Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Која е „Алказар енерџи“ што ќе го гради ветерниот парк што го најави Мицкоски

Станува збор за одржлив инфраструктурен фонд со седиште во Луксембург и фокусиран на проекти за обновливи извори на енергија, со советодавен тим со седиште во ОАЕ

„Алказар енерџи“, одржлив инфраструктурен фонд со седиште во Луксембург и фокусиран на проекти за обновливи извори на енергија во обем на комунални услуги на пазарите во развој, со советодавен тим со седиште во Обединетите Арапски Емирати, е инвеститорот што ќе го гради ветерниот парк во Македонија, инвестиција која бомбастично ја најави уште во предизборната кампања штотуку избраниот премиер Христијан Мицкоски.

За утре во Скопје е најавена и прес конференција на која ќе биде промовината инвестицијата „за започнување на најголемиот проект за развој на парк на ветерници во земјава“, како што се наведува во поканата. На прес конференцијата се најавени и обраќања на Даниел Калдерон, ко-основач и управувачки партнер на „Алказар енерџи“, како и на премиерот Мицкоски и на министерката Сања Божиновска која го води новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Инвестицијата на „Алказар енерџи“ во овој проект е вредна над 500 милиони долари и развојот на овој проект ќе донесе големи придобивки за економијата, бизнис заедницата и граѓаните, се вели во поканата за настанот.

„Алказар енерџи“ минатиот месец собра 490 милиони долари за вториот фонд, јавија светските агенции . Овој фонд го носи називот „Alcazar Energy Partners II“, и како што јави агенцијата Ројтерс, цели кон пазарите во развој.

„Приватната енергетска компанија ‘Алказар енерџи’ со седиште во Дубаи соопшти дека собрала 490 милиони долари за втор фонд за обновливи извори на енергија поддржан од американската меѓународна финансиска корпорација за развој додека се обидува да изгради проекти од размер за комунални услуги на пазарите во развој“, пишуваше Ројтерс. Фондот, исто така, беше поддржан од австриската развојна банка и неколку индустриски групи, изјави ко-основачот Даниел Калдерон за Ројтерс, завршувајчи малку под очекуваните 500 милиони долари кои беа поставени како цел и покрај тешката средина за собирање средства.

Новите поддржувачи се придружуваат на постоечката група водечки инвеститори, вклучувајќи ја Европската банка за обнова и развој, Азиската банка за инвестиции во инфраструктурата и осигурителот Алијанц, кои се потпишаа пред првото затворање на фондот во 2022 година, се посочува во информацијата.

Вториот фонд веќе започна со изградба на портфолио на средства во регионот на Западен Балкан, со две ветерни електрани со вкупна моќност од 456 мегавати, дел од стратегијата на фондот за развој на над 1,6 гигавати чиста енергија на голем број пазари. Откако ќе профункционира, инвестициите на фондот треба да ги ублажат 3 милиони тони годишно емисиите на стакленички гасови, истовремено генерирајќи доволно електрична енергија за напојување на повеќе од 300.000 домаќинства, соопштија тогаш од „Алказар“.

Од таму објаснија дека Западен Балкан е особено атрактивен како инвестициска дестинација бидејќи регионот се обидува да се одвикне од енергијата на јаглен што штети на климата и потпирањето на увозот на фосилни горива од земји, вклучително и Русија.

Економиите кои не се во Европската унија, исто така, се мотивирани да ги намалат емисиите во мрежата за да им помогнат на извозниците да избегнат даноци кога продаваат во блокот, кој поставува построги правила врз основа на содржината на јаглерод во некои увози.

„Ако ја намалите (употребата на фосилни горива) … и натеѓнете кон ветерот и кон сончевата енергија, тогаш во голема мера ќе и помогнете на локалната економија“, изјави Калдерон.

Од фондот исто така велат дека AEP-II ќе мобилизира околу 2 милијарди американски долари странски директни инвестиции, вклучително и проектно финансирање, на пазарите во развој.

Според објавеното на нивната интернет страница, портфолиото ќе развие над 2 GW чиста енергија, заштедувајќи 3,2 милиони тони емисии на стакленички гасови (GHG) годишно, генерирајќи електрична енергија способна да напојува над еден милион домаќинства.

Првото инвестициско „возило“, Alcazar Energy Partners – I (AEP-I), е основано во 2014 година од висококвалификувана група професионалци со длабинско знаење за обновливите извори на енергија од инвестициско, проектно финансирање и техничка перспектива, посочуваат од „Алказар“.

Инаку, „Алказар“ неодамна најави дека е заинтерсирана за вложување во Република Српска во областите обновени извори на енергија како што е ветерот и соларната енергија.

Во септември лани луксембуршкиот инвеститор во обновливи извори на енергија, „Алказар енерџи“, соопшти дека ги стекнал правата за проектот на ветерна електрана од 118 MW во Црна Гора, најголемиот во земјата. Како што беше објавено тогаш, финансиското затворање се очекува во првиот квартал на 2025 година, а изградбата се очекува да започне на почетокот на 2025 година.

На неодамнешниот енергетски форум во Скопје, тогаш мандатарот Мицкоски рече дека инвестицијата треба да овозможи производство на приближно еден терават-час електрична енергија, што е приближно 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија во земјава.

Инаку, пред изборите, во нашата земја беа актуелни четири стратешки инвестиции во областа на енергетиката, меѓу кои и во ветерници, но поради противењето на тогашната опозиција, пакетот закони не помина во Собранието.

Мицкоски: Инвестицијата во ветерниот парк од 450 милиони евра ќе донесе нови 100 милиони евра во БДП

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој првиот ден како премиер го почна од Штип, најави дека инвестицијата за ветерниот парк која официјално ќе биде објавена утре, ќе донесе 100 милиони евра поголем приход во БДП.

Како што истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања, вакви проекти ќе има уште во периодот што следува.

– Македонскиот ветер ќе донесе дополнителни 100 милиони евра годишно во БДП. Проектот ќе го објавиме утре, заедно со инвеститорот. Ветерниот парк ќе биде изграден меѓу трите општини, Карбинци, Штип и Радовиш. Се работи за инвестицијата од 400 – 450 милиони евра. Ова е исклучително значаен проект за енергетското портфолио на државата кој значително ќе го подобри перформансот на нашиот енергетски сектор. Нема специјални  закони, нема загарнтиран откуп по загарантирна цена за 20 – 30 години, туку инвеститор кој ќе инвестира 450 милиони евра, а државата ќе добие за 100 милиони евра поголем приход во БДП што треба да донесе 20 отсто од вкупното производство на струја што ќе ја направи енергетски балансирана земјава. Во периодот што следи ќе има уште вакви убави изненадувања, нагласи Мицкоски. 

Мицкоски присуствуваше на поставување камен-темелник на новата спортска сала „Џексон”, направи увид во градењето на новиот булевар „Илинденска“, а потоа, заедно со министерот за здравство Арбен Тараври, направи увид во состојбата на штипската болница.

Порача дека новата Влада ќе гради онаму каде нејзините претхоници оставиле неуспешни проекти.

Мирче Јовановски (Независен)

Треба да знаете
Moже да ве интересира