Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

(Не)толеранција на нетолеранцијата

Како Црквата да остане верна на своите ставови без да ги загрози другите права и како другите права да се реализираат без да ги загрозат ставовите на Црквата? Како еден од можните одговори е функционална демократија во која ќе постои меѓусебно граѓанско уважување на ставовите. Тоа што е вистина за едните е невистина за другите и обратно (те оттука еднакво бесмислено е да се обвинува црквата за ширење невистини и дезинформации). Но помеѓу едната и другата вистина ќе мора да се сретнеме во дијалог, зошто ниту едните ниту другите го посакуваат страданието на својот ближен.

Илина КАЦХИНСКЕ*

Изминативе денови имавме прилика да прочитаме мноштво ставови околу актуелните Закони за родова еднаквост и матична евиденција кои или ги подржуваа потенцијалните промени или ги осудуваа. Тоа што е заедничко кај сите изнесени ставови во одбрана на законот е токму осудата кон Црквата и традиционалните вредности како и повик за нетолеранција и цензура.

Догмите и традиционалните вредности

Да се критикува Православната Црква на основа на догмите која ја сочинуваат е апсурдно. Доколку ги нема своите неменливи вистини или пак ги смени, таа нема да биде тоа што е. Ќе се преобрази во нешто друго. Сите верски заедници имаат свои догматски формулации. Догма е животен став којшто произлегува од опитот на луѓето. Црковните догми не се схоластички формулации изготвени ex Cathedra, туку животни ставови кои историски се појавувале како реакција на учења спротивни на животот на Црквата. Слободниот човек или верува во нив или не верува. Доколку верува, целиот свој живот го заснова околу нив и тие ставови стануваат негов начин на живот. Секако дека ова е идеалот и сите поединци не се наоѓаат на исто скалило, како што и е точно дека поединци го користат овој светоглед за други профани цели. Да се земе црковниот светоглед како основа за навреди било и ќе биде за осуда! Доколку не верува, човекот гради еден нов систем на вредности оптимално различни од оние догматските на Црквата. Но, во овој контекст, традиционалните вредности се напаѓаат под изговор дека сеат насилство, подреденост, омраза, неприфаќање, наспроти новите вредности на љубов кон другиот, прифаќање на различностите, неускратување на нечие право да се реализира како милува.

Но, на што се темели новиот систем на вредности? Од каде човекот црпи морални вредности кои го дефинираат неговиот светоглед и кои се труди да ги пренесе на следните генерации? Да ја земеме за пример Универзалната декларација на човекови права. Член 3 вели дека секој има право на живот, слобода и сигурност, Член 16 вели дека семејството е природна и основна ќелија на општеството и има право на заштита од страна на општеството и државата, додека пак Член 19 вели дека секој има право на слобода на мислење и изразување. Ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите.

Прво, начелата во оваа декларација не се очигледни само по себе, ниту пак логички изведени од некој кохерентен систем. Кој и зошто ни го дава правото на слобода? Зошто да се биде слободен е основно човеково право? Зошто токму семејството е означена како природна и фундаментална единка на општеството и кој или што е тоа што го доведува овој исказ на ниво на неменлива вистина? Всушност, сите овие начела се исто така догматски како и оние на црквата. Оттука, да се обвинува црквата дека се темели на свои ставови, а притоа да се има свои догми кои се слично метафизички е бесмислено. Можеби една од разликите е дека првите се неменливи вистини, а вторите се променливи вистини.

