Фељтонот за Љупчо Палевски – Палчо, главен осомничен за две грозоморни убиства кои ја потресоа Македонија, ја обелоденува неговата улога како проруски пропагандист во кампањите со дезинформации во последните седум години.
Палчо како гласноговорник во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ против „тиранската платформа“ и за пропагандно оцрнување на Заев, СДСМ и ДУИ
Љупчо Палевски Палчо е гласноговорник во кампањата против „Тиранската платформа“, директно поддржана од Кремљ, и неговите јавни настапи тогаш се користат од пропагандните канали на ВМРО-ДПМНЕ за дискредитација на навестеното парламентарно мнозинство, предводено од Зоран Заев, и за дискредитација на СДСМ.
На пример, во интервјуто од Васко Евтов, „Заев е камиказа на Али Ахмети“, Палевски е претставен како „најголем критичар на работата на Зоран Заев“, а на прашањето „Дали ќе формира ли Зоран Заев влада?“, Палевски одговара: „Тешко, скоро невозможно, математички неизводливо“. Во истото интервју, Палевски дава отворена поддршка на уличните протести кои подоцна кулминираа со насилство во собранието на 27 април, а кои беа поддржани од прапагандата на Кремљ.
Неколку дена потоа, во гостување во радио-емисија кај прорускиот пропагандист Слободан Томиќ, Палевски ќе продолжи со оцрнувачки изјави против Зоран Заев и СДСМ, кои се дисеминирани на пропагандните канали на ВМРО-ДПМНЕ, а во кои се акцентираат зборовите „федерализација“ и „албанската платформа“, кои се клучни изрази во кампањата со дезинформации на Груевски поддржана од Русија.
Палевски: Заев нема стратегија за освојување на власт, „За заедничка Македонија“ ќе добива интензитет
И телевизијата под контрола на Груевски ТВ Нова, на 20.04.2017 реализира интервју со Љупчо Палевски, во кое т.н. „Палчо“ продолжува со пропагандни дискредитации на Заев, Ахмети, СДСМ и ДУИ, кои се ширени преку пропагандните канали на ВМРО-ДПМНЕ, а во кои доминира пораката „Веселата математика на Заев е немање стратегија за освојување на власт“. Во овој период, ТВ Нова прави повеќе прилози со Палевски како гласноговорник против Заев и СДСМ.
И откако новото парламентарно мнозинство избира нов претседател на собранието, Љупчо Палевски продолжува да биде гласноговорник на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, програмата „Гласот на народот“ со Слободан Томиќ на Радио Слободна Македонија, тврдејќи дека „Иницијативата ‘За заедничка и Македонија’ и натаму ќе добие во интензитет, зошто Зоран Заев продолжува да биде генератор за конфликите меѓу Македонците“.
На своите профили на социјалните мрежи, Палевски продолжува активно да шири кампања во корист на Русија, а против Заев.
Палевски се сили под заштита на ВМРО-ДПМНЕ по промената на власта во 2017
По промената на власта, Палевски доаѓа во фокусот на вниманието на јавноста откако е приведен по барање на СЈО, како што неофицијално наведуваат медиуми, за објавување на прислушуваните разговори на Јутјуб. По неговото проведување, јавно реагираше ВМРО-ДПМНЕ преку гласноговорникот Орце Ѓорѓиевски (актуелен градоначалник на Кисела Вода), застанувајќи во негова одбрана со аргументот дека СЈО нема легитимитет да отвора нови истраги, туку ОЈО.
Охрабрен од поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, Палевски почна јавно да му се заканува со шамар на новинарот Бранко Героски: „Доста беше за Герица пљуканица; Кога ќе го сретнам ќе лапа шамар, лично, со селфи“. По оваа закана, откако Героски го информира дека ќе го чека Палевски пред скопскиот локал „Манда“, Палевски му истура боја на Геровски, што беше посебно акцентирано во медиумите под контрола на Груевски, како ТВ Нова.
На своите профили на социјалните мрежи, Палевски продолжува активно да шири милитантна кампања за промоција на воените капацитети на Русија.
Палевски шири дезинформации во полза на Груевски и по дебаклот на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори 2017
И по првиот круг од локалните избори во 2017, кога ВМРО-ДПМНЕ предводено од Груевски доживеа историски дебакл, како гласноговорник на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ повторно се јавува Палевски, кој шири пропагандни дезинформации дека имало „брутален фалсификат на записници на самите изборни места“.
И по катастрофалниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ, Палевски продолжува со политички предвидувања во корист на Груевски, тврдејќи дека на следните претседателски избори во 2019 ќе имало „меч“ помеѓу Црвенковски и Груевски.
На својот фејсбук профил, Палевски продолжува со оцрнувачки статуси против Заев, за на крајот на 2017 година да тврди дека „долгорочен МИР на Балканот ќе има кога Македонија ќе граничи со Турција и Русија“. Кратенката МИР е ознака за „Македонија и Русија“.
Накусо, во текот на целата 2017 година, Љупчо Палевски Палчо не е само гласноговорник во кампањите на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, туку е и промотор на милитантната империјалистичка политика и пропаганда на Русија на Балканот.
Во истиот период, Палевски е под директна заштита на ВМРО-ДПМНЕ, која ги објавува и шири неговите изјави на партиските пропагандни канали.