијата која се ширеше во земјите од ЕУ, дека „Германија го декриминализирала поседувањето на детска порнографија“. Во С. Македонија „Вистиномер“ го дебанкираше сличното тврдење дека „Германија почнала легализација на педофилијата“.

Вистината е дека Германија го промени својот закон за да одбегне да ги казнува оние што пријавуваат такви содржини, или, пак, кои ќе дојдат до нив ненамерно. Детската порнографија сè уште е нелегална во Германија. Поседувањето и дистрибуцијата на детска порнографија останува кривично дело во Германија. Во јули 2021 година, Германија, всушност, ја зголеми казната за дистрибуирање детска порнографија, со затворска казна од една до десет години.

Претходно, осудените за ова кривичното дело се соочуваа со казна затвор од три месеци до пет години. Меѓутоа, германската влада набрзо сфати дека минималната казна од една година е проблематична во пракса. Тоа значеше дека дури и родителите и наставниците кои ќе ги проследат овие материјали за сексуална злоупотреба на деца (CSAM) до полицијата, ќе се соочат со најмалку една година затвор, пишува Techarp.com во својата анализа.

Една од членките на ЕДМО забележува дека Кремљ во границите на ЕУ ја користи и религијата како оружје.

Поточно, во анализата  се опишува како Кремљ ја користи религијата за пропаганда и дезинформации за војната против Украина во Грција.

Врамувајќи го украинскиот конфликт како света војна, руските државни медиуми и официјални лица манипулираат со верските чувства за да добијат поддршка и да ги оправдаат своите постапки. Оваа стратегија е особено ефикасна во Грција, каде што дезинформациите ги користат верските врски за да се сее раздор, да се поттикат проруски и антизападни чувства (на пример, со играње на предрасудите околу ЛГБТ прашањата) и да ја поткопаат поддршката за Украина, демонстрирајќи софистицирана употреба на културните врски за постигнување на геополитички цели. 

На сличен начин во С. Македонија беше проширена информацијата дека „Украина нема црква и нормален народ благодарение на ЕУ и НАТО“ 

Наспроти ова, во сите региони на Украина мнозинството од населението е наклонето кон тоа државата да има проактивен државен пристап кон активностите на Украинската православна црква – Московска патријаршија, бидејќи 82 проценти од испитаниците одговориле дека не ѝ веруваат на УПЦ. Оваа црква, според истражувањата, не успева да ги убеди Украинците дека наводно не е зависна од лидерството на Моксовската патријаршија и дека стои на проукраински позиции.

Во пресрет на изборите во ЕУ се ширеле и дезинформациски наративи за ЛГБТ заедницата, за вакцините и нивната безбедност, кои, исто така, беа пресликани и во С. Македонија. Во врска со самото гласање во Германија на почетокот на мај беше пласирана порака на Телеграм која тврдеше дека „ливчињата со дупки на нив се невалидни“. Вистината е дека дупките на ливчињата за гласање им помагаат на слепите лица и се дел од изборните правила. Тврдењето беше лажно со цел да се обесхрабрат граѓаните, односно да веруваат во лагата дека изборите се неорганизирани, полни со фалинки и грешки во процедурата, итн.

И откако завршија изборите не престануваа дезинформациите дека тие биле наводно невалидни.

Куриозитет е и тоа дека родовите дезинформации за време на изборните кампањи во ЕУ беа почести. ЕДМО нотира некои примери:

Жените политичарки се соочуваат со зголемени ризици од вознемирување и дезинформации, при што нападите честопати се позлобни од оние насочени кон нивните машки колеги. Оваа средина може да ги принуди жените да излезат од политиката, поткопувајќи ја демократијата и женското учество. Според една статија на веб-страницата на „Глобалниот индекс на дезинформации“, организација чија цел е да се спротивстави на дезинформациите на интернет, за време на изборите за ЕУ ​​во 2024 година, родовата злоупотреба на интернет се зголемила, таргетирајќи ги лидерите и кандидатите на ЕУ со мизогински наративи.

Како што наведува ЕДМО, Урсула фон дер Лајен се соочи со тешки напади со кои се доведува во прашање нејзината компетентност и интегритет, додека црните политичарки доживеаја уште пожестока злоупотреба. Целосниот текст прочитајте го овде.

Дезинформациите предизвикаа големи негативни последици, фалсификувајќи ги перцепциите на многу луѓе. Во последните месеци пред изборите, беше откриен растечкиот притисок на дезинформациите на многу различни теми – од војната во Украина до мигрантите, од климатските промени до пандемијата, но и таргет беа самите изборни правила, процеси, самите политичари, особено жените. Битката против дезинформациите, според ЕДМО, треба да биде константна и активна, не само пред избори или поголеми настани кои ја формираат иднината на Европа. 

Мирослава Симоновска

Зачлени се на нашиот е-билтен