Заканите што го инструираат и извртуваат информирањето и ги лишуваат граѓаните од точни и проверени информации не се ризици само за новинарството, туку и за функционирањето на демократијата и за развојот на едно отворено и слободно општеството.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Хроничарите на цивилизациските процеси, историчарите и социолозите, многу добро ги познаваат шемите и трендовите на општествените текови кои се појавуваат после сериозни трауми низ кои поминуваат државите и стресовите какви што се војните, катаклизмичните природни катастрофи или фаталните глобални епидемии. Денес во услови на исклучителен технолошко-комуникациски напредок, инструментите и методологиите за препознавање, утврдување и класифицирање на овие општествени „шеми“ според својствените индикатори се многу прецизни и ефикасно даваат јасна слика во кои насоки се движат општествените процеси.
Пандемијата со ковид-19 и војната во Украина, како две светски кризни ситуации повлекоа и други сериозни последици и закани како што се глобалната криза со храна, енергетската и финансиската криза. Сето тоа предизвика несигурност од глобален аспект којашто многу брзо се префрли во национални рамки и зафати огромен број земји.
Овие длабоки кризни ситуации на општествената сцена во голем број земји ги поттикнаа притаените сили на авторитарната матрица. Земјите, пак, коишто и претходно беа препознавани како автократии дополнително го засилија авторитарното владеење со оправдување дека „кризните времиња бараат кризно управување“.
Во Индексот за трансформација на општествата на фондацијата Бертелсман објавен минатата година е констатирано дека на нивната листа има најголем број автократски управувани држави во споредба со демократските, последниот извештај на Фридом Хаус за 2023 година ја најавува оваа година како пресвртница во борбата на демократијата и слободата сепак да бидат „во мнозинство“ во светот.
Според овој индекс на слободата, минатата година дури 34 земји напредуваа на листата, а бројот на земји со пад на слободата изнесува 35 и тоа е најмала разлика во последните 17 години откако светот почна да регистрира опаѓање на политичките права и слободи.
Меѓу 34-те земји кои напредуваа на овој план се наоѓа и Северна Македонија којашто минатата година имаше 67 од 100 можни поени, а оваа е за едно место погоре на листата со 68. Земјата е сѐ уште во групата делумно слободни земји, но ѝ недостасуваат уште 2 поени за да биде сместена во земјите со полна слобода според оваа методологија.
Напредокот на Северна Македонија е забележан и во Индексот на демократијата за 2022 година на „Економист“. На овој индекс земјата веќе втора година е во групата „демократии со недостоци“ (flawed democracies), откако во 2020 година се „извлече“ од земјите со „хибриден режими“ каде што беше како последица авторитарното владеење на пранешниот премиер Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беше период кога Северна Македонија го доби „приврзокот“ „заробена држава“.
И тогаш, а и сега, два од индикаторите кои најчесто се мерат за да се утврди на која страна од јазичето на вагата меѓу демократијата и недемократските владеења се наоѓа една држава се новинарството и граѓанското оппштество.
Повеќе криза за помало учество на граѓаните
Светот денеска не се дели според идеолошки блокови според шемата од средината на минатиот век, односно од перидиот на „Студената војна“. Денес светот се дели на земји кои припаѓаат во групата слободни и демократски држави или во групата заробени и авторитарни општества.
Северна Македонија се препознава како земја којашто припаѓа во првата група и треба сѐ да се направи да остане таму и да учествува во процесите, да креира трендови кои наспроти авторитарните тенденции, тргнува од реалните состојби и од оптимизмот дека, наспроти сите закани, демократијата сепак ќе преовладее.
Како што беше споманто погоре во овој текст, два столба на кои се креираат и издигнуваат отворените и демократски општества се граѓанското општество и медиумите.
Според истражувањето „Граѓанското учество во Република Северна Македонија 2020 – 2022“, глобалните трендови се препозанаваат и во Северна Македонија и оттаму се констатира дека вклученоста на граѓаните во граѓански иницијативи бележи тренд на опаѓање. Ако во 2020 година 20% од населението учествувале во некаков вид граѓански иницијативи за подобрување на општеството, во 2022 година само 11% од граѓаните учествувале во ваков тип граѓанско учество.
Она што треба да го задржи вниманието на аналитичарите, на општествените институции и граѓански организации со мисија да ја јакнат граѓанската партиципација, е сознанието дека граѓаните како причини за неучеството во овие процеси ги наведуваат базичните причини за кои мислевме дека веќе одамна се надминати. Оттаму зачудува кога како најчести причини за малата ангажираност во граѓански иницијативи се (1) тврдењето на граѓаните дека немаат доволно информации и не се запознаени со ваквиот вид инцијативи; (2) немањето време и/или интерес да се вклучат во граѓански инцијативи и (3) недовербата дека нивното учество ќе направи разлика за решавање на проблемите.
За да биде парадоксот уште поголем свој придонес дава и податокот дека на мотивираноста на граѓаните да ги искористат конкретните механизми за граѓанско учество е најголема за време на изборните кампањи.
