Зоран Спасов-Ѕоф, Влада Урошевиќ, принцот Хари и Опра Винфри на врвот на најтиражните автори
Новата книга од Зоран Спасов-Ѕоф, „Цепај сине“, е најпродаван наслов во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во 2023 година.
„Толковно-заебантскиот речник“, кој беше промовиран на крајот на октомври, за многу кратко време се искачи на врвот на листата на најпродавани книги во поголемите книжарници. „Цепај сине“ содржи 2.000 поими, 12 поглавја и, кажано во стилот на авторот, еден непревазиѓен хумор у светот. Македонскиот.
На втората позиција е романот што годинава освои најмногу награди – „Роман на годината“, „13 Ноември“, „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на академик Влада Урошевиќ му ги донесе и наградите автор на годината од Македонската асоцијација на издавачи и автор на годината од издавачката куќа „Арс Ламина“.
Најпродаваната публицистичка книга во историјата е на третото место на листата најпродавани изданија од „Арс Ламина“. „Резерва“ е насловот на мемоарите на принцот Хари, кој за само 24 часа по објавувањето се продаде во 400.000 примероци.
Зад неа е бестселерот број 1 на „Њујорк тајмс“, „Што ти се случило: разговори за траумите, за отпорноста и исцелувањето“ од водителката и медиумскиот магнат Опра Винфри и реномираниот експерт за трауми и мозок д-р Брус Пери, книга ќе го промени начинот на кој го гледате вашиот живот.
„Едно лето во Италија“ од Ребека Серл е романот што го одбележа летото 2023 година и се најде на петтото место на листата најпродавани изданија од „Арс Ламина“, а романот „Станот во Париз“ од Луси Фоли, во којшто авторката се осврнува на мрачната страна на Градот на светлината, каде што богатството и бедата се сместени едни покрај други. На седмото место е „Нашиот луд мозок“ од неврологот Ден Бурнет, стручна, духовите и забавна, книга што им е наменета на сите што понекогаш се прашуваат зошто родениот мозок им го саботира животот или што сега повторно смислил. На осмото место е „Џабе живиш у Скопје“ од Зоран Спасов-Ѕоф, книгата што во 2022 година беше на врвот на листата, а на деветто е „Подоцна“, последниот роман со македонски превод од кралот на хоророт Стивен Кинг. Топ 10 листата изданија од белетристика се заокружува со романот „Петминутна терапија“, психолошка книга што за пар месеци стана омилениот џебен терапевт на читателите, кој лесно и едноставно им помага во процесот да се биде најдобра верзија од себеси.
Топ 10 листа со најбараните книги за деца и млади во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во 2023 година.
Двете нови книги од новиот волшебен серијал со палавата братучетка на Исидора Мун се најдоа во топ 10 листата со најпродавани изданија на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. На врвот на листата е „Мирабела прави палавости“. Исидора и Мирабела имаа авантури и претходно, но овде првпат Мирабела Ѕвездомагиевска е главен лик.
На второто место е омиленото дуо на децата – „Дина и Додо“ и „Големата зимска боенка“. Романот на македонскиот писател Велко Неделковски „Збунети години“ е омилена лектира на основците и се наоѓа на третото место, а веднаш по неа е и „Пајажината на Шарлот“.
На петтата позиција е „Исидора Мун и ѕвездата паѓалка“ – најдобрата другарка на сите мали љубители на волшепства, со своите црни и розови фустанчиња со светки, волшебното стапче со ѕвездичка и магичните крилјата. Шестото место го држи уште една лектира „Хотел за кучиња“, што докажува дека нашите ученици сакаат да имаат петка по македонски јазик. Втората книга од новиот волшебен серијал „Мирабела ги крши правилата“ е на седмото место, а веднаш по неа е и омилениот волшебник на сите деца „Хари Потер и каменот на мудроста“. На деветтото место е сликовницата „Другарска азбука“ од Снежана Петрова-Џамбазова, во која преку стихови и илустрации најмладите ги учат буквите. Листата ја заокружуваме со најновото издание од популарните интерактивни пиши-бриши вежбанки со маркер „Животните од Азија“.
Топ листа на најпродаваните едукативни изданија од „Арс Ламина“.
На првите места на листата се прирачници за предучилишна возраст што опфаќаат содржини според Програмата за рано учење и развој од Министерството за труд и социјална политика. Според првите места, малечките најмногу ја сакаат математиката: прирачниците „Математика“ (5-6 години“ и „Математика“ (4-5 години) се на првото и второто место соодветно. Веднаш по нив се новите прирачници „Графомоторички вежби“ (5-6 години), „Детска планета“ (3-4 години) и „Графомоторички вежби“ (4-5 години).
Листата ја надополнуваат новата вежбанка по македонски јазик за второ одделение според новите наставни програми за второ одделение, која се наоѓа на шестото место, новиот прирачник „Детска планета“ (5-6 години) на седмото, а на осмото место се најде вежбанката со наставни листови по природни науки за петто одделение за помош во учењето и подготовка за тестирања и натпревари. Последните две места припаднаа на новата вежбанка по општество за трето одделение според новата наставна програма и збирката по биологија со прашања и задачи со тестови и активности за деветто одделение, која го следи редоследот на наставните цели од соодветната наставна програма.