Второ, кога би сакале да го одредиме потеклото на овие начела, несомнено ќе стигнеме до системот на традиционални вредности.  Гореспоменатите нови вредности не се иновативни сами по себе, туку праисконски, кои БИЛЕ и ЌЕ БИДАТ. К. С. Луис ја обработува токму оваа тематика во неговата философска, не христијанска како што самиот вели, книга „Укинување на Човекот“. Во неа Луис образложувајќи тврди дека во сите големи цивилизации постоеле системи на вредности кои имаат универзални карактеристики кои се општочовечки и објективни. Го користи терминот Тао (Природен закон, Традиционална моралност, Патот) кој се однесува на доктрината на објективна вредност според која „некои ставови се навистина вистинити, а други навистина погрешни. Оние што го познаваат Тао-то знаат дека да ги опишеме децата како прекрасни или старите како почитувани не е само запис на психолошки факт за нашите родителски емоции кон потомството во моментот, туку и препознавање на квалитет кој бара од нас одредена реакција, независно дали ја изразуваме или не“. Образованието, воспитувањето и целокупното суштествување, според него, треба да биде во склад со доктрината на објективна вредност. Кога живееме во и се раководиме од Тао-то тогаш некои наши емоции може да бидат во согласност со разумот, на пример кога имаме позитивни чувства кон она што изискува одобрување, или пак да не бидат во согласност со разумот, на пример кога на рационално ниво знаеме дека потребни се позитивни чувства кон нешто но ги немаме. Те така, емоциите сами по себе не можат да бидат суд, но може да бидат разумни или неразумни доколку се во склад со разумот или пак не. Како што ќе каже Луис, „срцето никогаш не го заменува умот, но може, и треба да му се покорува„.

Понатаму, можеме да кажеме дека исконските вредности за кои зборува Луис се нешто што постои надвор од категоријата време и место и што секој човек го носи во себе. Потсетува на моралната вертикала кон која секој вистинољубив човек се стреми да стигне, а која универзално ги содржи вечните вредности како што се почит, љубов кон ближниот, грижа кон родителите, старите, предците, децата, болните, праведност, вистинољубивост, милост. За христијаните моралната вертикала е Христос кој не го пропишува моралот, туку е негово отелотворение.

Кога традиционалните вредности се напаѓаат, имплицитно се подразбира дека аргументите кои се користат против нив треба да произлезат од еден нов систем на вредности, бидејќи ако отфрлиме само дел од традиционалните вредности, тогаш зошто не сите? (А, ако не сите, тогаш зошто само некои?). Црквата се обвинува дека има свои ставови и дека не ги љуби сите подеднакво, но и другата страна има свои ставови и не ги љуби сите подеднакво, а сепак смета дека е морално супериорна. Значи, иноваторот на нов вредносен систем ги напаѓа традиционалните вредности со аргументи кои произлегуваат токму од универзалниот систем на традиционални вредности. И додека традиционалниот систем на вредности се базира на доктрината на објективна вредност, врз што се темели новиот систем на вредности? Ова што се случува не е ново. Дискурсот е тој: закоравените традиционални вредности понудени од религијата и метафизичките верувања да се искоренат за основните човекови вредности да се придобијат. Но излегува дека новите вредности се исто толку метафизички колку и оние кои придонесуваат за „закоравен“ догматски светоглед.

Толеранција

На панел-дискусијата на тема „Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост“, одржана од Институтот за медиуми и аналитика ИМА од Скопје, панелистите не само што беа едногласни во нивниот став дека Црквата со своите ставови ги прекршува основните човекови права, туку и отидоа чекор понапред и предложија ваквите директни или индиректни наративи на Црквата да бидат изземени од медиумите со цел спречување на невистини, дезинформации и говор на омраза.

