ДЕФИНИЦИЈА
Трол е сленговски израз за лице што објавува, односно дистрибуира инфламаторни, навредливи и лажни содржини на интернет (социјални мрежи, блогови, „соби“ за разговор итн.) или во реалниот живот, во јавниот простор.
ЕТИМОЛОГИЈА
Именката „трол“ е англиски збор (troll) и значи грдо џуџе или џин. Употребата датира од 1610 година и потекнува од старонордискиот збор „трол“ што значи џин или демон. Зборот ги означува троловите во скандинавскиот фолклор и детските приказни: асоцијални, кавгаџии и суштества кои бавно размислуваат. Тие им го отежнуваат животот на патниците. Троловите постојат во фолклорот и фантастичната литература со векови. Онлајн тролањето постои онолку долго колку што постои Интернетот.
ЦЕЛИ НА ТРОЛОВИТЕ
Целта и намерите на тролот се да испровоцира емоции на омраза и/или страв, како и да манипулира со перцепцијата на другите. Понатаму, целта на тролањето е да се нарушат онлајн активностите на ривалот или намерно да предизвикуваат конфузија или штета на другите корисници на интернет.
ОРГАНИЗИРАЊЕ
Тролот не мора да биде дел од организирана пропагандна структура. Сепак, ефектите од дејствувањето на тролот ги користат организираните структури кои спроведуваат пропаганда на интернет и во јавниот простор. Во секој случај, троловите често се дел од групи на истомисленици, најчесто поврзани со политички партии. Во одредени случаи се дел и од организирани групи што функционираат според корпоративни принципи (трол фабрики).
МАЛТРЕТИРАЊЕ
Интернет тролањето често се поврзува и со онлајн малтретирањето. Најчесто, тролањето содржи пораки со говор на омразата и повици на насилство или пораки што може да предизвикаат говор на омразата и насилство.
ОНЕВОЗМОЖУВАЊЕ
Тролањето, исто така, може да се употреби и за внесување метеж во комуникацијата за да се оневозможи нормалното следење на содржините на интернет. Тие, едноставно, ја оптоваруваат комуникацијата со непотребни и бесмислени пораки и содржини.
ПСИХОПАТОЛОШКИ САДИЗАМ
Психопатолошкиот садизам се вообичаени меѓу троловите на интернет, според психолозите. Некои, пак, тврдат дека голем дел од интернет троловите ни самите не веруваат во контроверзните ставови што ги пласираат онлајн.
СПРАВУВАЊЕ
Најчестиот совет од експертите е троловите да се игнорираат, бидејќи, ако ништо друго, тие уживаат во провоцирање. Најчесто, овој начин на справување се формулира како – „Немојте да ги храните троловите!“ Други сметаат дека игнорирањето е неефективен начин на справување со троловите на интернет.
Подготви: Џ. Д.
Извор: ЦивилМедиа