Ова сознание оди во прилог на општата констатација дека Северна Македонија е општество со предоминација на политиките што ги креираат и диктираат политичките партии низ институциите на системот.
Функционирањето на граѓанското општество е клучен показател за демократската клима во земјата, а кога тоа е загрозено – доведен е во прашање и напредокот на земјата, како и нејзиното приближување до Европската Унија. Тоа звучи како флоскула, ама сега кога е во тек скринингот на нашиот општествен систем кој го вклучува и граѓанското организирање и учество, станува важно прашање.
Затоа треба да се направи сѐ што е можно за да се промени статистиката која вели дека нешто повеќе од седум од десет граѓани сметаат дека воопшто не можат да влијаат врз одлуките што се носат во Република Северна Македонија. Со цел да имаме поголем процент на учество или активно граѓанство и граѓанско учество, нужно е граѓаните да почувствуваат дека можат да влијаат врз одлуките што се носат во нивната општина или во државата.
Слободно новинарство за слободно и отворено општество
Во индексот на Економист за 2022 година, Северна Македонија е на 72 место, односно едно место погоре од 2021 година. Во споредба со 2020 година кога беше рангирана на 78 место од 167 земји во 2022 година земјата бележи скок од шест места.
Според критериумите по кои се врши рангирањето, Северна Македонија во четири од вкупно пет категории има оценки над просечната од 5.29 индексни поени. За 2022 година останува најдобра во делот на изборен процес и плуразлизам каде што од 7.42 индексот во оваа категорија порасна на 7.83 и бележи континуиран напредок.
Натпросечно сме подобри и во „Функционално владеење“, иако е забележан пад на вредноста, во „Политичка партиципација“, како и во категоријата „Граѓански слободи“, каде што пак, „Економист“ нотира одреден напредок.
За жал, и во 2022 година најслаб „скор“ државата има во категоријата „Политичка култура“.
Оттаму и одговорноста за обликување на политичката култура треба да ја лоцираме кај политичката елита во партиите, собранието, владата и локалната самоуправа, на медиумите, нивните уредници и новинари, и секако, на нашето однесување на социјални мрежи.
Секако, со оглед на времето во кое живееме, социјалните медиуми и мрежи се исто така фактори коишто треба да се имаат предвид кога се анализира амбиентот и квалитетот на политичката култура.
Според Светскиот индекс на медиумски слободи за 2022 година објавен од Репортери без граници, во светот се случува поларизација на медиумскиот простор, интензивирана од информацискиот хаос што произлегува прво од глобализираниот и нерегулиран онлајн информативен простор, а потоа и од последиците на овој план којшто ја предизвикува „вонредната состојба“ предизвикана од пандемијата и од војната во Украина. И од двете кризи произлегуваат последиците како што е „пандемијата“ од лажни вести и пропаганда.
И во вакви глобални услови со сите последици патем, според индексот за слобода на медиумите Репортери без граници за 2022 година Северна Македонија бележи скок од 33 места, односно од 90 во 2021 година на 57 место во 2022 година.
Од друга страна, дури и ако се земат предвид непримерните и за секоја осуда пројавените инциденти во комуникацијата на избраните политичари со новинарите, според последната достапна студија на Здружението на новинарите „Северна Македонија – Показатели за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите во 2021 година“, бројот на тужби за клевета и навреда кон новинари и медиуми е многу намален откако е декриминализирана клеветата и навредата.
Така, се констатира во студијата, за разлика од 2012 година, кога биле регистрирани 330 тужби, во 2016 година имало 40, во 2017 година 39, а во 2020 година 33 предмети во кои странка е новинар или медиум.
Според податоци од Основниот граѓански суд Скопје, вкупниот број активни предмети во кои како странка е новинар или медиум во 2021 година изнесувал 20.
Во текот на 2022 година ЗНМ нема регистрирано завршена постапка или процес во кој бил осуден некој новинар или била изречена каква било казна. Тоа покажува дека клеветата и навредата сè помалку се користат како инструмент за притисок врз новинарите и медиумите.
На глобален план во последните 30 години убиени се 2,658 новинари, а во моментов 235 новинари се во затвор. Во Македонија за среќа не бележиме фатални ситуации, но длабоко поделената јавност, во која преовладуваат говорот на омраза и вербално насилство создава атмосфера во која новинарите и медиумските работници се изложени на сериозен ризик.
Но, дури и во таква ситуација слободата на медиумите нема алтернатива за отпорно демократско општество во кое одговорното, етичко и квалитетно новинарство се единствениот одговор против малициозните фабрики за лаги, без разлика дали доаѓаат од квазимедиумски платформи или од политички и бизнис центри на моќ.
Заканите што го инструираат и извртуваат информирањето и ги лишуваат граѓаните од точни и проверени информации не се ризици само за новинарството, туку и за функционирањето на демократијата и за развојот на едно отворено и слободно општеството.
* Текстот „Отпорни новинарство и граѓански организации за отпорно општество“ е адаптирана верзија на анализата „Резилиентно новинарство и граѓански организации за отпорно општество“, објавена во списанието „Предизвици“ на Фондацијата Фридрих Еберт.