За Емилија…
Пишува: Борко ЗАФИРОВСКИ
Почитуваната Проф. д-р Емилија Целакоска , како и неколкумина млади и разборити интелектуалци, со или без академски титулари, го белеат женскиот образ со смело втурнување во актуелна дневнополитичка, но и таложена, а во научни дисциплини, одлежана проблематика. Таа може да се нарече политикологија но свежиот пристап ги отвора портите на една , се’ поубава, мека и непретенциозна борбена есеистика.
Да се издвоиме од женско-машки пристапи оти нашата журналистика од Втората светска војна, бележи наплив од активности и „активистки”, врз слободоумни, воспитни и образовни основи, а да обрнеме внимание на современиот пристап, алармантно потребен во време жедно за вистински лекови и мобилна хирургија. Веднаш!
Дали ги забележуваме малите но болни вапаи на Фб и ТВ проследувачи, како и чистата мисла на се помалку размислувачки и уште помалку упатени читатели и гледачи? Не! Сите спијат или би дремнале, апатично или гастрономско бегајќи од заморно теми меѓу кои лесно се препознаваат партиски шкртки, ама и шематизирани високоумности за низ дома, скрибомански релаксација со чуено а не проучено, „вундеркинди” од основно, вљубеници во тешки зборови и парцијални цитати и интернет школи и и?
Конзервативно новинарствување со планетарно нарцисоидно насилие. Бља! Од креативност уште мемоарите да ги стокмат и искривеното родословие. Душманство врз слободоумието и низок, сувопарен ум на разни Це Ка. до кои не би стасале.
Емилија Целаковска, (Ана, Весна, Лидија, Марија…), се во сценариото „Двор” од филмскиот режисер Б.З . кој го напиша во првиот семестар на ФДУ, многу одамна, класа филм, режија: дворот со чешма во средината за сите жители од десетина вратички со по една скала и влез во кујна, што е и спална-СЕ! Нужникот е во дворот, нокширите пред врата, како и наланите и папучите. Кокошките колваат, сандаците со зајаци се детска забава и прехрана, а свињчиња од надворешен ѕид…
Текстовите на Е.Ц. за ловци на елен или зајаци, ми се стуткаа во „Дворов” на, велат, елитна зграда, со папучи пред врата тетовирани обезбедувач и веројатно повеќе камери отколку на времето за „Бен Хур”. Кога го препрочитав и Бдеењето, па тек И.Б. а без да ги додадам моите „фаворити” за Француски предлози, за Бугарите до 1945 г. ,ми се отвори видокругот на Дворот во кои се прибираме и заминуваме, а живееме од ФБ, по некој напис и запис, со многу лаги и без слога за да организираме, барем по еден „Ирски лов на лисици” , текст објавен во серија мои колумни, со љубезност на „Глобус“, во врвната стравовлада на Режимот од 2012г.
Ќе потсетам на прекрасните записи од режисерот (сценарист и глумец) Џон Хјустон кој во пеесеттите се доселил во пра- татковината Ирска, период кога Макартизмот бркаше „вештици” и комунисти (?) низ Холивуд, каков што беше „Големиот диктатор”, Чарли Чаплин.
Но за ловот на лисици беше збор, популарен во Англија, Ирска, Америка…
Тоа била многу сериозно организирана спортска забава а сурова и опасна игра.
Во дотичната грофовија лов се одржувал во вторник, четврток и сабота. Мајсторот давал задачи и команди од вечер да се затрупаат дупките на лисиците по кои од утрина со строги протоколи но и многу бучни придружни, во зависност од успешноста, четириесет коњаници и толку парови на дресирани кучиња, тргаат во специјалната операција на гонење. Грофовијата била предизвик и за јавачите и нивните коњи кои често требале да прескокнуваат високи камени огради и ѕидови на канали.
Членството се плаќа, како и Сместувањето и платата на Мајсторот на ловот, коњушарите, згрижувачките на кучињата. Теренските мајстори се одговорни и за дисциплината на членството кое ги гласа луѓето и одлуките.
Таквата организација и дисциплината, вели Хјустон, можеби се анахронизам. Покрај сите опасности и помори, лисиците умеат и да се извлечат, наместо да бидат труени од фармерите. Тие, лисиците, се и крволочни оти освен за прехрана, убиваат цела живина.
Од друга страна, таа крвава страст бара добри јавачи и способни ловџии. Несреќите и грешките носат и скршеници. Набљудувањето се плаќа со купување качкет за на лов. Еднаш Џон го поканил Морган Мери кој купил цела опрема, но Хјустон кога се вратил го нашол крај каминот со пијачка: Па Морган, што мислиш, како ти се допаѓа ловот?
Мислам дека сите вие сте луди сите сте вон од памет па ни во сон не би ве дружел.
-Во нашава Грофовија, во Дворот чешма и кал, со одводи од садопери и легени, фекалии и отпадоци со крици на семеен дијалог и комшиски расправии, со тресоци и музики , ловот е далечно минато во долините од кај што сме дошле за да правиме плурална економија и демократија. Ние се напикавме во куќичките на арх. Вангел Божиновски сред сала на Собранието а од првиот ден на должност, итаме во маало или село, да не видат од семејството и соседството со убави возила, кои потоа ги гледаме калосани покрај кафулиња.
Ете, едно остро видување, еден повик дека се гледаме и се читаме. Една година и не била многу, ни десетина не се, особено кога шуруваме меѓу себе и си кажуваме што ќе ви правиме?
Етика, естетика, а за Џон Хјустон, треба дарба, работа и витешка храброст. Да, и образ.
Редакции, луфтирајте се. Не е до возраста, до промашеното самочувствие. До чергите во носот и Паланката во главата. Комформистички кукавици.
Што поскоро.
Џон Хјустон, блискиот на Папа Хемингвеј, сметаше дека со дланки не можеш да го фатиш морето-важно е да згазиш во океанот.