Почнуваме да ја живееме поперовата идеа за отворено општество според која општеството треба да биде нетолерантно кон нетолерантноста (Попер, 1945). Но, кога нечија нетолерантност претставува опасност? Самиот Попер е внимателен да каже дека не секоја нетолеранција треба да се сузбие, но само онаа која се брани со „тупаници и пиштоли“. Црквата ги брани своите ставови не преку угнетување на туѓото право, туку преку стоење зад својата вистина. Иако Законите сами по себе не ги засегаат правата на децата и односите во семејството, начелата кои произлегуваат од овие закони отвораат бесконечно многу прашања кои се однесуваат на човековите права и кои наметнуваат еден нов начин на постоење. На пример, ако возрасни личности имаат право да го сменат својот пол бидејќи таа промена е во нивен најдобар интерес, тогаш зошто тоа не би било дозволено за малолетни лица? Понатаму, ако оваа транзиција е дозволена за малолетни лица до каде ќе можеме да ја намалуваме возрасната граница? И, ако постои дискрепанција помеѓу тоа што детето милува и тоа што родителот смета како правилно, зошто не би се дозволила таа транзиција штом е во негов најдобар интерес? Тука  веќе навлегуваме во суверенитетот што го има секое семејство, но кој веќе во некои реторики почнува да се релативизира. Последнава точка заслужува и се надевам ќе добие релевантно образложение. Но, и без овие прашања за да се осврнеме кон „невистините“ и  „дезинформациите“ за кои се обвинува Црквата, доволно е да видиме што се случува во останатите држави. На пример, тука може да се погледне како една од опциите за човекови права во земјите од Европа во врска со менување на полот е непостоење на возрасна граница. Но, земјите кои во последните 5 години беа водечка сила за правата на малолетни трансродови лица веќе почнуваат да се враќаат назад со објаснување дека третманите кои се користат за оваа цел не се научно поткрепени (повеќе може да се прочита тука). Не е никаква тајна дека додека ние расправаме за можноста на менување на пол на возрасни личности под изговор дека тоа е неприкосновено човеково право, други држави веќе го дополнуваат ова основно човеково право да ги вклучи и малолетните деца со или без согласност од нивните родители. Можеме да оставиме на нашата имагинација колку и како ќе метаморфозираат основните човекови права да речеме за 100 години.

Да се вратиме на поперовиот принцип на толеранција, кога би се залагале за нетолеранција на нетолеранцијата, зарем тоа само по себе нема да нѐ одведе кон еден тоталитаризам во кој владее едномислие, а различната мисла се цензурира? За разлика од панелистите, Попер не повикува на тотално обезгласување и режимска цензура на нетолерантните, туку на вербална борба наоружана со разумни аргументи. Нетолеранција се охрабрува само во случај кога другата страна не е спремна за дебата. Во еден таков свет, доколку ја застапуваме идејата за нетолеранција на нетолеранцијта, на дебати како што се Christopher Hitchens vs. Douglas Debate at Westminster и потенцијално други никогаш нема да им дадеме простор да се реализираат и следствено никогаш нема да дознаеме што ќе можевме од нив да научиме.

Главното прашање е како Црквата да остане верна на своите ставови без да ги загрози другите права и како другите права да се реализираат без да ги загрозат ставовите на Црквата? Како еден од можните одговори е функционална демократија во која ќе постои меѓусебно граѓанско уважување на ставовите при што секако е отфрлено целосно обезглавување на досегашниот човек и неговата историја.

И двете страни имаат свои ставови. Тоа што е вистина за едните е невистина за другите и обратно (те оттука еднакво бесмислено е да се обвинува црквата за ширење невистини и дезинформации). Но помеѓу едната и другата вистина ќе мора да се сретнеме во дијалог, зошто ниту едните ниту другите го посакуваат страданието на својот ближен.

Користена литература:
Lewis, C. S. (2001). The abolition of man. Zondervan.
Popper, K. (1945). The Open Society and Its Enemies. Abingdon-on-Thames, United Kingdom: Routledge.

*Илина Кацхинске е доцент на Катедрата за странски јазици на Универзитетот Американ Колеџ Скопје каде предава предмети од областа на англистиката и применетата лингвистика. Главен интерес на нејзините истражувања е тематиката на експлицитното и имплицитното учење и предавање, индивидуалните когнитивни фактори како надареност за изучување на втор јазик и работна меморија, и нивната улога при изучување на втор јазик.

** Изразените мислења се приватни и НЕ претставуваат ОФИЦИЈАЛНО гледиште на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

*** Мислењата и ставовите во оваа анализа се на авторката не ги одразуваат позициите на Рацин.мк, ниту на основачот. Текстот е пренесен во име на слободата на изразување и правото на различно мислење како принципи што ги негува порталот.

Најново